Во ова издание на „Имаме неколку прашања за вас“, го имаме Игор Јадровски, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а во претходниот мандат беше и претседател на Комисијата. Така што со право можеме да кажеме дека пред нас имаме соговорник кој ги има одговорите на прашањата што ние ги собравме и што се од интерес на ова интервју и на порталот Рацин.мк.
Јадровски вели дека бројот на пријави за дискриминација расте зашто граѓаните се охрабрени да пријавуваат. Тој укажува дека медиумите и понатаму се извор на вознемирувањето и на дискриминација и дека за жал, вознемирувачкиот говор главно доаѓа и од политичарите и јавните личности.
Членот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација вели кога новинарите не го спречуваат, го поттикнуваат и овозможуваат вознемирувачкиот говор, а социјалните мрежи буквално живеат од говор на омраза.
Во извештаите на комисијата, родовите идентитети и сексуалната ориентација се сè уште мета на дискриминација и дека антиродовите движења ги обесхрабрија граѓаните да поднесуваат претставки за дискриминација.
Јадровски посочува дека комисијата утврдила дека девет од десет утврдени дискриминатори се државните органи и ако утврдила дваесет пати дискриминација во една иста институција, едноставно е да се запрашате што не е во ред во таа институција.
Од ова интервју со Игор Јадровски произлегува дека сè уште немаме зрело општество за справување со дискриминацијата.
Со Игор Јадровски разговараше Зоран Бојаровски
Рацин.мк: Да тргнеме од извештаите на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација каде што, на пример, во извештајот за 2024 година се вели дека најголем број претставки се поднесени за заштита од дискриминација врз основа на национална или етничка припадност.
Ме интересира зошто овој тип на дискриминација е највисоко во 2024 година. Толку години наназад се зборува, се прават кампањи, се внимава ова прашање барем од овој тип на дискриминација да има колку што е можно помалку, но гледаме, сè уште е високо. Зошто е тоа така?
Јадровски: Мислам дека повисоката свесност и информираноста да се пријави дискриминација по етничка основа, којашто е можеби најпрепознаена кај нас, е причина за толкав голем број пријави.
Кога ќе ги ставиме овие пријави во однос на мислењата кои што сме ги донеле, помал е процентот на утврдени мислења во кои што сме утврдиле дискриминација врз национална и етничка основа, некаде околи седумнаесет посто, меѓутоа сè уште тоа најбројната основа на мислења каде што сме утврдиле дискриминација.
Ова најдобро говори за потребата од еден посеопфатен системски пристап. Прашањето за превенција и заштита од дискриминација, особено за етничка и национална дискриминација, во нашиот контекст, значи сеопфатна работа. Не значи работа само на една институција којашто би требало да постапува по предметите или да кажеме да прави превенција, туку навистина има потреба од еден системски пристап кон ова прашање.
Доста е интересно е да кажеме, барем од она кое што јас го имам како како перцепција, дека кога се говори за етничка и национална дискриминација, најчесто се мисли на најголемите етнички заедници во државата, односно македонската и албанската заедница. Меѓутоа, кога ќе ги видите нашите мислења за утврдена дискриминација, ќе видите дека има, јас ја викам невидлива дискриминација можеби за пошироката јавност, дискриминација врз други етнички заедници, како што е на пример врз ромската етничка заедница. Има доста мислења во кои што утврдуваме разни видови на системска дискриминација, како што е сегрегација во училиштата на пример, за што имаме и пресуда пред Европскиот суд за човекови права „Елмазова и други“.
Или пак, скоро, пред неколку недели, имавме мислења за дискриминација по основ на пристап до домување. Во повеќе општини утврдивме дискриминација во пристапот до домување сфатен во поширок смисла, повторно кон ромската заедница. Нешто слично имаме во друга општина за турската заедница. Значи, станува збор за дискриминација кон повеќе етнички заедници, но доброто е што оваа дискриминација е препознаена од страна на граѓаните и се пријавува.
Меѓутоа, повторно да ви кажам за справување треба посеопфатен и по системски пристап.
