Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Мирјана Лазарова Трајковска: Високо професионални судии заминуваат под притисокот и од внатре и од надвор

  • Треба да се изградат критериуми кои ќе создадат слика дека секој од кандидатите е примен во Академијата за судии и обвинители затоа што тоа го заслужил, независно чие дете е.
  • Не се продуктивни краткорочни популистички мерки кои се нарекуваат ветинг, а подразбираат неколкугодишно блокирање на правосудниот систем, за што има негативни искуства од Албанија, од Украина и од Молдавија.
  • Сум поминала низ многу институции, а во последните 20 години во високи судски институции и имало ситуации кога сум го почувствувала „здивот“ на обидите за индиректни влијанија.
  • Честото укинување на предмети од висок профил, застарувањето на предмети, злоупотребата на спогодбеното решавање, ослободителни пресуди или условни осуди во предмети за кои имало и меѓународно мониторирање на јавните расправи придонесуваат вербата во судството да паѓа како кула од карти.
  • Државата, а не главно меѓународните организации и амбасади, треба да вложува во судството преку подобрување на условите и методологиите за работа и во обуки и тренинзи.

Мирјана Лазарова Трајковска е една од светлите точки во судството, неспорен авторитет која прецизно ги отсликува состојбите во оваа важна област. Со своето искуство како судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, како уставна судијка и сега како актуелен судија во Врховниот суд, е вистински соговорник за горливите прашања во судството и барањето излез од лавиринтот во кој се изгубија судиите и обвинителите – ситуација која со право предизвика гнев и разочарување во јавноста која очекува независно и објективно судство како сервис на граѓаните и на правната државата.

Лазарова Трајковска е номинирана и за судија во Меѓународниот кривичен суд во Хаг каде во моментот има отворено шест судиски места од кои две се за земјите од Источна и Централна Европа, во чија група е и Северна Македонија – што ја зацврстува на позицијата на самиот врв во судството.

Судијке Лазарова – Трајковска, важите за судија со интегритет и правичност во делењето правда и затоа сметавме дека треба да поразговараме со Вас околу проблемите во правосудството, за да може јавноста да добие одговори од непристрасна и објективна личност со огромно знаење кое е верификувано и од меѓународни институции. Оттука интервјуто би го почнале со најгорливото прашање во моментов: Може ли да бидат повикани на одговорност членовите на Судскиот совет и потпретседателот кои, би рекле на „каубојски начин“, ја разрешија претседателката Весна Дамева?

– Влогот во целата оваа постапка околу разрешувањето е врзан со важноста на независноста на судството. Сакам да потсетам дека постојано треба да се повторува дека независноста на судството е потпорен елемент на владеењето на правото, а со тоа и на сите демократски унапредувања во земјата. Е токму во тој дел е и смислата на постоење на Судските совети, тие да бидат на браникот на независноста. Погледнете ја пресудата на Судот на правдата на ЕУ од 2019 година, (Комисијата против Полска) во која зборувајќи за независноста на судството, овој суд нагласува дека во обезбедувањето независност на Судскиот совет во таа земја, не мора да значи дека извршната или законодавната власт не би можеле да имаат никаква улога во изборот на членовите на судскиот совет како тело. Сепак, нивната улога мора да биде вградена во закон и мора да има заштитни мерки за да се обезбеди независност на членовите на овој судски орган, особено на судиите членови, а со тоа да се обезбеди и независност на судството како такво. Ние во изминатата седница ги видовме членовите предложени од политиката во меѓусебна расправа на процедурално неподготвена седница на Судскиот совет. Токму во контекст на загриженоста за независноста на Судскиот совет, во изминатата недела слушнавме многу јавни повици за одговорност не само на потпретседателот туку и на членовите на Судскиот совет во врска со постапката за разрешување на претседателката на тој совет. Некои повикуваа на оставки, други на разрешување, а еминентни професори го повикаа и јавниот обвинител да ја истражи работата околу овие случувања, што ќе значи дека препознаваат и елементи на кривична одговорност, па во тој контекст беа спомнувани и конкретни кривични дела. И навистина, одговорноста може да биде повеќенасочна за постапувањето на начин и во постапка која не е пропишана со закон. Законот за судскиот совет предвидел дисциплинска одговорност за членовите на Судскиот совет и тоа беше воведено по укажувањата на експертската група предводена од професорот Рајнхард Прибе, но се поставува прашањето дали е тоа реално применлив пат кога мнозинството од членови е вклучено во една таква постапка и сами против себе нема да покренат постапка. Но, образложено барање за поведување постапка за дисциплинска одговорност на член на Совет, до Судскиот совет може да поднесат и најмалку 20 судии. Секако, остануваат и други форми на повикување на отчетност од тие што ги предложиле.

Независноста на судството е потпорен елемент на владеењето на правото, а со тоа и на сите демократски унапредувања во земјата. Во тој дел е и смислата на постоење на Судските совети, тие да бидат на браникот на независноста.

Потпретседателот на Судскиот совет Селим Адеми е 10 години во Судскиот совет – значи, не може да стане збор за непознавање на процедурите?

