Долгоочекуваниот дебитантски долгометражен филм на режисерот Игор Алексов „Лена и Владимир“, снимен по сценарио на Александар Русјаков, по скопската премиера го започна својот кино живот во неколку града. Оваа своевидна реинтерпретација на бајката за убавицата и ѕверот, е филмско остварување кое создадено со малку средства, а многу труд, посветеност и љубов од страна на целата екипа- токму така, како што и не е лесно да се раскаже анти-бајка, особено кога е плод на имагинација низ перспектива на возрасните. „Лена и Владимир“, во неполни два часа успешно го вовлекуваат гледачот во интимниот свет на болката на две човечки суштества, судбински распнати меѓу суровиот реален свет каде што царуваат„камшиците“ на злото и светот на љубовта и мир сплотен со природата. Токму овие раскажувачки нијанси, во дебито на Алексов ги гледаме како ретко искрено на големото платно во домашната кинематографија. Одличен актерски влог од страна на главните рољи на Сара Климоска и Тони Наумовски, но не помалку успешна и севкупната актерска екипа, особено онаа на глумачките бардови на македонскиот филм и улогата на прерано починатиот Луран Ахмети.
Со умешни сценографски, костимографски, продукциски решенија и нагласено авторство од директорот на фотографија Душан Кардалевски, „Лена и Владимир“ е несомнено уште еден македонски филм што носи свежина во домашната кинематографија. Можеби економичен кога станува збор за локации и обем на кастинг, но секако раскошен во раскажувачкиот и визуелен дизајн.
Разговараше: Ана ВАСИЛЕВСКА
За тоа зошто толку долго ја очекувавме премиерата на „Лена и Владимир“ кој се снимаше во 2018 година, за процесот на работа, предизвиците да се снима во секакви временски услови, и конечниот филмски производ разговаравме со режисерот Игор Алексов.
„Лена и Владимир“ е филм кој публиката долго го очекуваше. Судејќи според делото, чекањето се исплатува. Станува збор за еден невообичаен филм во домашната кинематографија, силно експресивен, темелно филмуван… Зошто постпродукцијата траеше толку долго, дали имавте креативни или технички дилеми?
Алесков: Постпродукцијата траеше долго од повеќе причини. Првата и најосновна причина е немањето доволно средства, заради тоа што за време на снимањето, една бура, ни го уништи главниот сет, па голем дел од парите за постпродукција беа префрлени во репарирањето на тој сет. Втората причина е креацијата на 3Д анимациите. Тие беа тешки и захтевни, а ние немавме буџет, за тоа да го работат повеќе луѓе и процесот траеше подолго време за да бидат веродостојни. На крајот најмногу помогна копродукцијата што ја добивме од Филмскиот Центар на Србија, преку продуцентската куќа Терирем, која ни помогна да можеме да вработиме повеќе луѓе на 3Д анимациите, за да може процесот да се заврши во најкраткото можно време.
Во основа оваа (не)бајка фрла едно убаво светло и кон нереалното и кон сурово реалното. Како вие го доживеавте текстот на Александар Русјаков и кој беше предизвикот да се режира „Лена и Владимир“?
Алексов: Кога го прочитав прв пат сценариото, бев фасциниран. До тој момент немав прочитано поубаво и поумешно напишано сценарио од наш автор. Веднаш заклучив дека ова ќе биде мојот прв долгометражен филм, ги имаше сите поволности: малку карактери, малку локации, универзална приказна која ќе биде актуелна во секое време, критика на многу слоеви од нашето општество, зборување на теми како злоставување и траума, кои не се доволно обработени итн. Предизвикот беше огромен, бидејќи беше многу тешко да се избалансираат многу работи и да се направат многу компромиси, а сепак да се прикаже приказната колку што може побајковито и помагично. Од креирање на маската, што за прв пат кај нас е направено нешто од таков тип (благодарение на дизајнерот на маска Горан Игњатовски и шминкерот за специјални ефекти Валентин Валов), наоѓање на бајковитата шума во сред град, затоа што немавме буџет секој ден да одвојуваме време за патување, до конструирањето на куќарката и целата цветна градина. И сето тоа требаше, и го направивме, со многу малку средства, а многу труд, посветеност и љубов од страна на целата екипа. Многу малку е потребно во ваква приказна публиката да не ти поверува во некој сегмент и да пропадне целата работа во вода.