Бројот на пријави за дискриминација расте зашто граѓаните се охрабрија да пријавуваат

Кога доаѓа тоа од вас каако препорака секогаш дека е сигурно е така. Треба ли да бидеме загрижени заради овој тип на дискриминација? Дали гледаме некој тренд кој расте, кој е загрижувачки?
Генерално, трендовите на дискриминација, и тоа го покажуваат и низа истражувања како Барометарот за еднакви можности, што мери дискриминација по перцепција и се прави по европска методологија којашто кај нас е присутна од 2009 година, мери дискриминација по седум основи.
И вие ќе видите дека во 2023 година овој барометар покажа дека во пет, од седум од мерените основи, имаме зголемување на трендот на дискриминација. Значи, од една страна треба да загрижува дефинитивно, меѓутоа од друга страна, препознаеноста, пријавувањето и справувањето треба да охрабрува. Затоа што ние не можеме да го надминеме тој проблем ако не се пријавува и ако не признаеме прво дека имаме проблем, а натаму да продолжиме кон решавање на проблемот.
Затоа, секако, прво треба да имаме стручно независна, самостојна комисија, а ќе се дрзнам да кажам дека во моментов мислам дека имаме, меѓутоа понатаму и сите останати институции до коишто ние ги упатуваме препораките за надминување на ваквиот проблем и пред сè за превенирање на овие проблеми во иднина да бидат кооперативни и заедно да работиме на остварување на овој проблем.
Ќе заклучиме дека треба да, ако може така да се каже, рака под рака да одат и превенцијата и да се охрабрува пријавувањето. И дека еве, можеби не можеме да очекуваме да се пресече таа дискриминација, но ако се следи на ваков начин, може да се држи, да речем така, под некоја контрола.
Се слагам, да апсолутно.
Интересно е од извештаите, пак ќе се навратам на нив, кога ќе се споредат податотците на годишните извештаи од 2023 и 2024 година, во 2024-та година дошле на прво место пријавите за дискриминација од национална или за национална или етничка припадност, а во 2023-та на врвот биле претставките од сферата на јавното информирање и на медиумите.
Ово посебно ме заинтригира и ме интересира како учествуваат во правењето на дискриминација кон граѓаните?
Да, од формирањето на Комисијата и правењето на годишните извештаи, две сфери предничати, секогаш се на првите две позиции.
Тоа се работата и работните односи како сфера и јавното информирање и медиумите. Веднаш на старт морам да кажам дека кога почнавме ние со работа, тогашната легислатива што ги регулираше медиумите не ги гледаше оние нетрадиционални медиуми како што се веб-сајтовите или социјалните мрежи како медиуми.
Сега се смени законот за медиуми и дел од веб-сајтовите влегоа во законска регулација, меѓутоа нашата идеја беше да гледаме малку пошироко на ова поле, затоа што многу поретко, не велам дека нема, ќе дадам и конкретни примери за тоа, вознемирувањето доаѓа или дискриминацијата на традиционалните медиуми.
Генерално дискриминацијата ја има и на социјалните мрежи и на веб-сајтовите како вознемирување, што, согласно Закон за спречување и заштита од дискриминација се дефинира како ставање во застрашувачка положба на лице или група лица заради одредена нивна заштитна карактеристика.
Тоа е, да кажеме, говорот на омраза. Советот на Европа вика дека треба да имаме два типа на заштита од говор на омраза: Кривично регулирање во кривичноправна постапка, каде што имаме доволно сериозен и интензивен говор на омраза којшто може да подлежи на ваков вид на постапка и саморегулација каде што тој говор на омраза нема да биде по интензитет толку силен, нема да биде толку сериозен.
Кај нас тоа е оставено во посебниот закон за спречување и заштита од дискриминација, го викаме вознемирување. Најчесто доаѓаат на социјалните мрежи, меѓутоа реков дека се и од нетрадиционалните медиуми. Доста често ќе видите на пример ааа во одредени поларизирачки моменти во општеството, каде што за време на предизборна кампања или слично, се наоѓаат вознемирувачки говори, кои за жал, често доаѓаат од функционери или од јавни личности. Некогаш е интенциозно да се вознемири, односно да се изврши вознемирување врз соговорникот или пак да се упати вознемирување кон одредена група на луѓе. Некогаш е можеби од невнимание, меѓутоа ние гледаме да ги да ги регистрираме и да постапиме по двата вида на предмети.
