Поранешниот претседател на Република Македонија, на 27 годнишна возраст, бил член на Иницијативниот одбор за подготовка на АСНОМ и учесник и записничар неговото прво заседание на 2 август 1944 година. Во интервју за Утрински весник во 2006 година, меѓу другото за АСНОМ, вели: За цело време се чувствуваше свечена атмосфера, сите беа многу свесни за тоа дека се случува нешто што во нашата историја ќе биде трајно забележано. Сите размислувавме, ако држиме собрание, значи ние се подготвуваме да имаме наша држава…
Господине Глигоров, Вие бевте секретар на Инцијативниот одбор за подготовка на Првото заседание на АСНОМ. Какви се Вашите впечатоци од тој голем настан. Како се чувствувавте во моментот кога се носеа одлуките со кои се поставија темелите на македонската држава?
– За цело време се чувствуваше свечена атмосфера, сите беа многу свесни за тоа дека се случува нешто што во нашата историја ќе биде трајно забележано. Сите размислувавме, ако држиме собрание, значи ние се подготвуваме да имаме наша држава. Радоста беше голема затоа што се собраа и луѓе кои одамна не биле заедно, како што беше случајот со претставниците од Пиринска и од Егејска Македонија, кои беа, исто така, членови на АСНОМ. Со присуството на делегати од другите делови на Македонија се сакаше да се симболизира дека Македонија се и тие таму, а не само делот што бил под Србија. Беше создадена таква атмосфера што луѓето очекуваа дека ќе се донесат големи одлуки, кои веќе беа подготвени. Се знаеше кои реферати ќе се поднесат, кој ќе го отвори собранието, дека ќе се донесе одлука за македонскиот јазик како официјален јазик во нашата држава, одлуки кои ќе бидат основа за нашиот иден Устав, врз кои принципи тој треба да биде заснован.
Уште тогаш кажавме дека, без оглед на вера, националност и традиции, граѓаните треба да бидат еднакви во сите права и обврски кои ќе ги имаат во новата држава и дека тука не треба да се прави никаква разлика. Се повикувавме на оној познат Проглас на првиот Илинден во Крушево и Крушевската Република, каде што се повикуваа во борба не само малцинствата во Македонија туку и Турците, затоа што и тие беа угнетени од агите и беговите. Така, во асномските одлуки има една многу јасна демократска содржина, дури нема ништо од она што потоа, за жал, стана реалност – да имаме една партија. Со донесените одлуки се обезбедуваше слобода на мислењето, слобода на печатот и слобода на секого да ги кажува своите гледања и мислења и во една демократска атмосфера да можеме да изградиме едно цивилизирано општество.
Колку духот на Илинден беше присутен за време на заседанието ако се знае дека за време на војната многумина партизани се напојуваа токму од илинденската идеја за слободна Македонија?
– Не случајно, на тоа заседание сите делегати говореа за втор Илинден. Првиот Илинден беше белегот кој покажа дека ние сме посебен народ, дека имаме право на сопствена држава, без оглед што Илинденското востание заврши така како што заврши, со огромни човечки загуби, со палење села, со голема емиграција. Тогаш голем број луѓе отидоа во Бугарија и во прекуморските земји за да спасат глава од репресија. За цело време на партизанското движење и борбата против фашизмот се евоцираа многу спомени од тој прв Илинден, а имавме и луѓе кои беа активни дејци од тој период, како што беше, на пример, гемиџијата Павел Шатев, кој подоцна стана член на Президиумот и министер. Тој уживаше голема почит меѓу луѓето, затоа што го имаше посветено целиот живот за слободна Македонија.
Во јавноста, а и од некои историчари често се тврди дека за време на војната во Македонија многу одлуки се носеле под влијание нa некои српски емисари. Колку навистина тие влијаеја на одлуките што се носеа за време на борбата и на самото заседание?
