Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

ЛАРИСА ДИР: Украина треба да стане членка на НАТО, водството на рф мора да одговара за злосторствата

ЦИВИЛ Медиа направи интервју со Амбасадорката на Украина Лариса Дир, во врска со повеќе актуелни прашања поврзани со дипломатските активности на Украина, како и за најголемите опасности со кои се соочува украинската нација во овој период.

ЦИВИЛ МЕДИА: Какви очекувања има Украина од Самитот на НАТО во Вилнус? Дали верувате дека НАТО ќе ја донесе одлуката на која се надева Украина?

ЛАРИСА ДИР: Украина треба да стане членка на НАТО – за сите сојузници на Украина тоа станува очигледно со секој изминат ден. Тоа го разбираат во Брисел и треба да се разбере и во главните градови на земјите-членки на НАТО. Нашиот Министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, истакна дека се движиме со крстосувачка брзина во евроатлантските процеси. Токму таква и треба да биде брзината, за да се спречат злосторствата на државата-терорист рф, која секојдневно врши ракетни напади врз Украина, убива Украинци, уништува украински земји.

Ова е егзистенцијална војна – Украина ја брани својата државност и својата суверена територија. Но, притоа треба да се земе предвид и дека Украина во оваа брутална војна го брани евроатлантскиот свет. Да, тие ни обезбедуваат оружје, ние сме благодарни на сите држави кои ѝ обезбедуваат на Украина вооружена поддршка. САД се држава број 1, според обезбедената помош, ја цениме Велика Британија, која прва обезбеди оружје со долг дострел. Се разбира, придонесот на Северна Македонија е бесценет. Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, неодамна забележа дека Северна Македонија е на четвртото место меѓу земјите членки на НАТО по воена помош за Украина по глава на жител.

Украина високо ја цени поддршката на секоја држава-учесничка на „Контакт групата за одбрана на Украина“ (формат Рамштајн).

Секоја одлука на Владата на Северна Македонија за обезбедување на воена помош за одбрана на Украина е важна за нашата држава. Украина се надева дека Република Северна Македонија ќе ги поддржи сите одлуки поврзани со понатамошниот алгоритам за членство на Украина во НАТО.

Мнозинството разбира дека Самитот на НАТО во Вилнус треба да оди подалеку од одлуката на Букурештскиот самит во 2008 година. Украина е предност на НАТО, соодветно, треба да биде донесена одлука која ќе го забрза патот на Украина кон членство во НАТО.

Навраќајќи се на Вашето прашање во врска со верувањето во усвојување на посакуваната одлука за Украина – да, верувам дека одлуката за јасниот алгоритам за членство на Украина во НАТО и соодветните безбедносни гаранции ќе бидат усвоени, со оглед на тоа дека мора да се земе предвид рационалната реалност – пат за спречување на војните во Европа.

ЦИВИЛ МЕДИА: Знаеме дека Украина, со цел да обезбеди мир, во текот на повеќе изминати месеци активно ја промовира Формулата за Мир. Што има ново по ова прашање?

ЛАРИСА ДИР: Во право сте – да, Претседателот на Украина Володимир Зеленски уште во ноември минатата година, за време на самитот на Групата 20, ја претстави Формулата за Мир, составена од 10 точки: радијациона и нуклеарна безбедност; безбедност на храната; енергетска безбедност; ослободување на сите затвореници и депортирани; имплементација на Повелбата на ОН и обновување на територијалниот интегритет на Украина и светскиот поредок; повлекување на руските трупи и прекинување на воените дејствија; правда; запирање на екоцидот; спречување на ескалација; фиксирање на крајот на војната.

Ако се сеќавате, Самитот на Советот на Европа ја поддржа украинската Формула за Мир во својата конечна резолуција.

