Во серијалот интервјуа „Имаме неколку прашања за вас“, овојпат разговараме со Бојан Маричиќ, поранешен вицепремиер за европски прашања.
Разговараме за актуелниот момент на евроинтеграциите на Северна Македонија и за тоа како се случи да бидеме „тажна приказна“ на Западен Балкан. За реформите и обврските што (не) се случија, за пречките, чекорите напред и за заканата од последиците што ќе се случи доколку долго бидеме надвор од перспективите на ЕУ. Каде сме денес, каде можевме да бидеме – и што значи тоа за иднината на земјата.
Со Бојан Маричиќ разговараше Зоран Бојаровски.
Рацин.мк: Господине Маричиќ, благодарам за можноста да го направиме оваа интервју. Го посветивме на Денот на Европа. Оваа година Албанија и Црна Гора имаат посебни причини да го слават овој ден, затоа што од последната посета на турнеа на Марта Кос, еврокомесарката за проширување на Европската Комисија, стигна пораката дека овие две земји до крајот на мандатот на оваа, актуелна Комисија, се очекува да станат членки на Европската Унија.
За останатите земји, вклучувајќи посебно Македонија, беше кажано дека се тажна приказна на Западниот Балкан.
Според оваа изјава и според овој нов момент што го имаме во однос на претходните најави кога Македонија беше лидер на Западниот Балкан, колку сме блиску, а колку далеку од членството во Европската Унија?
Маричиќ: За жал ние овој 9-ти мај не можеме да го прославиме, во тој контекст со успех, но треба да го славиме како одбележување на Денот на Европа или Денот на победата над фашизмот.
Мислам дека токму оваа поделба којашто се прави и за којашто за жал и ние се боревме низ годините, сега на некој начин ни се, ни се враќа како бумеранг и ни се удира од глава. Што значи тоа?
Ние во изминатите десетина години или седум-осум години инсистиравме на две работи. Прво, да не бидеме третирани исто со сите земји во регионот, односно секоја земја да биде третирана согласно својот успех и своите заслуги.
И второ, да се даде една јасна и прецизна перспектива за членство во Европската Унија на државите од Западен Балкан. Бидејќи досегашниот процес на проширување се покажа на дело дека трае многу подолго. Барем оваа последна фаза на преговори со Србија, Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина, трае многу подолго отколку што траела предходно.
Верувам дека Европската Комисија ја сфати таа порака и токму во тој контекст се овие пораки од комесарката Марта Кос. Поделбата на тажни и успешни приказни е нешто што ние сме го барале многу долго време.
Она што е штета за Македонија е што завршивме на страната на тажните приказни, а не на страната на успешните приказни, каде што можевме да завршиме. За тој резултат има голема одговорност кај нас, во нашиот домашен политички контекст, има одговорност и кај Европската Унија.
Но, тоа е веќе даденост. Тоа е веќе јасно. Главното прашање е што можеме и што треба да правиме оттука понатаму за да излеземе од тажната приказна.
Штета е што Македонија заврши на страната на тажните приказни, а не на успешните.
За тоа што можеме оттука натаму да правиме во наредните години се прашањата за кои сакам да поразговарам со вас и за кои ве поканив да го направиме ова интервју.
Ајде да тргнеме од тоа од стратешки аспект. Членството на Северна Македонија во Европската Унија беше едно од стратешките прашања. Што значи тоа сега за нас? Се промени ли таа позиција?
Ние и досега имавме поделба на држави во регионот членки на НАТО и oниее кои не се членки на НАТО. Трите членки на НАТО, Северна Македонија, Албанија и Црна Гора, беа фаворити за членство во Европската Унија.
Од друга страна ги имавме Босна и Херцеговина, Србија и Косово, коишто се сметаат за држави во коишто има замрзнати конфликти и на коишто ќе им треба уште многу време за решавање на тие конфликти и за влегување во лентата на проширување на Европската Унија.
Во моментот, за наша жал, Македонија е излезена од групата на успешни приказни и е ставена во групата на овие приказни коишто се во доменот на замрзнати конфликти и коишто им треба уште многу за да влезат во Европската Унија, а на наше место е придодадена Молдавија.
Ова го знам и од прва рака, бидејќи работам во Црна Гора и во Молдавија на проширувањето, односно на процесот на преговори, и новиот пакет стратешки пакет за проширување се Молдавија, Црна Гора и Албанија. Тие држави се ставени на брза лента на преговори и нивните преговори течат извонредно забрзано во споредба со тоа што сме го имале досега во случајот на Црна Гора и Србија, да речеме.