Некогаш постапуваме по допрен глас. Многу често се случува ваков тип на настани да видиме на на телевизија и да реагираме, некогаш по поднесени претставки.
Медиумите и понатаму се извор на вознемирувањето и на дискриминација

Дали препознавате подобрување во таа ситуација во смисла на тоа, ако расте бројот на претставки од граѓани поврзани со вознемирување или дискриминација од медиумите или од социјалните мрежи, дали фидбекот назад ви кажува дека има некакви резултати кои даваат надеж дека тука може нешто да се поправи?
Да. Конкретно ќе зборувам за традиционалните медиуми затоа што таму имаме слуачи. Нема да го спомнам медиумот, меѓутоа станува збор за национална телевизија кај којашто имавме утврдено вознемирување, вознемирувачки говор од страна на самите гости, меѓутоа и од телевизијата, затоа што беше овозможен таквиот вознемирувачки говор.
Значи, воопшто отстрана водителот на дебатната емисија не беа преземени некои чекори да се спречи вознемирувачкиот говор или слично. Комисијата препорачаа што треба да биде направено и неколку години подоцна на истата таа телевизија имаше гостин којшто исто така почна шири вознемирувачки говор, меѓутоа тука веќе водителот го пресече и објасни дека говорот којшто го употреба во моментот е вознемирувачки говор и таквиот говор е санкциониран во Закон за спречување и заштита од дискриминација, што за мене беше позитивна промена. Затоа ние утврдивме вознемирување само против гостинот, не против телевизијата, затоа што водителот направи сè што е во негова моќ да го спречи тоа.
Многу е различна ситуацијата на нетрадиционалните медиуми. Ширењето на вознемирувачки говор на веб-сајтови, каде што вие можете не секогаш да го најдете регистрантот на веб-сајтот, иако го има тој регистрант може да биде некој којшто во моментов не живее во Македонија или пак да не можете да му најдете неговата адреса, немате против кого да ја водите постапката и тоа е многу, многу и фрустрирачки на моменти.
Слично е со социјалните мрежи, од кадешто од лажни профили се шири вознемирувачки говор. Или не мора да е лажен профилот може бида со вистинското име и презиме на човекот којшто е сопственик на профилот, меѓутоа добивањето на неговата адреса како еден од битен момент за водење на постапката од страна на Комисијата некогаш е многу тешко. Не можеме да се обратиме до него да ни даде адресата.
Тоа може да го направи полицијата преку „електронски криминал“ или само по наод на јавен обвинител. И тука не можеме да зборуваме за некакво подобрување на состојбата. Ниту пак мислам искрено дека може во тоа поле нешто да се подобри со самото постапување на Комисијата. Сметам дека е потребна подлабока културолошка промена за да дојде до до промена на однесувањето на социјалните мрежи.
Не сум оптимист дека тоа брзо ќе дојде и мајќи ги предвид не само локалниот политички и глобалниот геополитички контекст. Мислам дека социјалните мрежи буквално живеат од говор на омраза и дека ако нема говор на омраза, ќе ја изгубат поентата да постојат.
Антиродовите движења ги обесхрабрија граѓаните да поднесуваат претставки за дискриминација

Дали сè уште е нависоко на листата на пријави за дискриминација се оние основи на род, пол, сексуална ориентација? Какви се тенденциите таму?
Родот, родовите идентитети и сексуалната ориентација сè уште се едни од најчесто утврдуваните основи. Чинам дека во дваесет и четири од осумдесетина за кои решававме во 2024 година, беа по еден од овие основи.
Понекогаш одат заедно, како повеќекратна, односно како интерсекциска дискриминација или само по еден од овие основи, но ги имаме доста во мислењата кај кои е утврдена дискриминација. Тоа значи дека во утврдените мислења сè уште се држат прилично високо. Интересно е дека имаме намалување на бројот на претставки во коишто се спомнуваат овие основи како основи за дискриминација.
Што значи тоа?