Претходно, на 23 февруари 2023 година, Генералното собрание на ОН ја поддржа резолуцијата во која е запишана Формулата за Мир на Претседателот на Украина Володимир Зеленски. рф, исто така, беше повикана веднаш да ги прекине воените дејствија и да ги повлече своите трупи од Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Секоја точка од Формулата за Мир предвидува конкретни дејства и мерки. Украина им понуди на држави да одлучат за конкретна помош во врска со реализирање на секоја точка. Всушност, Формулата за Мир е основа за ставање крај на агресивната војна на рф. Во февруари 2023 година, оваа резолуција на Генералното собрание на ОН беше поддржана од 141 држава, односно Формулата за Мир доби убедлива поддршка, и во исто време Постојаната претставничка на САД во ОН истакна дека поддршката на Украина е поддршка на Повелбата на ОН.

Благодарни сме ѝ на Северна Македонија за поддршката и на резолуцијата на Генералното собрание на ОН и резолуцијата на Советот на Европа и се надеваме на учеството на Северна Македонија на претстојниот Самит на Формулата за Мир.

Ние ги цениме и ги разгледуваме сите предлози за враќање на мирот во Украина. Меѓутоа, украинската Формула за Мир е единствениот мировен план кој има поддршка од ОН. Затоа, токму овој украински план за постигнување мир мора да биде реализиран, бидејќи војната на рф против Украина сеуште трае на суверена украинска територија.

ЦИВИЛ МЕДИА: Украина активно го поттикнува создавањето на посебни безбедносни механизми – „тенковска коалиција“, „коалиција на борбени авиони“, коалиција „Patriot“, како и создавање на механизам за осуда на рф за злосторството агресија. Која е целта на формирање на коалиција за создавање на Специјален трибунал во врска со рф?

ЛАРИСА ДИР: Станува збор за создавање на институција – Специјален трибунал за да се осуди раководството на рф за злосторството агресија против Украина.

Вие знаете подобро од кој било за формирањето на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија и Меѓународниот кривичен суд за Руанда. Двата специјални трибунали беа формирани со соодветни резолуции на Советот за безбедност на ОН.

Доколку државата-агресор рф е присутна во Советот за безбедност на ОН, таа најверојатно ќе го искористи правото на вето при соодветното гласање за формирање на Специјалниот трибунал. Државата-агресор рф продолжува незаконски да зазема место во Советот за безбедност на ОН, грубо кршејќи ја Повелбата на оваа универзална организација. Исто така, се сеќаваме и на фактот дека Меѓународниот кривичен суд издаде налог за апсење на шефот на државата-терорист рф во врска со илегалната депортација на украински деца на територијата на рф.

Сите што се приклучија на коалицијата за создавање на Специјален трибунал за осуда на рф за злосторството агресија против Украина несомнено ќе ја поддржат идејата да се изведат пред лицето на правдата оние кои го вршеле злосторството агресија.

Бидејќи моментално се дискутира за можните форми на формирање на Специјалниот трибунал, за Украина беше важно да се создаде коалиција – Core Group – од државни претставници за да се разработи конкретен механизам. Односно, Украина, користејќи меѓународно-правни средства за да ги заштити своите права, заедно со партнерите, со цел да се изведе рф пред лицето на правдата, работи на создавање на судско тело кое ќе има јурисдикција да го осуди злосторството агресија на рф против Украина.

Создадената коалиција постепено се проширува и нејзината работа денес е поврзана со дискутирање на правните прашања за создавање на Специјалниот трибунал. Република Северна Македонија се приклучи на оваа коалиција во април 2023 година и цврсто ја поддржува Украина и во ова прашање.

ЦИВИЛ МЕДИА: Речиси секојдневно, Украинците го почнуваат новиот ден со нови закани и предизвици. Кои сѐ опасности од агресивните дејствија на рф сега ескалираа за Украина?