Нивните преговори денес наликуваат на оние преговори од големото проширување од 2004 година или со Бугарија и Романија, кога навистина забрзано се поминуваа поглавјата за да се дојде брзо до исходот на затварање на преговорите и членство.
И токму тоа ни укажува дека има една нова динамика во ЕУ. Дека има една нова динамика којашто произлегува од руската агресија врз Украина и којашто ја разбуди Европската Унија и ја доведе пред избор или ќе направи стратешки чекор да направи прием на нови членки и да и сцрта на некој начин границата на својот интерес и на својот систем, или ќе остави простор за Русија и други сили, се разбира, да дејствуваат и на Балканот и на истокот на Европа.
Украина само би ја спомнал како еден посебен случај. Таа сѐ уште не може цврсто да влезе во тој пакет за проширување покрај Молдавија, Црна Гора и Албанија, затоа што се чека исходот од мировните разговори, за да видиме како ќе изгледа тој пакет. А додека не се случи тоа, дел од земјите членки, на пример Унгарија на Орбан, не сака да дозволи да овозможи продолжување на преговорите.

Ако земеме дека Украина е посебен случај заради војната на нејзината територија, заради воената агресија на Русија, тоа практично значи, ако можам да заклучам од ова што сега го кажувате, на Црна Гора и Албанија не се единствените две земји на кои се смета до 2030. Им се приклучува и Молдавија.
Тоа практично значи дека Македонија останува во групата на Косово и Босна и Херцеговина, можеби и на Србија. Тоа е нешто што беше далеку од тоа да го прифатиме или да го замислиме, до пред две години, кога Македонија беше лидер на западниот Балкан.
Тоа докажува дека работите се движат многу бргу и дека нема постојани лидери или постојани аутсајдери. Ние практично со нашето однесување или со тоа што цврсто застанавме против уставните измени, кои што ги предвидуваше францускиот предлог, и немаме излез понатаму што би правеле. Немаме идеа што би правеле и тоа нè доведува во групата на оние држави кои што се проблематични или оние држави кои што ќе им треба уште многу.
Дали ќе влезе Македонија или не во пакетот на Молдавија, Црна Гора и Албанија, зависи од нас. Ако ние ги направиме уставните измени во некој догледен период, ќе можеме да ги стигнеме преговорите за да завршиме до крајот на мандатот на оваа Комисијата.
Инаку, планот на Комисијата е до крајот на мандатот, до дваесет и деветта година, значи практично од 2030 година, да има три нови, барем три или четири нови членки, зависно од тоа кои ќе бидат спремни. Затоа се водат забрзано преговорите. Наше е дали ќе бидеме дел од тие членки. Сега како што стојат работите многу тешко. Или, едноставно, ќе упатуваме честитки до новите членки и ќе бидеме во публиката наместо на бината и ќе аплаудираме за членството на Црна Гора, Албанија и Молдавија.
Уште нешто што можам да заклучам од ова што досега го кажавте е дека не е доволно ние да имаме стратешка цел. Тоа е наша стратешка цел и треба да работиме на неа. Но, треба да се сообразиме практично и на стратешките цели, на менувањето на политикита на Европската Унија во однос на проширувањето, кои во последните години многу зависеа од геополитичките прашања.
Колку се реални шансите ние да станеме дел од групата заедно со Македонија, Албанија и Молдавија?
Постои волја да бидеме вклучени ние во таа група.
Во Брисел?
Да. Тоа не е спорно и меѓу државите членки Германија, Франција, зборувам за клучните држави членки. За жал не сме имале секогаш таква наклонетост. Се сеќавате, ние 2019 година имавме буквално завршено сè, и ги очекувавме преговорите да започнат, кога Франција се противеше на тоа.
После тоа дојде бугарското вето и проблемот со Бугарија. Но, во моментот постои огромна волја, на некој начин и чувство на грижа за Македонија, зошто досега не влеговме подлабоко во преговорите. Така што, кога би собрале храброст да ги, да ги направиме уставните измени како клучен чекор за продолжување за преговорите, мислам дека сето тоа ќе ќе не одведе во една друга димензија и дека можеме и имаме потенцијал брзо да ја стигнеме, да ја стигнеме оваа група.
Ако пропуштиме уште една година, бидете сигурни дека после тоа веќе никој нема ни да не прашува, ниту да бара од нас ништо, бидејќи едноставно ќе бидеме паркирани во чакалната уште долго време.