Тоа значи дека порано сме имале повеќе претставки врз основа на овие основи. Можеби не сме утврдувале толку, меѓутоа граѓаните и граѓанските организации повеќе доставувале вакви претставки. Би сакал да бидам оптимист и да кажам дека намалувањето на бројот на претставките е затоа што имаме некаква промена.
Не сум баш сигурен дека е така. Напротив, мислам дека имаме регрес во унапредувањето и заштитата од дискриминација врз основа родовите определби. Мислам дека повторно ќе се навратам на целиот овој глобален геополитички контекст и тековните регресивни политики кога е прашање заштита од дискриминација по основ на родот. Граѓаните се обесхрабрени да поднесуваат претставки, па дури и од организациите.
Порано имавме организации кои што поднесувале редовно претставки, сега поднесуваат малку поретко. Граѓаните речиси и не се охрабруваат како физички лица да поднесат и мислам дека пак ќе кажам ваквите регресивни политики и едно пошироко глобално дејствување на антиродовите движења вродува со тоа ние да имаме помалку претставки.
Меѓутоа од друга страна, тие што се поднесуваат се издржани и основани и во тие утврдуваме дискриминација. Тоа го покажува статистиката.
Пак ќе се навратам на извештаите. Речиси секоја година се повторува дека местата од каде што најчесто доаѓаат аа сторената дискриминација се институциите на системот.
Како го толкувате ова со оглед на тоа, барем според мене, институциите треба да предничат во однос на тоа да да нема дискриминација кај нив.
Да, ова е многу добра констатација дека институциите се тие што треба да гарантираат еднаквост и да унапредуваат еднаквоста.
Кај нас ситуацијата малку поинаква. Особено е загрижувачка бројката од последниот годишен извештај која што вели дека осумдесет и шест посто од утврдените дискриминатори, или тоа е речиси девет од десет утврдени дискриминатори, се државни органи, органи на управа, државни институции, како сакате, значи државниот сектор и тоа е многу поразително и многу загрижувачки.
Повторно ќе кажам дека овдека е највеќе нагласена таа потреба за меѓуинституционална соработка во справувањето со дискриминацијата. Тука мислам и на едукација, сензибилизирање, работење на свеста на луѓето кои што работат во тие институции, особено оние кои што работат со странки што обезбедуваат сервиси, од една страна и нешто кое што многу ретко го гледаме кај нас е прифаќањето на некаква одговорност. Би рекол тука и политичка одговорност од страна на раководните лица на тие институции.
Не можете вие да имате едно министерство, да кажеме или една државна институција во која што Комисијата утврдила дваесет пати дискриминација, да не се запрашате дека нешто не е во ред во оваа институција. И тука не мислам само на министерот или директорот или кој да е во институцијата, туку мислам на сите раководни структури во неа.
Ако вие имате утврдена дискриминација против раководител на сектор три пати, можеби тој раководител треба да биде санкциониран. А кај нас тоа не оди баш така и не оди секаде лесно. Имаме особено ригидни државни институции кон коишто упатуваме препораки.
Не секогаш постапуваат по препораките и изостанува тоа чувство на одговорност дека ако неколку пати вие видите дела имате некаков проблем внатре кај вас во институцијата и притоа е регистрирано од страна на друга државна институција.
Јас многу често знам да кажам кога ние работиме со државните институции дека ние играме за ист тим. Значи ние сме државни институции и Комисијата и оние институции кон коишто утврдуваме дискриминација. Поентата е да се подобри работењето на институциите во насока на разбирање на дискриминацијата, на обезбедување поеднаков пристап за сите граѓани до институциите, меѓутоа и во внатрешните односи, како што се работните односи на луѓето кои што се во институциите, дека и тие подлежат на заштита по овој закон.
Ако комисијата утврдила дваесет пати дискриминација во една иста институција, нешто не е во ред во неа

Добро, која алка недостасува во системот? Кога велите дека неколку пати, три или четири пати укажувате во една иста институција на едно исто место од каде што доаѓаат најчесто претставки на кои вие сте реагирале, сепак нема промена. Која е таа алка што недостасува да се постапи согласно вашите препораки?
