Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ИНТЕРВЈУ Дуња Иванова: Музиката е светот во кој припаѓам, но пишувањето и спортот ја обликуваат мојата стварност

Дуња Иванова е концертна пијанистка, наставничка, докторка на науки за естетика и државен првак во сите велосипедски дисциплини во кои се натпреварувала последниве три сезони.

Иванова магистрирала на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано, а магистрирала и докторирала на катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Дуња во разговорот за Фронтлајн вели дека музиката е светот во кој припаѓа, но пишувањето и спортот ја обликуваат нејзината стварност, „но ако треба да се идентификувам само со едно нешто, тоа би била мојата улога на мајка на две прекрасни деца“, потенцира Иванова.

Таа ни открива како од секојдневна навика, љубовта кон велосипедизмот добива нова димензија, за сега, активно да се натпреварува во четири дисциплини: планински и друмски велосипедизам, хронометар и вело крос.

Дуња е првата натпреварувачка од Македонија која се пласира и учествуваше на Светското вело-првенство во Глазгов.

Во разговорот за Фронтлајн, Иванова говори за искуството од Глазгов, за успесите на домашните и меѓународни натпревари, за тоа дали и како е поддржан женскиот спорт во државата, а ги најави и претстојните настапи на музички план.

Какво беше искуството од Светското вело-првенство во Глазгов?

Дуња Иванова: Глазгов беше центарот на светот за сите вљубеници во велосипедскиот спорт и посебен предизвик за светската натпреварувачка елита. Амблемот сепак, во знакот на подемот кој се случува во женскиот спорт глобално, беше токму бројноста на натпреварувачките кои ја надминаа машката категорија. Тоа што на првенството учествуваа претставници од буквално сите краишта на светот и тоа што особено присутни беа и најмаргинализираните земји зборува за фактот дека покрај борбата за врвни резултати, ваквата спортска сцена значи да се биде видлив, да се биде тука и сега. Нашата цел како тим, заедно со Дејан Новковски, Љубиша Кондев и Огнен Бражански, настапот на ваков престижен настан беше отворање на една нова перспектива за момчињата и девојчињата кои допрво влегуваат во спортскиот свет. Апсолутно посветено од самиот зародиш на идејата и од аспект на тренажниот процес но посебно од аспект на обезбедување на сите предуслови кои во голема мера значат финансиски предизвик за реализација на ваков подвиг, горди сме да кажеме дека успеавме. Вниманието кое нашата приказна го заслужи од медиумите, новинарите и спортските работници во служба на промоција на македонскиот спорт е нешто кое за нас беше фасцинантно. Оттаму, отворени се нови хоризонти и можности чија реализација се наѕира веќе следната сезона.

Од Кога почна активно да се занимаваш со велосипедизам и колку дисциплини возиш?

Дуња Иванова: Велосипедот е дел од моето секојдневие уште од најраното детство, нешто што како навика го наследив од мојата мајка. Изминативе три години сепак, како член на Велосипедскиот клуб Енерџи, таа љубов кон велосипедот доби нова димензија. Станува збор за поинаков пристап кој подразбира секојдневно посветување кон сериозни тренинзи кои ме доведоа до уште посериозни сцени за натпревари и перформанси. Активно се натпреварувам во четири дисциплини, планински и друмски велосипедизам, хронометар и вело крос.

Кои се успесите досега на домашни и меѓународни натпревари?

Дуња Иванова: Во изминатите три натпреварувачки сезони успеав да се стекнам со титулата на државен првак во сите дисциплини во кои сум земала учество. Посебно сум горда со три успешно завршени етапни натпревари во планински велосипедизам, 4 Острови во Хрватска и Wild bear во Србија каде заедно со Љубиша Кондев во категоријата мешани парови го заслуживме сребрениот медал. Тука се и бронзениот медал од натпреварот означен со највисок ранг на крос кантри натпревари- УЦИ Ц1- Филип Вагнер во Нови Сад, златниот медал на искачувањето на Орјен во Црна Гора, златниот медал на крос кантри трката во Никшиќ, петтото место на Балканијадата во Босна и Херцеговина и шестото во Грција, учеството на Европското првенство во Нови Сад и сега најсвежо, подвигот на Светското првенство во Шкотска.

Го помага ли државата вело-спортот, поготово во женска конкуренција, какви се твоите искуства?

Дуња Иванова: Моето искуство секогаш поаѓа од личната идеја и иницијатива. Во сите области во кои се вложувам тргнувам со цел која би сакала да е долгорочна, не само моментална. Поддршка имало за голем број спортисти и верувам дека тоа ќе оди во нагорна линија. Она за што треба да се зборува и да се делува, и што генерално недостасува во општеството, тоа е систем на вредности и стратегија која веројатно треба да се обмисли сега за да функционира за децата кои допрва ќе се родат. Не можеме вечно прстот да го вперуваме во државата затоа што можностите со кои располагаме се тие какви што се во моментов. Но, она што можеме да го направиме е да тргнеме од себе, од матичните клубови, преку анимирање и мотивирање на приватниот сектор да обезбедиме поддршка на индивидуалните спортови како најзасегнатите. Државата пак има обврска да обезбеди соодветни услови за тренинг и развој на децата, но патот до елитната сцена е долг, макотрпен и прилично скап. Сепак, пред сè, она на што суштински треба да се работи, тоа се меѓучовечките односи кои дури еве и во спортските кругови се доведени до распад. За жал, предзнак на ова општество е болката од гледањето на туѓата среќа како што Аристотел ја дефинира поттикната од ,,оние што го имаат она што ние треба да го имаме”.

Што е Дуња Иванова, пијанистка, велосипедистка, автор…?

Дуња Иванова: Музиката е светот во кој јас припаѓам, но пишувањето и спортот ја обликуваат мојата стварност. Ако треба да се идентификувам со само едно нешто, тоа би била мојата улога на мајка на две прекрасни деца, Дарин и Дима.

Иванова е автор на книгите ,,Рецепцијата на музичкото дело во естетичките теории на 20-от век“ (2016), „Естетското доживување на музиката“ (2010), на публикациите „Мултиапликативната примена на музиката во образовниот процес кај децата“ (2010) и „Децата и музиката во виртуелната реалност“ (2012).

За 13 септември Дуња Иванова го најави нејзиниот следен концерт за соло пијано посветен на музиката на Ханиа Рани, што ќе се одржи во Камерната сала на Филхармонија.

Јане Ѓорѓиоски (Фронтлајн)

Треба да знаете
Moже да ве интересира