Ако долго бидеме надвор од перспективите за ЕУ, само ќе тонеме во национализам и корупција.
Што ви кажуваат изминатите десет месеци, од функционирањето на новата власт која ветуваше дека во првите шест месеци, до крајот на 2024 година ќе го реши прашањето и ќе почнеме, односно ќе ги продолжиме преговорите за отворање на кластерите?
Една од клучните теми на коишто ВМРО-ДПМНЕ ги доби во изборите беше токму тоа дека тие ќе се подготвени да направат подобар договор, да репреговараат и да избоксуваат подобра позиција. Но, исто така има едни разновидни пораки што збунуваат.
На пример, во одредена точка претставници на владата велат францускиот предлог ни го брише идентитетот, ни прави проблем, ни го доведува под прашање идентитетот. А во друга прилика велат не е ништо проблематично во тој предлог, само да ги одложиме, да го одложиме дејството на уставните измени.
Би го направиле, ама да го одложиме дејството. И тоа е таа неконзистентност и тоа незанимавање сериозно на оваа тема.
Мојот впечаток е дека не се работи сериозно на оваа тема, за да се изнајде некакво разумно и реално решение.
Инаку сите би сакале подобар договор. Меѓутоа, еве тој договор не се случи и скоро година дена од формирање на новата влада и многу се мали шансите да се случи, еве, да не речам невозможно. Меѓутоа, не е реално да очекуваме дека ќе се репреговара повторно. Еве имаме нова бугарска влада, претходно тоа беше проблем.
Значи ги имаше сите и ги има сите услови за да се влезе во разговори на оваа тема. Немам впечаток дека нешто се прави. Можеби има некои разговори зад сцената, меѓутоа очигледно тие не даваат резултат. Мислам дека е битно владата, и требаше и до сега, првите шест месеци од новата влада беа идеални за некој таков чекор. Но, нејсе, битно е да се разбере моментот во којшто се наоѓаме и дека немаме бесконечно време за чекање и загубени, чекајќи да се промени нешто во ЕУ, во правилата на ЕУ или да се смени Бугарија.
Тоа нема да се случи во догледно време.

Тоа сакав да ве прашам понатаму. Едно од очекувањата беше дека ќе се промени нешто во Брисел, во Европската Унија. Во најголем дел така доаѓаа сигнали. Никогаш тоа не беше отворено кажано, дека ЕУ ќе го укине консензуалното донесување на одлуки и ние тогаш ќе сме направеле исчекор во таа работа.
Се сеќавате на времето, се надевавме и во НАТО дека ќе се сменат правилата за да влеземе во НАТО. Тоа е убава идеја и таа идеја треба да се поддржи и има сериозни лобисти. Но, мислам дека, ааа, треба да знаат граѓаните што значи тоа во пракса.
Тоа во пракса значи дека треба да се сменат основачките договори на Европската Унија, а за да се случи тоа треба да има консензус од сите држави членки, а бидете сигурни дека тоа нема да биде единственото прашање заради кое би се менувале основачките договори. Тоа значи дека во пракса тоа врзува еден цел сет на прашања коишто многу комплицирано ќе се договараат за да се дојде до исход на менување.
Значи не е само Македонија причина да се промени консензусот за консензусот. Има многу прашања…
Има многу прашања и сакам да кажам тој процес би бил многу долг и без очекуван или предвидлив исход кога би се случиле и дали би се случил.
И затоа мислам дека тоа, ако тоа ни биде нас единствената надеж, ќе се изначекаме. Мислам дека е многу поразумно да го искористиме оној што го имаме на масата како француски предлог. Тој предлог ни овозможува да ги продолжиме преговорите и да се заштитиме самите себеси.
Нема да добиеме, за жал, подобар. Еве, доволно време помина за да ни е јасно дека нема да има подобар договор, и наместо да чекаме нешто да се смени, треба да се влезе во разговор со нашите европски партнери и во разговор со Бугарија, за да, нормално, на рамноправни основи и со достоинство видиме како понатаму.
Директните комуникација со Бугарија мора да се случи. Не можеме да очекуваме дека некој ќе ни го проблемот.
Во тие разговори дали може да очекуваме однапред дека билатералните прашања веднаш ќе бидат тргнати настрана, и дека никогаш нема повторно да се постават во било која фаза од преговарачкиот процес?