– Многумина мислат дека тука Светозар Вукмановиќ-Темпо, како делегат на Врховниот штаб на Југославија, и некои други претставници на Централниот комитет на КПЈ, во крајна линија, ги определувале ставовите, но вистината не е таква. Нема сомневање дека тие имале влијание и тоа во некои клучни моменти. Темпо знаеше да се наложи и да рече: „Тоа мора да биде така, јас имам наредба од Тито, од Врховниот штаб“, но имаше и многу одлуки кои беа самостојно донесени, без оглед на тоа што кажал овој или оној. И АСНОМ немаше така да изгледа ако беше само дело на овие емисари што беа испратени тука. Дека не беше така говори и овој пример. По успешните операции што ги водеше генералот Михајло Апостолски за време на Пролетната и Мајската офанзива, дојде наредба од Тито со која нему му довери да ги координира јужноморавските бригади, да ги организира нивните акции. И тие доаѓаа секоја недела во Главниот штаб да му реферираат на Апостолски и да добијат согласност и инструкции за тоа како ќе се води борбата. Често пати некои битки се водеа и со нашите единици. Така, нападите на некои железнички станици, како на пример на Ристовац, беа изведени со комбинирано дејство на нашите и јужноморавските единици.
Според Вас, колку тоа што беше договорено на АСНОМ подоцна се реализира?
– Некои идеали мислам дека се остварија. Еве, ние добивме свое собрание, сопствена влада, ги добивме сите национални институции, така што може да се каже дека создадовме држава со сите белези, со универзитети, Академија на науки, институти за национална историја, за македонски јазик. Тоа се сè елементи на оформување на националното битие на нашиот народ и негов израз. Сите тие што сега говорат крајно нихилистички, дека тоа било некакво комунистичко масло, ни малку не се во право. Никогаш во текот на НОБ не поминал ниту еден собир, а да не се говорело за наша држава која треба да ја создадеме. За жал, тогаш, во согласност со одлуката на Коминтерната, дека секој треба да се бори во рамките на онаа држава во која живеел до војната, нам ни беше забрането да имаме некакво влијание или да учествуваме во борбата на Македонците во другите делови на Македонија.
Некои клучни луѓе на Првото заседание, како што се Методија Андонов- Ченто, Панко Брашнаров, Павел Шатев, подоцна беа грубо елиминирани од политичкиот живот, иако тие имаа голем придонес за македонската револуционеран борба?
– Се создаде некаков комплекс и страв од интелигенција и од овие стари кадри кои имаат зад себе голема историја. Од една страна, се правеа некои обиди тие да се привлечат, да станат членови на АСНОМ, некои да влезат во Президиумот, но фактички вистинска работа не им даваа и тие немаа некое поголемо влијание. Таков е и случајот со мене и со некои други интелектуалци. Ние тогаш во Скопје илегално живеевме, а јас имав задача да се ангажирам за изборите за АСНОМ. Во сите општини се одржаа избори, тајно, и, за среќа, се избраа многу добри луѓе. Нема член на АСНОМ кој нешто предал врз национална и идеолошка основа. Но тие, сепак, беа интелектуалци, а тука требаше да бидат работници, кон кои се имаше поинаква доверба. А во Скопје тогаш беше формиран Народноослободителен фронт за да се привлечат не само комунисти туку и другите делови на општеството, па и чаршијата, тие што ни даваа постојано помош. Се сеќавам од Еврејско Маало ни даваа лири, од другите маала левови, големи суми пари со кои се купуваа лекарства.
Зошто токму „Прохор Пчињски“ го одбравте за одржување на олку значајно заседание, дотолку повеќе што тогаш не беше целосно ослободена државата и постоеше голем ризик од евентуален напад? Ако не го одржевте таму, сигурно дека денес немаше да ги имаме проблемите со негово одблежување.
– За тоа беше дискутирано меѓу членовите на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Претседател беше Методија Андонов-Ченто, а јас бев секретар. На една од средбите на Одборот прво прашање беше каде да се одржи заседанието, токму поради безбедноста на делегатите. Војната траеше уште, а Скопје не беше ослободено. Тоа беше многу важен настан и на делегатите требаше да им се обезбеди мирно место да работат, а не да стравуваат дека ќе упаднат окупаторски единици и ќе направат масакр. Член на Иницијативниот одбор беше и генералот Михајло Апостолски. Тој тогаш рече: „Што да бараме друго место, еве Прохор Пчињски е тука, тој е наш манастир, тука има простории и тука може да се заседава ако треба и три-четири дена“. А Ченто на тоа му одговори: „Ама Прохор Пчињски е долу во дупка, а наоколу се планини, тука може да се појави непријателот, ќе слезат долу и ќе нè направат сол“. „Не бери гајле, јас сум подготвил два баталјона. Седете вие, работете и немајте гајле“, му одговори Апостолски. И така се реши заседанието да се одржи во Прохор Пчињски.
Интервјутот со поранешниот претседател на Република Македонија Киро Глигоров го направил Виктор Цветаноски за Утрински весник и е објавено на 16.10.2006