Кога станува збор за известувањето од избори, тоа во голема мера зависи од општата состојба што се поврзува со слободата на медиумите, вели Џована Мајола, експерт и обучувач за медиуми и избори, која минатата недела престојуваше во Скопје во рамки на работилница во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС). Мајола работи и со ОБСЕ/ОДИХР, вклучително и во Северна Македонија.
– Всушност веќе вчера беше издаден Извештајот на Меѓународниот институт за печат во којшто се дава еден преглед на состојбата со медиумите. Според проценките на овој извештај, се оценува дека се уште постои поларизираност и дека довербата на јавноста во медиумите во моментов бележи пад. Меѓутоа, вие веќе ја споменавте важноста на онлајн медиумските куќи односно на присуството на онлајн медиумите, порталите и во извештајот токму за нив се вели дека тоа што загрижува дека постојат онлајн портали во коишто не постои независна продукција односно се работи за медиуми коишто својата содржина ја засноваат на плагијати. Сите овие фактори може да имаат влијание на квалитетот на покривањето на изборите. Оттука, сето тоа има големо влијание и врз економската и политичката состојба. Меѓутоа мојата главна порака би била да продолжите и понатаму со работа, и понатаму да ги градите овие позитивни напредоци затоа што сепак се уште во Северна Македонија постои можност за критичко известување, и постојат силни здруженија, коишто и понатаму ја подобруваат состојбата во овој поглед, вели Мајола.
Госпоѓо Мајола, во изминатите три дена бевте еден од едукаторите на работилницата за медиуми и избори што се одржа во организација на Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) во рамки на BRIDGE проектот (Градење на ресурси за демократија, владеење и избори). Која беше целта на оваа работилница и кои заклучоци произлегоа од неа, имајќи предвид дека учествуваа и претставници на медиумите и на институциите вклучени во процесот на избори?
– Целта на оваа работилница е всушност да се поддржат демократски и кредибилни изборни процеси. На тој начин да се овозможи политичко учество и општествена инклузивност. Меѓутоа воедно и да им се овозможи на гласачите слободно да можат да изберат кој ќе биде тој што ќе ги претставува. Оваа работилница, сметам дека беше навистина многу продуктивна, токму поради тоа што во неа се примени пристапот што ги опфаќа различните засегнати страни. А тука спаѓаат претставници на медиумите, институциите, политичките партии и организациите од граѓанскиот сектор. Тие всушност заедно се главните чинители на изборниот процес. И од тука, сето тоа овозможи да се претстават различните гледишта на медиумите, меѓутоа и да се земат предвид различните потреби што тие ги имаат во овој процес. На крајот на мојот одговор би сакала да кажам дека ќе си заминам со два главни заклучоци. Првиот заклучок е поврзан со тоа колку е важна таа усогласеност на традиционалните и на дигиталните медиуми односно нивното присуство во светот, и колку во овој случај е важно да се примени еден мултисекторски пристап кон изборите, затоа што тоа е важно во поглед на ефективната комуникација, меѓутоа и вклученоста на изборните органи, граѓански сектор, политичките партии и останатите чинители. Воедно исто така вториот заклучок е дека навистина е многу важно да се фокусираме на потенцијалните, но и на реалните закани што произлегуваат и се јавуваат во дигиталната сфера и колку се тие важни за самиот интегритет на изборите.
Ова не е прв проект што го работите во Северна Македонија. Вие сте многу добро запознати со состојбите во медиумската сфера. Ние сме на прагот на нови избори, претседателски, а потоа и парламентарни. Кој е вашиот став за состојбата со медиумите и на што треба да се посвети внимание во контекст на изборите?
– Во овој поглед структурните елементи на овој аспект се многу важни во медиумскиот контекст во Северна Македонија. Всушност, кога станува збор за известувањето од изборите, тоа во голема мера зависи од општата состојба што се поврзува со слободата на медиумите. Оттука ако погледнеме еден многу важен извештај којшто се објавува редовно секоја година од една многу видна организација како што е „Репортери без граници“, можеме да видиме дека состојбата во Северна Македонија бележи прогрес. Доколку ги погледнеме само бројките, ќе видиме дека во 2022 година, Северна Македонија била оценета на 57 место од вкупно 180 земји, додека пак веќе во 2023 година, таа се наоѓа на 38 место. Со оглед на сево ова сепак треба да кажам дека постојат и одредени прашања коишто треба да се третираат, и на кои што треба да се одговори. Всушност веќе вчера беше издаден Извештајот на Меѓународниот институт за печат во којшто се дава еден преглед на состојбата со медиумите. Според проценките на овој извештај, се оценува дека се уште постои поларизираност и дека довербата на јавноста во медиумите во моментов бележи пад. Меѓутоа, вие веќе ја споменавте важноста на онлајн медиумските куќи односно на присуството на онлајн медиумите, порталите и во извештајот токму за нив се вели дека тоа што загрижува дека постојат онлајн портали во коишто не постои независна продукција односно се работи за медиуми коишто својата содржина ја засноваат на плагијати. Сите овие фактори може да имаат влијание на квалитетот на покривањето на изборите. Оттука, сето тоа има големо влијание и врз економската и политичката состојба. Меѓутоа мојата главна порака би била да продолжите и понатаму со работа, и понатаму да ги градите овие позитивни напредоци затоа што сепак се уште во Северна Македонија постои можност за критичко известување, и постојат силни здруженија, коишто и понатаму ја подобруваат состојбата во овој поглед.
Каков е вашиот став со медиумите и новинарите во Европа и во светот? Какви предизвици би можеле да не очекуваат во контекст на претстојните избори за Европскиот парламент?
Во однос на првото прашање, најпрво би сакала да дадам една поширока слика за состојбата со медиумите и слободата на медиумите во Европа. Најпрво можеме да забележиме дека состојбата со слободата на медиумите се влошува насекаде во целиот свет. Тука постојат многу фактори што влијаат на тоа. Вие ја споменавте економската состојба и вистина дека е така. Но постојат други фактори како што се всушност и концентрацијата на сопственост на медиумите, заканите по независноста, но исто така и опаѓањето на користењето на традиционалните медиуми и свртувањето на публиката кон онлајн сферата. Воедно во ЕУ се преземаат многу различни мерки со цел да може да се заштити слободата на медиумите, и тие мерки се разликуваат. Имаме законодавни мерки како што е на пример усвојувањето на Законот за слободата на медиумите на ЕК, но исто така и други видови на мерки. Во однос на второто прашање, кое се однесува на изборите што претстојат за Европскиот парламент, главната загриженост на ЕП во оваа насока, е постоењето на дезинформациите како во онлајн, така и во офлајн сферата. Институциите на ЕП навистина вложуваат многу напори за да можат да се борат против ваквите појави и тоа го постигнуваат на повеќе начини. Најпрво беше усвоен Законот за дигиталните услуги односно тој се очекува да се спроведе, веќе да биде валиден и да се користи на следните избори. Меѓутоа, тоа го постигнуваат и преку граѓанските организации коишто нудат услуги на проверување на факти, но воедно и преку Дигиталната европска опсерваторија, каде што е формирана и работна група која што се очекува да почне со работа во 2024 година. Повторно ќе бидат активни за време на изборите. Воспоставен е и систем на брзо известување за вакви појави за ширење на дезинформации, како и други механизми коишто ќе се погрижат да се избегнат негативните појави.
(МИА)