Тоа ниту еден фактор не може да ви го гарантира написмено стопроцентно, и да ви каже, ако вие ова денес го направите, до крајот на преговорите никој ништо нема да ве чека.
Зашто имав впечаток дека такво нешто се очекува, таква гаранција.
Секој што го проучувал историјатот на проширувањето може да заклучи дека имало вакви случаи каде што една држава членка блокирала друга држава членка, долгорочно, заради некое билатерално прашање.
Па и ние го имавме со Грција, Хрватска и Словенија, да не ги заборавиме. Албанија имаше со Грција двегодишна блокада, којашто ја отклони, и никаква гаранција нема дека во иднина пак нема да се отвори тоа прашање. Да не ги вадиме сега Франција и Велика Британија…
Франција и Велика Британија имаа речиси десетгодишна блокада од Франција кон Велика Британија за зачленување во ЕУ. Така што, мислам дека треба друго да имаме на ум. Ако ние го направиме ова, Бугарија нема да има кредибилитет веќе да блокира.
Ниту една држава членка, без разлика колку е силна Бугарија, да речеме не е меѓу оние најмоќните, не може, нема политичка тежина и кредибилитет да блокира долгорочно повеќе од ова. На крајот од краиштата, во процесот на преговорите, на преговарањето на францускиот предлог, Бугарија го истакна барањето за уставни измени како нивно најзначајно барање.
И тоа е единствено влезено во заклучоците на Советот. Сè останато понатаму сме го префрлиле во доменот на малцински прашања, односно прашања на бугарското малцинство во Македонија. И сè натаму ќе оди, и би одело, многу нормално.
Можеби ќе имаме други отворени прашања во други поглавја, меѓутоа нема да има сила, нема да има кредибилитет Бугарија или било која друга држава да инсистира на било каков неразумен спор или неразумна блокада. И тоа ни е најдобра гаранција.
Желбата на ЕУ да има ново проширување во 2030 година ни е најдобра гаранција дека нема да има нови блокади.

Ако го прифатиме ова, односно ако не прифатиме дека храбро треба да влеземе во овој процес и на овој начин, другата алтернатива е замрзнување на целиот процес. Дали е тоа добра алтернатива?
Процесот е веќе замрзнат на некој начин, ако останеме во оваа ситуација, едноставно само ќе поминува времето, другите ќе одат напред, а ние ќе останеме навистина во чекалната и во публиката.
И затоа мислам дека во таа смисла владата треба да се охрабри да го направи тој чекор, и реално освен Левица, којашто се противи, тоа беше аргумент на ВМРО-ДПМНЕ знаете и тогаш, 2022-ра, 23-та, дека заради противењето на Левица може тие да имаат политичка штета ако, ако прифатат.
Мислам дека тоа не е доволен аргумент пред судот на историјата. Кога за десет години или за пет години ќе имаме ситуација во којашто Албанија и Црна Гора ќе бидат членки на Европската Унија, значи зборуваме за држави коишто биле многу зад нас во процесот.
Албанија, ние сме воделе скрининг заедно со нив и сме биле во претставувањето на нашите реформи многу пред нив. Црна Гора знаеме дека кога бевме ние кандидат за членство 2005, уште не беше ни независна држава, меѓутоа отидоа напред и ќе бидат членки за некоја година.
Ние ќе треба да се соочиме со нашите нови генерации и со нашите сегашни генерации и да им објасниме дали беше доволен аргумент тоа што некоја политичка партија се противела за тоа да ние останеме надвор од Европската Унија, нешто што ќе ни ги одземе перспективите за сериозен развој.
Знаете, веќе е многу мерлив развојот којшто произлегува од Европската Унија. Гледајте ја Хрватска. Каква била пред десет години, како изгледа денес во Словенија, да не ја спомнувам Бугарија и Романија, држави коишто биле многу многу подалеку од нас во развојот, каде се денес.
Затоа, мислам дека треба да се размислува на тој начин, затоа што времето ќе поминува, нашата приказна дека ќе добиеме подобар предлог веќе испарува. Нашата приказна дека ЕУ е неправедна кон нас, ќе ја уважат веројатно многумина, меѓутоа нема да ни помогне тоа за да направиме чекор напред.
Бидејќи замрзнувањето, односно замрзнатиот процес не е решение, не е алтернатива, но, од друга страна, кога имавме вакви ситуации, излегуваа некакви проекти или за алтернативи.