ЛАРИСА ДИР: Покрај секојдневните ракетни и артилериски гранатирања, кои и онака се пеколни услови за нормален човечки живот, Украинците сега ги надминуваат последиците од уште еден акт на руски тероризам – разнесувањето на Каховската хидроцентрала. Разнесувањето на браната од руските злосторници е еколошки тероризам. Како резултат на тоа има човечки жртви, десетици поплавени населени места, стотици илјади луѓе кои немаат пристап до централизирано водоснабдување, под закана од исчезнување е природниот фонд.

Ова е страшна трагедија со далекусежни и долготрајни последици.

Украинците ги надминуваат ужасните последици од оваа катастрофа, но сметаат и на помошта од земјите партнери. На ист начин, сметаме на фактот дека меѓународната заедница ќе помогне да се направат напори за да се спречи нуклеарна катастрофа.

Знаете дека рф од почетокот на воената инвазија од големи размери во Украина, ја окупираше најголемата во Европа нуклеарна централа Запорижја, кршејќи ги и меѓународното право и нормите и стандардите за нуклеарна безбедност.

Непосредната закана од нуклеарен инцидент е создадена од руската милитаризација на нуклеарната централа Запорижја, особено преку минирањето. рф веќе се подготви за терористички акт на нуклеарната централа. русија треба да биде одвратена од нуклеарен криминал. Против рф како држава-терорист мора да се воведат зајакнати рестриктивни мерки, вклучувајќи ја и руската нуклеарна индустрија.

МААЕ се обидува да се справи со злосторничките намери на русите, но тоа е тешко. Ние сакаме да им помогнеме. На крајот на септември ќе се одржат избори за составот на Одборот на гувернери на МААЕ за периодот 2023-2025 година. Украина многу смета на поддршката на својата кандидатура од страна на сите држави, вклучително и Северна Македонија.

ЦИВИЛ МЕДИА: Дознаваме дека во ноември 2023 година во Украина ќе се одржи Меѓународен форум по повод 90-тата годишнина од Гладоморот од 1932-1933 година во Украина. Дали имате повеќе информации за овој Меѓународен форум?

ЛАРИСА ДИР: Планирано е овој Меѓународен форум да се одржи на Денот на сеќавање на жртвите на Гладоморот – 25 ноември 2023 година во Кијив со учество на претставници од високиот сегмент на странски земји, меѓународни организации, научници-истражувачи на Гладоморот, јавни организации.

Овој настан ќе биде многу важен за Украина.

Продолжува геноцидот врз Украинците од страна на државата-агресор рф. Државата-терорист рф сè уште не се откажала од својата цел – уништување на украинскиот народ, уништување на украинската државност. Секој ден рф убива, руинира, уништува, минира, насилно депортира украински деца на територијата на рф.

Злосторството геноцид-Гладомор од 1932-1933 година во Украина не беше казнето. Згора на тоа, ова злосторство беше прикриено со децении.

Најактивното признавање на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина како геноцид започна дури по 2006 година, кога во Украина беше усвоен Законот за Гладоморот од 1932-1933 година во Украина.

Бројот на држави чии парламенти го признаа Гладоморот од 1932-1933 година во Украина како геноцид особено се зголеми по почетокот на инвазијата од големи размери на рф во Украина. Неодамна, на пример, само во текот на јуни 2023 година, Гладоморот од 1932-1933 година во Украина беше признат од парламентите на Луксембург, Словачка, Хрватска, поточно парламентот на Хрватска донесе таква одлука на 28 јуни 2023 година, на Денот на Уставот Украина.

Овој Меѓународен форум ќе стане еден вид платформа за свесност за Гладоморот, за разбирање на тоа дека рф останува држава која врши геноцид, како и за солидарност со Украина.

Моралната поддршка е многу потребна за Украинците. За да се ​​бориме, за да преживееме. Се надеваме и на учество на раководството на Република Северна Македонија на овој Меѓународен форум, како и на одлука на Собранието за признавање на Гладоморот од 1932-1933 година во Украина како геноцид врз украинскиот народ.

Извор: Цивил Медиа

Зачлени се на нашиот е-билтен