Има неколку алки. Првата алка, првиот момент е тоа што нашите мислења немаат карактеристика на правен или реален акт. Не може да задолжи некого нешто да направи според актот, туку едноставно даваме препорака со нешто да се направи.
Меѓутоа, тоа не значи дека ако не постапите по препорака, нема натамошна санкција. Како? Потенцијалниот, тоест утврдениот дискриминатор доколку не постапи по препораката на Комисијата, ние поведуваме барање за покренување на прекршочна постапка против дискриминаторот затоа што не постапил по нашата препорака.
Е сега не би сакал да ја префрлам топката на надлежните судови, меѓутоа судовите некогаш ќе поведат постапката, некогаш ќе одлучат дека нема да се поведе постапката, некогаш ќе утврдат прекршок, некогаш… Тоа е едната работа. За да се соочи лице дискриминатор со реална санкција и дали воопшто ќе се соочи, не зависи само од Комисијата.
Вториот момент е, повторно ќе кажам, немањето на некаква не само политичка, туку и општа култура и разбирање дека препораката од стручно тело, тело кое што работи на одредена проблематика е во насока на подобрување на големата слика.
Тоа е исто како што кога ќе дојде здравствениот инспекторат и ќе ни каже како треба да се однесуваме кога има четириесет степени надвор и кои услови треба да ги имаме при работа и слично, да не го послушаме. Значи генералното немање на култура. Третата работа е што сè уште луѓето не се охрабруваат да одат пред суд и таму да поведат постапки за заштита од дискриминација.
Затоа што она што ние го препорачуваме и го даваме на ниво на препорака, судот може да го наложи да се направи. И вие кога ќе имате правосилна судска пресуда, е не постапувате по таа пресуда, тоа е кривично дело.Тогаш веќе нема многу можност на диспозиција на дискриминаторот дали ќе постапи или не.
Значи граѓаните можат и сами да покренат пресуда од постапката. И да не го очекуваат тоа само од Комисијата.
Дефинитивно. Има случаи каде што ние сме утврдувале дискриминација и тоа прилично стратешки случаи имало и во јавноста, не постапил дискриминаторот, и после тоа граѓаните кои што биле оштетени или пак здруженија на граѓани поднеле тужби од јавен интерес, каде што кажале, дискриминаторот не постапил по препораките на Комисијата и со тоа бараат судот да пресуди и да утврди дискриминација.
Сè уште немаме зрело општество за справување со дискриминацијата

Ова ме доведува до прашањето кое произлегува од оваа ситиуација, а тоа е колку е всушност зрело нашето општество кога станува збор за препознавање и за спречување на дискриминацијата?
Мислам дека е самоодговарачко прашањето. Ако во Европа, па и во регионот телата за еднаквост коишто треба да работат на превенција и на заштита од дискриминација веќе зборуваат за алгоритмичка дискриминација, за дискриминација во системите за вештачка интелиганција, значи толку напредно размислуваат за дискриминација, ние сè уште сме заглавени на пристапност до правда.
Сметаме дека ако на лицата со попреченост им ја решиме нивната дискриминација само со рампи ако поставиме, ако зборуваме за сегрегација на Роми или за политичка дискриминација на најниско ниво. Мислам дека секој може да ја препознае дискриминацијата.
Не мора да ја препознае во специфична појавна форма и да даде законска дефиниција како вид на дискриминација, меѓутоа знае дека нешто е погрешно и знае дека тоа е погрешно заради одредена лична карактеристика и тоа е доволно да ја препознаете дискриминацијата. Колку нашето општество е спремно да се справи, не сум сигурен дека сè уште имаме зрело општество за справување со дискриминацијата, затоа што сè уште не се дава, не се прави ниту политички приоритет, меѓутоа ниту општествен приоритет знаете, значи ааа комплетната пасивност на општеството во справување со овој проблем, затоа што пак ќе кажеме мультидисциплинарен проблем не може и мултиинституционален, не може една институција да се бави или двесо да кажеме, народниот правобранител покажува дека ние не сме зрели да се справиме со дискриминација.