Една од нив беше Европската политичка заедница. Веќе подолго време нема нешто ново околу тоа. Се чини како да мирува таа иницијатива, веројатно од геополитичките околности или целиот процес што се случува во Европската Унија.
Од друга страна, има исто така некакви обиди за некакви регионални поврзувања. Последното беше она на Орбан кога понуди за Македонија, Србија и Унгарија некаква економска зона за соработка како компензација за овие прашања.
Ништо од овие иницијативи не може да биде вистинска замена. А, сите овие иницијативи можат да бидат само дополнување на процесот на зачленување и дополнување на Европската Унија како, како рамка. И Европската политичка заедница, сите овие се добри иницијативи, коишто даваат некаква додадена вредност.
Меѓутоа, замената за ЕУ е тонење во национализам и корупција, ништо друго. Само тоа е замената за ЕУ, а тоа веќе доволно долго го имаме на Западен Балкан, го имаме и тука, за да се држиме до таа, до таа алтернатива. Затоа мислам дека сите тие регионални иницијативи, целата таа регионална соработка треба да се прифати и да се искористи.
Треба да се учествува активно во нив и треба да се извлече максимум за нашите граѓани. Практични придобивки. Како да се забрза трговијата, како да се мобилизира работната сила повеќе во регионот. Сè тоа е добро и треба да се поддржи.
Европската политичка заедница треба да даде едно политичко единство на европските лидери, каде што ќе имаат еден форум да ги дискутираат политичките прашања, безбедносните прашања и така натаму. Меѓутоа, ништо од тоа неможе да биде алтернатива. ЕУ до сега има понудено два модели на функционирање.
Едното е членство, полноправно членство во ЕУ, а другото е онаа таканаречена Европска економска заедница, којашто е создадена за богатите држави коишто немаат политичка волја да учествуваат во политичкото одлучување на ЕУ, како што се Швајцарија, Норвешка, Лихтенштајн, Исланд и така натаму.
Ние не сме Швајцарија, Норвешка, Исланд и така натаму, и многу тешко би било да се функционира во такви услови, бидејќи тие го прифаќаат само заедничкиот пазар без политичкото одлучување. За нас, секако, е најдобро решение, исто како за другите држави членки коишто се во НАТО веќе, а сакаат да бидат во ЕУ, да бидеме полноправна членка во ЕУ.
Се плашам дека 2030 година ќе биде последното проширување по овој модел, и дека понатаму ќе се бара некоја форма на соработка и на сојузништво коешто нема да подразбира класично членство. Тоа можеби одговара на Србија. Тоа можеби одговара на Босна и Херцеговина, којашто има комплицирани односи. Можеби му одговара и на Косово, можеби одговара и на Украина. Меѓутоа, не на Македонија.
Ќе биде поразително пред судот на историјата ако за 5 години Албанија и Црна Гора бидат членки на ЕУ.
Кога велите овој модел на проширување, тој во себе подразбира и влијание на геополитиката и гео-политичката стабилност, која зависи многу од политичките, геополитичките движења во светот.
Дали во овој случај, ако се одложи членството на Македонија во Европската Унија, ние влегуваме во ризик да не бидеме под безбедносниот чадор кој го обезбедува Европската Унија и НАТО сојузниците во овој геополитички контекст?
Европската одбранбена унија ќе јакне во текот на наредните години, особено заради однесувањето и политиките на новата американска администрација. Се очекува дека ќе се вложат многу напори, средства и политики во зајакнувањето на европската одбрамбена политика.
Тоа секако ќе ги опфаќа европските држави коишто се членки на НАТО, а тука сме и ние, но пред сѐ ќе имаат предност таму да учествуваат оние коишто се членки во Европската Унија или наскоро ќе бидат. Ние, во секоја смисла, ја ставаме државата под ризик ако сме долго надвор од тие процеси.
Затоа што ние знаеме дека и внатрешната кохезија на државата, меѓуетничката кохезија, секогаш била поголема кога сме имале процес, жив процес и движечки процес кон Европската Унија и кон НАТО. Секогаш сме се враќале на истите теми, на истите проблеми, на комплицирање на меѓуетничките односи, кога сме биле далеку.
Затоа мислам дека тоа не треба да се потценува. Не треба, се разбира, ни да се преценува. Затоа што јас мислам дека времињата на такви класични конфликти на Балканот се завршени, но, доволно е државата да има или да нема, перспектива за развој, за да тоа го почувствуваме жестоко по нашиот животен стандард, нашиот квалитет на живот, на привлечноста на оваа држава на Македонија за сопствените граѓани да останат тука. И привлечноста за соседните држави да доаѓаат тука и да водат бизнис, да работат, да ја посетуваат оваа држава.
