Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ИНТЕРВЈУ Елеонора Венинова: Слично како и во моите сценарија, и во мојот приватен и професионален живот не сум љубител на толпи

Со премиерата на нејзиниот прв долгометражен игран филм „Преекспонирано“ (Things Unsaid е англискиот наслов), режисерката и сценаристка Елеонора Венинова заокружува еден период од нејзиниот живот и кариера. По студиите по новинарство во Скопје Венинова магистрираше филмско сценарио на Универзитетот Нортиџ во Калифорнија, САД (California State University Northridge).

Нејзината филмографија содржи неколку успешни кратки играни и анимирани филмови, како и сценаристичко и режисерко учество во речиси сите македонски ТВ серии од поновата продукција. Во „Преекспонирано“, со актерите Благој Веселинов, Камка Тоциновски и Сара Климоска во главните улоги, Венинова раскажува сторија за брачна двојка која престојува во викенд куќа во Охрид, но нивниот мир и брачна „идила“ се нарушени од пристигнувањето на тинејџерка која е ќерка на нивни блиски пријатели, па сопружниците ќе се доведат во ситуација да си ги преиспитаат односите и емоциите. Филмот е снимен во екот на пандемијата со Ковид-19 пред две години, секако со запазување на сите здравствени протоколи.

„Преекспонирано“ имаше светска премиера во официјалната натпреварувачка програма на Cairo International Film Festival, Египет, во ноември 2022 година, а годинава учествуваше и фестивалите Pune International Film Festival, Индија, Dolina Miru KinEst Fest, Италија, Eurazja Film Festival, Полска…

Стојан Синадинов

И Вашиот дебитантски долгометражен игран филм, слично како во претходните успешни кратки играни филмови, драмската ситуација ја гради околу судирот, конфликтот во семејството или меѓу луѓе што се роднински-пријателски-комшиски блиску поврзани. Нема потреба да излегувате од тој круг на антагонизам?

Вашата забелешка е мошне интересна. Искрено, го немав забележано тоа, или барем не би го кажала на таков начин. Би рекла дека моите филмови се интимни и камерни, и ги истражуваат маѓучовечките односи и психологијата на ликови кои се соочуваат со некој конфликт, во себе или со некој близок до себе. Но, точно е дека ме интересираат односи меѓу блиски луѓе, односно луѓе кои се во некаква интимна (љубовна, семејна или пријателска) врска затоа што влогот во тие врски е најголем. Односите со луѓе кои не ги знаеме најчесто не се толку интезивни затоа што не го носат истиот емотивен набој како врските со луѓето кои ни се блиски. Во она што го пишувам во моментов има елемент на општествено-социјален конфликт, така што можеби и ќе излезам од овој круг.

Повторно слично како и во вашите кратки форми, сторијата најчесто ја градите на односите меѓу два-три карактери. Колку тој минимализам е предност, а колку маана?

Па, има аспекти кои се органичувачки и ја отежнуваат работата, но истовремено носат и многу предности. Кога имате малку ликови на мал број локации постои опасност од монотонија и заситување на гледачот од ликовите и/или локациите. Истовремено, предизвикот да напишете добри дијалошки сцени, па и добри визуелни сцени е уште поголем, но тоа ве тера да го извадите максимумот од себе и од тие драмски ситуации. Предноста е што кога имате помалку ликови, имате повеќе време да работите со актерите на градењето на тие ликови, а тоа е процес кој мене ми е многу драг затоа што, слично како и во моите сценарија, и во мојот приватен и професионален живот претпочитам комуникација и градење врски со мал број луѓе и не сум љубител на толпи, масовни собири и ситуации во кои треба да се бавам со многу луѓе во исто време.

Колку е (не)удобно создавањето филмски приказни од своевидната „Прокрустова постела“: некоја живописна сторија да ја компримирате во краток филм во времетраење од 5 до 20 минути, а друга иницијална идеја да ја развивате и „билдате“ до приказна од 90 минути?

Ова ми беше поголем проблем на почетокот на кариерата, кога можеби немав толку добар осет која приказна може и треба да се спакува во краток филм, а која едноставно мора да биде раскажана преку долгометражен филм. Сега сум многу подобра во тоа, и уште кога во главата ќе ми се искристализира некоја идеја знам дали е за краток или долг филм, или можеби и серија, доколку има многу наративни линии, повеќе ликови и испреплетување на различни теми.

Ако во минатото македонската кинематографија, речиси без исклучок, се потпираше на веќе објавени книжевни и поставени драмски дела како сценаристичка предлошка, новата генерација филмски автори, во кои спаѓате и вие, најчесто сами си ги пишува сценаријата. Порано немало доволно сценаристи, или денес нема инспиративни книжевни и драмски текстови?