Рековте во предходните одговори дека ромската заедница, припадниците на ромската заедница се посебно таргетирани кога станува збор за дискриминацијата. Вие во последно во последниот период се занимававте со една многу конкретна дискримина појава која може да се карактеризира како повеќекратна дискриминација кон жените и девојчињата Ромки во пристапот до правда. Може ли да го објаснете овој случај?
Сликата до којашто дојдовме во принцип кажува дека прво немаме апсолутно никаква застапеност на жените Ромки на било кои позиции коишто таргетираат некакви прашања со пристап до правда.
Тоа е една работа. Немаме во правосуден систем, институциите се прилично затворени. Не мислам на затвореност на институции само како недостапни или непристапни во местата каде што живеат Ромите, туку не се сензибилизирани да работат со Роми и со жени Ромки.
Подзаконските акти, коишто некако уредуваат дали родова еднаквост, дали права на Роми, и кои треба интерсекциски да го унапредат правото на жени Ромки, не се усогласени. Значи, државата мора да води многу сметка кога ќе ги носи овие овие документи, на пример за барањата за бесплатна правна помош, самите жени Ромки се демотивирани да ја користат таа бесплатна правна помош и на тој начин да пристапуваат до правда.
Ако смеам да заклучам, вие ќе прокоментирате дали сум во право или не, овој комплексен приод што вие го предлагате и кој треба да вклучи голем број на институции на системот на државата и фактот дека за ова прашање сега засега единствено се свесни, го знаат и го препознаваат само Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и Народниот правобранител, може да се каже дека жените Ромки се уште далеку од тоа да ја добијат правдата што ја очекуваат.
Па и да и не. Да, бидејќи несомнено во постапувањето по случаите за интерсекциска дискриминација имате само две институции што постапуваат и тоа е загрижувачки. Би оставил простор за оптимизам за тоа што државата низа години наназад има стратешки документи коишто се однесуваат на ромската популација пер се, национални акциски планови кои што се за жените Ромки, а има документи коишто се однесуваат за унапредување на родовата еднаквост.
Мислам дека само поголема комплементарност на овие документи и подобра насоченост на овие документи може да доведе до подобри мерки коишто ќе го подобрат пристапот на правдата до правдата на жените и девојчињата Ромки.
Тужбата против Министерството за здравство е преседан зашто ќе биде пример за идните случаи на дикриминација

Беше интересно веста дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација поднела тужба против владата, односно против Министерството за здравство за дискриминација врз жените земјоделки. Треба ли да биде загрижено Министерството за здравство?
Министерството за здравство е информирано за ова, затоа што Комисијата веќе постапуваше по овој правен проблем. Би дал мал контекст за да биде јасно за што станува збор.
Оваа правна работа, како што кажав веќе беше адресирана пред Комисијата од неколку здруженија на граѓани кои што поднесоа претставка за дискриминација во име на жените земјоделки кои што се индивидуални земјоделки и плаќаат здравствен придонес, а немаат пристап до здравствено и до платено породилно отсуство и платено боледување.
Комисијата утврди индиректна продолжена интерсекциска дискриминација во однос на полот, различен статус и пристап и припадност на маргинализирана група. Ова затоа што поради познати фактори ги третираме земјоделките како маргинизирана група. Тоа се жени од руралните средини, најчесто со ниски примања и голема неплатена работа во домот и затоа препорачавме да се смени законот за здравствено осигурување во делот каде што ги набројува здравствените осигуренички кои што може да остварат право на платено породилно отсуство со внесување на жените земјоделки.
Министерството не постапи по препораката според која институцијата требаше да направи работна група и да ги иницира промените. Не можеме да ѝ наложиме ги донесе зашто законодавниот дом ги прави тоа. Меѓутоа ние свесни за повеќето механизми кои што треба да бидат вклучени во измена на законот, дадовме препорака до Собранието да се усвојат ваквите амандмани доколку дојдат со образложение зошто треба тоа да се направи.
Министерството не постапи по нашите препораки. Имаше група пратеници од Левица коишто подготвија некакви амандмани и се организираше јавна расправа. Значи, законодавецот признава дека тука има некаков проблем, меѓутоа заглавја амандманите во собраниска процедура.