Тоа е сѐ врзано. Не е случајно што дури и држави коишто имаат и море и перспективи за развој како Црна Гора и Албанија, а имаат свои проблеми, дури па и билатерални со соседите, имаа и Црна Гора со Хрватска, има и Албанија со Грција, меѓутоа се борат да влезат.
Па гледајте кампањата само на Еди Рама. За неколку дена се изборите во Албанија. Тоа што ние го пропагиравме во изминатите години, велевме Северна Македонија членка на ЕУ до 2030 година, денеска е главниот слоган на Рама во изборите Албанија членка на ЕУ до 2030 година.
Така што таа порака и таа желба да излеземе веќе од таа долговечна транзиција и да влеземе во едни помирни води, води на развој и води на поврзување или области на повеќе можности, мислам дека е многу очигледно во која насока треба да се движиме.
Не треба никој да има илузија дека долгото чекање надвор од перспективите за ЕУ ќе создаде проблеми тука, а и реков, тоа само ќе не потоне во национализам и корупција.

Велат пропуштените прилики се пропуштени прилики. Но, еве да речеме што можеме да научиме од она што го пропуштивме во изминатите две-три години, кога беше, кога вриеше практично прашањето да го решиме ова со уставните измени и да го направиме тој голем изчекор во процесот на проширување во процесот на евроинтеграција со отворање на кластерите.
Што да направиме понатаму? За консензусот внатре во земјата имавме еден обид во 2022-ра ми се чини и 2023-та особено да го постигнеме. Имаше таква понуда на масата, да се обединиме околу ова прашање и да го затвориме.
Што од тоа можеме сега да извлечеме како поука, бидејќи немаме многу време, уште четири години до 2030-та?
Мислам дека треба да сфатиме дека времето не работи за нас. Тоа не ни е луксуз. Чекањето не ни е никаков луксуз.
А мислам дека оваа влада и ВМРО-ДПМНЕ како партија, имаат доволно поддршка, доволно цврста поддршка за да влезат во градење на национален консензус. И реално, нема. Албанскиот блок комплетно дава поддршка, СДСМ како најголема опозициска партија исто така, и мислам дека и до сега требаше да се направат чекори во таа насока, за да побрзо едноставно излеземе излеземе од тоа.
Колку бидеме поединствени по овие прашања, толку ќе ни биде поцврста позицијата во натамошниот тек на преговорите, кој што ќе биде многу тежок. Со многу други прашања поврзани со заедничкиот пазар, со економијата, со животната средина, со земјоделието, кои што ќе треба заеднички да ги решаваме.
И инструментите се на располагање, а средствата од ИПА исто така. Политичкиот амбиент може многу лесно да се сврти. Директните комуникација со Бугарија мора да се случи. Ние не можеме да очекуваме дека некој ќе ни го ќе ни го реши проблемот.
Ние знаете и со Грција имавме вакви фази, кога мислевме и на суд ги тужевме и ги добивме и на суд и стотина држави не признаа.
Но, директната комуникација даде резултат.
Така е, на крајот моравме да седнеме со нив и да ги договориме работите, да го решиме спорот.
Мислам дека веќе ние имаме рамка за решавање. Клучните прашања се веќе решени според мене. Оние прашања што се дополнителни, околу статусот на бугарското малцинство кај нас или околу некои историски теми, сето тоа има инструменти како да се реши во од, и да не доведе до блокада и јас сум убеден дека ние имаме доволно сила да го истераме тој процес без да бидеме надмудрени, надитрени или притиснати, туку едноставно да го изодиме тој пат чувајќи го нашиот интерес.
Верувам дека францускиот предлог дава доволно можност да влеземе во Европската Унија како Македонци кои говорат македонски јазик. Тоа го гарантира и тоа беше клучната битка во тој предлог. Да ги затвориме идентитетските прашања на тој начин што ќе имаме гаранција дека никој не може да ни го оспори македонскиот јазик и самобитноста на македонскиот идентитет и дека од теренот на идентитетски прашања спорот со Бугарија го ставаме на терен на заштита на бугарското малцинство во Македонија.
Тоа е сосема друга приказна и мислам дека таа патека, таа основа треба да не води во развивањето на односите со Бугарија и во развивањето на имплементацијата на францускиот предлог, кога ќе за тоа се создадат услови.