Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Кузеска: Пендаровски го врати достоинството на функцијата претседател, дефинитивно СДСМ ќе формира Влада

Раководството на СДСМ даде поддршка за втор мандат на Стево Пендаровски, таа поддршка треба да се потврди и преку Централниот и Извршниот одбор, и на крај да се официјализира на трети март, на Конгрес, порача за Слободен печат, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Кузеска потсети дека и на претходните претседателски избори, Пендаровски доби поддршка од над 30 политички партии и различни етнички заедници и изрази надеж дека тоа ќе се случи и овој пат.

„Поддршката за Пендаровски стои и сега од различни етнички заедници, тој има поддршка од различни луѓе кои знаат да ја вреднуваат работата и трудот на еден човек кој се вложил во мандатот што го имал претходно. Еден од неговите главни адути е тоа што сите граѓани од сите етнички заедници препознаа дека тој работи за сите граѓани, дека не ги дели по ниту еден основ, па ниту по партиски основ. Стево Пендаровски го врати достоинството на функцијата претседател на државата и мислам дека на овие избори повторно на дело ќе ја видиме поддршката од граѓаните кон него“, посочи Кузеска.

Кузеска најави дека партијата работи на креирање на листите со кандидати за пратеници со кои ќе се настапи на претстојните избори.

„На пратеничките листи на СДСМ ќе има квалитетни кадри, ќе биде запазен и оној процент на возраст и на пол што ние го имаме. Ќе понудиме кадри кои се препознаени и од граѓаните и од членството. Ние сме постојано на терен, ги слушаме и нашите членови но и граѓаните, од кого се задоволни од кого не се и сето тоа ќе се земе предвид и ќе се направи една листа каде граѓаните ќе можат да ги прочитаат имињата на луѓе на кои им веруваат и пред се се квалитетни“, посочи Кузеска.

Во однос на очекувањата од изборниот резултат, Кузеска изрази оптимизам дека СДСМ ќе ја предводи и следната влада.

„Дефинитивно СДСМ ќе формира Влада. Очекувам дека политичките партии кои го поддржуваат европскиот пат ќе се водат по тоа не само предизборно туку и постизборно и дека знаат дека најсигурниот партнер за реализаирање на стартешките цели го имаат токму во СДСМ. И верувам дека не само декларативно, туку дека е вредност до која ќе се држат до крај“, заклучи Кузеска.

Таа истакна дека СДСМ во изминатиот период носела тешки одлуки, но и дека благодарение на тие одлуки, државата и граѓаните стекнале одредени придобивки.

„Факт е дека СДСМ во јавноста е препознаена како единствена партија што може да ја однесе државата во ЕУ и за тоа кај граѓаните нема дилема без разлика од која етничка заедница или од кој партија се. И оттука, одлуките што СДСМ ги носела за државата, не се нималку лесни и не се популизам. Свесни сме дека во некои моменти сме се соочиле со пад на рејтингот, но јас би потсетила на сите придобвики што државата ги има добиено од тие одлуки. Никој не веруваше дека платите толку можат да растат, граѓаните можат сами да почуствуваат и да видат, дека просечната плата е 650 евра. Во новата програма а граѓаните знаат дека нашата програма се остварува и затоа треба да очекуваат дека во следниот мандат на СДСМ просечната плата ќе биде 1.000 евра, а минимална плата од 600 евра. Ние се надминавме и во овој мандат, кога просечната плата стигна 40.000 денари“, рече Кузеска.

Таа најави дека партијата ја подготвува новата предизборна програма, која според Кузеска ќе донесе стабилност и и извесна иднина на државата/

„Со новата програма на СДСМ граѓаните ќе видат стабилност, извесна иднина и сигурност. Во новата програма со која ќе излеземе наскоро, ќе бидеме насочени многу кон младите. Сме направиле многу досега, но има да се направи уште многу и добро е граѓаните да знаат дека ние го остваруваме сето тоа што го ветуваме. Да потсетиме дека во изминатиов период имавме енергетска, здравствена криза, да не забораваме дека тоа беше еден тежок период. СДСМ за време на овој мандат, немаше мирно море. Мораше да се менаџира ковид кризата, после дојде енергетската криза“, истакна Кузеска, додавајќи дека црните сценарија на ВМРО-ДПМНЕ околу струјата на крајот не се оствариле.

Зачлени се на нашиот е-билтен