Хм, ова е интересно прашање на кое, искрено, не сум размислувала. Не би рекла дека денеска нема инспиративни текстови, баш напротив, мислам дека македонската книжевност доживува еден навистина убав период кадешто многу наши автори се читаат и се преведуваат на странски јазици. Можеби е полесно за режисерите да тргнат од сопствена идеја и приказна отколку да адаптираат нечија туѓа, затоа што адаптацијата носи и огромна одговорност кон авторот на книжевното дело и секогаш се поставува прашањето колку може и треба да отстапите од оригиналното дело. Можам за себе лично да кажам дека претпочитам сама да си ги пишувам сценаријата затоа што имам многу приказни за раскажување, темите најчесто ги бирам од моето лично искуство и потребно ми е да имам силна емотивна врска со темата и ликовите за да можам да направам добар филм. За волја на вистината, баш во моментот препрочитувам еден македонски роман кој мислам дека би бил одличен филм (повторно камерен, секако) и баш се прашувам дали би можела јас да ја направам таа адаптација.

„Преекспонирано“, меѓу другото, е своевидна ода, суптилен есеј за фотографијата. Каква беше соработката со кинематограферот Лев Предан Коварски од Словенија, дипломец на Академијата во Лоѓ, Полска?

Фотографијата игра голема улога во филмот, а причината е што јас сум голем љубител на аналогна фотографија, особено црно-бела фотографија. Соработката со Лев беше исполнета со многу разговори и дебати и морам да признаам дека научив многу од него во целиот процес. Разликата во филмската школа е видлива затоа што, иако фотографијата зазема централно место во филмот (како наративно, така и стилистички), Лев инсистираше да зборуваме за ликовите, нивните чувства и секоја сцена да ја анализираме и градиме тргнувајќи од она што се случува меѓу ликовите, а не од тоа како ние сакаме да ја снимиме таа сцена визуелно или технички. Така што со него минавме многу време во разговор и од тие разговори потоа ги извлекувавме кадрите и визуелните решенија.

Изборот на уште еден од најблиските соработници во филмот, композиторката Линзди Рајт, која само номинално потекнува од В. Британија, како да е нормален след на вашиот „номадски“ авторски печат. Уште од почетокот на вашата кариера пред десетина години меридијаните во светот се само „знаци покрај патот“ – сте живееле и твореле во САД, Етиопија, Германија… и сте соработувале со професионалци од разни земји. Што научивте од нив, а што евентуално вие ги научивте?

Тој номадски живот навистина ми помогна да се изградам како автор затоа што бев изложена на многу различни културни и професионални влијанија и можев да си го земам сето она што ми се допаѓаше од различните земји и да оставам нешто од себе кај нив. Би рекла дека во САД научив занает, во Етиопија го преиспитував и редефинирав сето она што го научив во САД, а престојот во Берлин ми помогна да повлечам една линија меѓу она што го работев претходно и она што сакам да го работам во иднина.

Колку јас ги научив не знам, не тргнав со намера да подучувам, но размената на искуства се случува неминовно, без разлика дали имаме намера тоа да го сториме или не. Конкретно соработката со Линзи се реализираше преку наш заеднички пријател, Сашко Потер Мицевски, кој нè спои затоа што мислеше дека добро би ни одела соработката и беше во право. Со Линдзи минавме исто така многу време во разговор на тема емоции, како моите лични чувства за филмот и некои теми, така и емоциите на ликовите. Прекрасно е кога со соработниците ќе успеете да се разберете со еден збор, ќе и кажев на Линдзи „во оваа сцена доминира чувството на меланхолија“ и таа потоа ми враќаше композиција која навистина звучеше мелахнолично и од таму потоа ги разработувавме само деталите. Навистина уживав во целиот процес.

Дел сте од режисерско-сценаристичките тимови на речиси сите ТВ серии што беа реализирани во Македонија изминативе 5-6 години. Колку „километражата“ е битна за еден сценарист-режисер?

Сериите се одличен начин да се научи занаетот, пред сè сценаристички, затоа што се бара многу брзо работење, ефикасност и еден модел на размислување кадешто примарно е „тркалото“ да се врти, постојано да се даваат и тестираат различни идеи, па дури и да се прават грешки од кои потоа ќе учите. Драго ми е што сериите малку ги освестија продуцентите, па и режисер(к)ите за значењето на сценаристите во целиот процес, иако, за жал, има уште многу работа за да стигнеме до точка кадешто сценаристите ќе ги добиваат соодветните заслуги и третман како автори.

Најново