Лена и Владимир, убавицата и ѕверот: приказна за тоа како нештата понекогаш не се такви какво што ни се чинат, приказна за доброто и злото, но и приказна за неправдите, трулоста, гнилежот на моќта, злоупотреба на послабиот… Колку сите овие драмски линии беше тешко или лесно да се инкомпорираат во режијата?
Алексов: На сите овие линии се работеше со многу детална дисекција и анализа на сценариото и неговите слоеви и подслоеви, за потоа да можат да се пренесат овие работи на актерите и заедно со нив да ги искреираме карактерите најточно што може, за да може тоа да се пренесе на публиката многу чисто и без дилеми. Многу лесно можеше да се тргне во погрешна насока, но благодарение на таа детална работа, не оставивме простор нешто да се разбере на погрешен начин. За некои работи со денови мислевме и размислувавме како да бидат прикажани за да нема никакво недоразбирање.
Како ја донесовте одлуката за визулениот стил на филмот?
Алексов: Откако го прочитав сценариото, веднаш почнав да размислувам и фантазирам за визуелниот стил на филмот. Знаев дека мора да направам визуелна дистинкција помеѓу надворешниот свет кој е безмилосен, суров и мрачен и светот во кој живее Владимир во кој е вечна пролет и е светол, колоритен и волшебен. Исто така надворешниот свет го замислив со камера од рака, која дополнително создава немир и неудобност, а за светот на Владимир се решив за кадри во движење и статични кадри кои ќе предизвикаат смиреност и убаво чувство. Иако на почетокот има “поекслузивни“ кадри за да се привлече вниманието на гледачот, за понатаму се решив за “најосновни“ кадри и сетапи, за да не му сметам на гледачот со мојата режија, а да го оставам да се втурне во приказната, додека ние со камерата сме само странични набљудувачи на таа приказна. За визуелниот стил имав помош од сите автори на овој филм, но најмногу од кинематограферот Душан Кардалевски, кој тотално ја разбра мојата визија и на многу пати ја надгради на повисоко ниво, што придонесе за многу помоќно визуелно дело.
Беше ли едноставно да се најдат локациите за снимањето?
Алексов: Сите локации мораше да бидат во Скопје и во близината на Скопје, коешто за нас беше огромен предизвик. Бевме лимитирани со средства и немавме друга опција. Единствено еден снимачки ден отидовме до Маврово кај мостот Еленски скок за сцените на реката, сите други локации се во Скопје. Најголем предизвик беше локацијата за волшебниот свет на Владимир, прво го гледавме Шишевски манастир како можна опција, но излезе дека е логистички кошмар да се снима таму, после тоа гледавме локации на Скопска Црна Гора, но продуцентот ни кажа дека мора да бараме во самиот град, затоа што секојдневно ќе губиме многу време на патување до локацијата и назад. Тогаш, отворивме Google Earth и почнавме да бараме каде има поголеми површини на шума во градот и така барајќи најдовме две можни локации коишто изгледаа на прашуми, а беа во градот. Едната беше во близина на кампот Треска, а другата во паркот Сарај, која беше логистички подобра а и веднаш чим влеговме со кинематограферот Душан Кардалевски и сценографот Влатко Зафирковски, можевме да видиме кај ќе бидат поставени работите и да го замислиме просторот. Останатите локации се на Козјак, во селото горно Бањани и во Скопје.
Работите ли на некој нов филм во моментов?
Алексов: Да, паралелно работам на повеќе проекти во различна фаза на развој. Веќе сум во последна фаза на развој за мојот втор долгометражен филм “Тајната на голиот рид“, кој ќе биде еден возбудлив трилер, сместен во мал град. Снимањето треба да започне следната година во октомври. Истовремено работам и на “Стара школа“ кој ќе биде драма и акција и засега е во фаза на развој на сценариото, но набргу се надевам дека ќе го затвориме сценариото и ќе прејдеме во следната фаза, барање на финансии.