Директорката на Институтот за европска политика – ЕПИ, Симонида Кацарска во нејзиното гостување на утринската програма на „Слободен печат“ истакна дека иако има поместување надесно по изборите за Европскиот парламент, сепак центристичките партии имаат значително мнозинство.
„Веројатно е дека ова поместување надесно се должи на резултатот којшто беше во 2019 година кога зелените партии за првпат во Европскиот Парламент имаа многу добар резултат. Ако погледнеме споредено со 2019 година ќе видиме дека имаме пад во претставниците на центристичките партии на десно, на лево и особено кај зелените“, заклучи Кацарска.
Таа објасни дека изборите за ЕП се единствените избори за транснационално тело што ги претставува граѓаните на државите членки на ЕУ и дека овој Парламент е институцијата што треба да го даде демократскиот легитимитет на ЕУ.
„Има многу дебати во Европската Унија во однос на тоа колку таа е поврзана со демократскиот избор на граѓаните коишто живеат во државите членки и во тој контекст Парламентот низ годините се развива. Она што е важно да се каже дека од неговото воспоставување, односно од првите избори, улогата на Европскиот Парламент низ годините се зајакнува. На почетокот имал само консултативна улога во целиот институционален систем за да се развие тоа понатаму со сите Договори на ЕУ“, рече Кацарска.
Таа посочи дека Европскиот Парламент, традиционално, секогаш го поддржувал проширувањето.
„Позицијата на Европскиот Парламент традиционално била секогаш да го поддржува проширувањето. Ако погледнеме од нашиот случај и во оние години кога не можевме да ги отвориме преговорите од 2009-2016 година, Европскиот Парламент континуирано тоа го препорачуваше и се смета дека е пријател на проширувањето“, рече Кацарска.
Таа додаде дека темата за проширувањето зависи и од многу други фактори, пред се, националните позиции на владите на државите.
Кацарска за пример ја спомена Австрија како земја којашто го поддржува проширувањето.
„Австрија е земја којашто го поддржува проширувањето, меѓутоа би се изненадиле ако дознаеме дека поддршката за проширување во Австрија на анкетите е традиционално на истото ниско ниво како во Франција, а знаеме како во Франција политичките елити се поставуваат кон проширувањето“ истакна Кацарска.
Како што кажа таа, од 1997 до 2004 година постоеше консензус дека проширувањето кон истокот е стратешко прашање за ЕУ и тоа се случи, а сега одлучувачко прашање е Украина.
„Не мислам дека овие избори ќе бидат клучни за проширувањето, меѓутоа ќе внесат промена во насоката по прашања коишто се многу политизирани и за самите граѓани на ЕУ, како миграцијата, зелената политика, безбедносната политика“, заклучи Кацарска.