Не би навлегол причините, не би шпекулирал. Но нас како тело за еднаквост не интересира материјална правда. Во ред, сме донеле мислење, сме дале препорака, постапката процесно сме ја завршиле. Ние требаше да покренеме прекршочна против министерот за здравство и тоа беше направено, меѓутоа проблемот не е решен.
Нас не интересира материјална правда, особено кога станува збор за особено ранлива категорија на жени. И не го гледам ова како само правен проблем, туку е изјава и став дека ниту една жена, особено од ранлива категорија, нема да биде оставена ако е осигуреничка без платено породилно отсуство.
Оттука поднесовме тужба до судот, барајќи да утврди продолжена интерсекциска индиректна дискриминација кон жените земјоделки и да му наложи овој пат на Министерството да најде решение. Да го смени, да иницира промена на законот. Во суштина она што ние го препорачуваме судот да го наложи.
Јас на ова гледам, ако оптимистички ако гледаме на ова, како на преседан кој може да биде пристап за системско решавање на вакви прашања…
Дефинитивно, дефинитивно. И мислам дека веќе е претседан, затоа што ова е прва тужба од јавен интерес поднесена од тело за еднаквост или омбудсманската институција во историјата на земјава. Значи ние покажуваме дека имаме и вакво право и наредните состави на Комисијата веќе ќе видат дека можат да се повикуват на оваа пракса. Дополнително што оваа постапка е бесплатна, ослободена од судски трошоци и немате некаква кочница којашто вас ќе ви каже: Чекај, ај да видиме дали ќе го користиме механизмов или не.
Од друга страна, здружението на граѓани кое што директно работи со тие жени и телото за еднаквост, заедно настапуваат пред суд, штитејќи го јавниот интерес на овие жени. Тоа е исто многу и силна порака. Пак ќе кажам, проблемот не го гледаме само како правен, туку го гледаме како општествен проблем. Јас сум оптимист во однос на исходот.
Меѓутоа, без разлика како и да заврши оваа постапка, ние веќе имаме направено преседан за тоа што првпат сме поднеле ваква тужба.
Таа работа на сензибилизација веројатно ќе помогне граѓаните да ја препознаваат Комисијата за заштита за спречување и заштита од дискриминација како адреса на која можат да се обратат во било кое време преку електронска пошта или преку целиот систем којшто веќе е разработен. Дали вие сметате дека граѓаните доволно ја препознаваат Комисијата за спречување и заштита од дискриминација?
Мислам дека зголемувањето на квантитативниот број на случаи секоја година, добивањето поголем број на случаи, меѓутоа и поголемото адресирање на стратешки суштински системски случаи, помалиот број на случаи коишто ги отфрламе и препраќаме поради ненадлежност, кажуваат дека граѓаните добиваат сè повеќе и повеќе информации и претстава за тоа што може да побараат пред Комисијата, односно каков вид на заштита.
Ако во првата година од постоењето на Комисијата речиси половина од претставките коишто дојдоа до Комисијата беа отфрлени за ненадлежност и граѓаните беа препратени до соодветни институции кои што може да ги побараат, сега тој број е многу помал. Ако претходно граѓаните не знаеа да адресираат или добро да образложат проблем на дискриминација, сега многу подобро го прават тоа.
Многу подобро ја сфаќаат процедурата пред Комисијата, многу повеќе се самите граѓани охрабрени. Ние имаме страшно зголемување на бројот на физички лица кои што сами бараат заштита. Пак ќе се навратам неколку години претходно, кога здруженијата на граѓани коишто со претходниот закон работеле на дискриминација или генерално работат на дискриминација, беа најголемиот дел од поднесувачите на претставки. Се наоѓаше по некое физичко лице, меѓутоа генерелно здруженијата на граѓани предничеа.
Сега е сосема обратна ситуацијата. Сега имаме огромен број и големо мнозинство на претставки поднесени од индивидуални лица, што мислам дека говори за тоа дека граѓаните ја препознаваат Комисијата како адреса за обраќање во случаи на дискриминација.
Наше е да работиме како што треба и да направиме таа адреса да биде постојано отворена за граѓаните за обраќање.