Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кутиров за Отворен Балкан: Царинските постапки отсега се завршуваат од далечина, електронски, без физичка интеракција со службеници

Славица Кутиров, директрока на Царинската управа

„Дигитализацијата на царинското работење е значаен приоритет на Владата, на кој ние сме целосно посветени, бидејќи Царината е една од важните алки во меѓународниот синџир на снабдување, кој се заснова на глобални стандарди и правила за тргување“, рече директорката на Царинската управа, Славица Кутиров, во интервју за „Капитал“.

Кутиров смета дека навремената и ефикасна имплементација на европските регулативи и системи на национално ниво, а особено директната интерконекција во централните европски системи, го унифицира нивото и начинот на спроведување на царинските постапки со оние во развиениот свет.

Таа додава дека тоа е значајно за нас како држава, но пред сѐ е значајно за домашните компании бидејќи дава предвидливост, забрзување на процедурите и истовремено намалување на трошоците, како силен поттик при нивното учество на пазарите на ЕУ и пошироко.

-Анализите покажуваат дека придобивките од дигитализацијата и олеснувањето на трговијата, таргетираат над 11.000 домашни компании – активни учесници во увозно – извозните постапки. Во таа насока, како резултат на силната посветеност на дигитализацијата, го ставивме во функција новиот Систем за обработка на царински декларации и акцизни документи, со што успеавме да воспоставиме технолошки нова платформа за бесхартиено работење. Она што е многу значајно е дека оваа нова платформа обезбедува интеграција и интероперабилност со другите царински системи (NCTS, EXIM, ITE), наменети за електронско процесирање на сите царински постапки, како што се транзитните постапки, електронското издавање на дозволите за увоз – извоз, како и интеграција со системите и базите на податоци за администрирање на давачките и мерките поврзани со царинската тарифа и царинските одобрениј, вели директорката на Царина.

Таа вели дека голем успех е што во 2022 година преку оваа платформа се обработени над 1.3 милиони електронски документи и обезбедена е 99,7% достапност на сите услуги кои се дел од неа.

-Значајна новина со која во целост го заокруживме бесхартиеното работење во царинските постапки и на што сме посебно горди се новите сервиси ставени во функција со т.н. зелена царинска декларација. Сервисите кои ги нуди зелената царинска декларација им овозможуваат на економските оператори далечински без интервенција и физичка интеракција со царинскиот службеник да ја завршат постапката за еден час и да ги пуштат стоките во слободен промет.

Имено, од ноември минатата година економските оператори, поконкретно застапниците, веднаш по пристигнувањето на стоките, електронски ја поднесуваат царинската увозна или извозна декларација преку нивните системи до системот на Царинската управа, во кој се врши автоматска проверка и валидација на податоците, електронско приложување на потребните документи, автоматска селекција на канал за контрола. Доколку системот не предвидува контрола и нема дополнителни сомневања од царинскиот службеник, системот проверува дали се платени потребните давачки и автоматски ги ослободува стоките за еден час, за што електронски го известува застапникот, заклучи Кутиров.

Кутиров истакна и дека евроинтеграцискиот процес е високо на агендата на Царинската управа оваа година, имајќи предвид дека Владата на оваа институција и ја додели улогата да раководи со Поглавје 29: Царинска унија.

-Веќе се формирани преговарачки тимови и се започнати подготовките за првиот билатерален состанок за ова поглавје, закажан за јуни оваа година. Покрај во Поглавје 29, Царинската управа со свои експерти активно учествува и во 12 други поглавја, со значаен придонес за прашањата во надлежност на Царината. Новите проекти чија имплементација ќе започне годинава, се дел од агендата за усогласување со последните регулативи и системи задолжителни за примена на земјите од Европската Унија и се дел од Повеќегодишниот план за воведување на еЦарина на Европската Унија. Во таа насока, продолжувајќи ја дигиталната трансформација на Царината, годинава ќе започнеме со развој и имплементација на четири нови царински системи, и тоа: нов транзитен систем – NCTS 5, нов национален едношалтерски систем (NSW), систем за електронска регистрација на економски оператори EORI 2, како и нов систем за контрола и истраги, рече Кутиров.

За Царината е многу значајно што годинава ќе се започне со имплементација на централен податочен склад, кој ќе ги интегрира царинските бази на податоци и кој ќе овозможи примена на напредни алатки за предвидливи анализи и алатки базирани на вештачка интелигенција, што придонесува за ефикасно откривање и справување со ризиците и заканите во царинското работење.

-Годинава ќе започнеме и со воведување на еден нов концепт на т.н. паметни граници. Во рамките на овој концепт на граничните премини и терминали ќе поставиме нова опрема базирана на современи технологии, која ќе може да комуницира меѓу себе и да се интегрира со тековната ИКТ инфраструктура и системи. Оваа опрема вклучува нов систем за видео надзор и препознавање на регистарските таблички на возилата (CCTV и ANPR), интегриран со читачи на кодови на документи, нови автоматизирани рампи и ваги. Целосната имплементација на овој нов концепт на работа, во кој повеќето процеси ќе се одвиваат автоматски, ќе придонесе на намалување на потребата од човечки фактор на граничните премини и терминали, ќе го забрза протокот, ќе влијае на поефикасни контроли и ќе придонесе за намалување на сивата економија и корупцијата. Средствата за овие нови проекти во најголем дел се обезбедени од ИПА програмите преку Делегацијата на Европската Унија во Скопје, заем од Светска Банка, други странски донатори, како и Буџетот на државата, нагласи Кутиров.

Преку „Отворен Балкан“ ќе го намалиме чекањето на граничните премини, особено во туристичката сезона. Граничниот премин Табановце е најфреквентен премин во нашата држава, со тенденција на зголемување на бројот на движења како на товарни, така и на патнички моторни возила, информира директорката на Царинската управа, и додава дека во изминатата 2022 година преку овој премин е забележан проток на 39% од увозот и 24% од извозот на стоки во државата.

– Притоа, во 2022 година 190.000 товарни моторни возила влегле во државата преку овој премин, што во просек значи над 500 товарни возила дневно. Состојбата со протокот на товарните возила е вообичаена, без поголеми задржувања на преминот. Во текот на летото, во екот на годишните одмори, кога се соочивме со огромен наплив  на патнички возила, се реализираа повеќе активности за краток рок кои имаа за цел забрзување на протокот. На влез во државата овозможивме непречено да функционираат 10 ленти, од кои 2 за товарни возила, една за автобуси и 7 за патнички возила, што претставува максимален број на ленти за влез на постоечката инфраструктура, кажа Кутиров.

Таа истакна дека исто така, за товарните возила е воспоставена брза лента за празни камиони и камиони кои превезуваат стока со европски транзитен документ NCTS, коишто повеќе не е потребно да влегуваат во граничниот царински терминал на Табановце.

-Со поддршка од ЕВН надминат е и долгогодишниот проблем со прекини на електричната енергија на преминот, кој предизвикуваше повремени падови на системите за евиденција и контрола на самиот граничен премин. Во координација со колегите од Царинските управи и Гранична полиција од земјите од Отворен Балкан, се работи и на дополнителни олеснувања кои верувам дека ќе придонесат за намалување на времето на чекање на преминот, пред сѐ во текот на туристичката сезона, рече Кутиров.

Зачлени се на нашиот е-билтен