– Колку што мене ми е познато, ова е првпат самиот Судски совет да покрене постапка за разрешување на претседател на ова тело. Од исказот на потпретседателот, ние добивме впечаток дека овде се работи за неправилно толкување на процедурата и користење на аналогија дека ако Советот носи одлуки со мнозинство од присутните членови тоа важи и во овој случај. Очигледно е толкување на процедурите од аспект на целта која се сакало да се постигне. Следејќи ги случувањата во Судскиот совет, се обидов за направам анализа какви се искуствата во земјите каде има Судски совет или тело слично на ова. Од перспектива на Европскиот суд за човековите права, за прекин на мандатот на член на високо тело слично на Судскиот совет и тоа со законски реформи, судот расправал во предметот на Бака против Унгарија. Понатаму, за потребите на Големиот судски совет, во предметот Грзеда против Полска, Европскиот суд за човековите права има спроведено компаративно истражување на домашното право и практики во 41 држава членки на Конвенцијата за прашањето за предвремено прекинување ex lege на мандатот на судијата како член на Судскиот совет. Мнозинството од анкетираните држави (во 24 земји) немаат претходно искуство со донесување закони што резултирало со предвремен престанок на функцијата член на судски совет, а не пак на претседател на тоа тело, и нема индиции дали тоа е хипотетички можно во нивните системи. Сепак, три земји се соочиле со релевантни ситуации во минатото; две од нив вовеле преодни одредби во однос на мандатите што постоеле во времето на влегувањето во сила на новиот закон. Спротивно на тоа, во четири други земји, законодавната интервенција од овој вид, би имала ризик да биде прогласена за неуставна врз основа на тоа дека би навлегла во судската независност. Мојот заклучок е дека влегувањето во мандатот на член, па во тој контекст и во мандатот на претседателот на Судски совет е исклучително комплексна работа и за тоа не се прифатливи импровизации туку мора да постои јасно разработена и со закон утврдена постапка. Ова од причини што важна улога игра рамнотежата помеѓу користа од функционирањето на демократските институции и безбедноста на мандатот.

Како го коментирате повлекувањето на одлуката за разрешување на претседателката Дамева, па повторно гласање за разрешување и на крај избор на нов претседател на Судскиот совет Сашко Георгиев, и сето тоа на затворена седница на Судскиот совет?

– Законот за Судскиот совет, транспарентноста во работата на Судскиот совет ја става на посебно место. Советот мораше да се состане на јавна седница независно што расправале и како одлучувале. Одлучувањето зад затворени врати не смее да биде правило за работа, бидејќи со законот јасно се утврдени исклучоците за држење на седници зад затворени врати, а особено не по претходно јавно одржаната седница.

Колку ѝ беше хендикеп на Дамева тоа што од стручен соработник е лансирана, така да речеме, во ѕвездениот систем на правосудството?

– Без да ги спорам личните квалитетите, иако госпоѓа Дамева како стручен соработник беше дел од правосудството, хендикеп е не само за неа, туку за секој кој нема искуство од судиска работа да биде на чело на ова судско самоуправно тело. Во државите и во правосудните системи каде постојат Судски совети или тела слични на судскиот совет, кои одлучуваат за избирање, унапредување и разрешување на судии од сите степени на судството се води сметка членовите на судскиот совет независно кој ги предлага да бидат од повисоките судови како апелациски, врховни или касациони судови. Онаму каде што се бираат членови на предлог на другите власти, извршна и законодавна, тоа мора да бидат правници со долгогодишно работно искуство во различни области на правото за тие со своето искуство и знаење да влеваат доверба и да придонесат во градењето на интегритетот на Судскиот совет, но пред сѐ и над сѐ да бидат чувари на независноста на судството. Затоа, уште на самиот почеток на избор на членови во овој и претходните состави на ова тело, стручната јавност сметаше дека е хендикеп тоа што терминот истакнат правник, не само што Законот за Судски совет не го дефинира и разработува во критериуми, туку и во пракса при предлагањето, тој доби многу растегливо поимање и примена.

Имаше негативно искуство и во Обвинителството за гонење на организиран криминал. Зошто потфрли системот при изборот на господинот Ислам Абази за шеф на ова обвинителство, кога законот предвидел најголеми заштитни механизми (тајно гласање и поединечно изјаснување на сите обвинители) од политичко влијание врз процедурата?

– За жал, целата постапка околу овој избор јавноста ја остави со впечаток дека нешто не е добро во тој систем, иако гласањето е тајно и поединечно. Тоа е уште еден доказ дека не е доволно да вградите процедури и постапки во законите, туку тие треба да гарантираат видливост дека непристрасноста била испочитувана до крај. Покрај тоа, и самите обвинители не излегоа со став и со објаснување. На тоа дополнително придонесоа и првите настапи во јавноста кои оставија впечаток на збунетост и неподготвеност да се одговори на директни прашања за поврзаност со политичари и политички фигури. Затоа и не постои друг начин, освен преку работата обвинителот за борба со организираниот криминал, да докаже дека не само што е независен од политиката туку е и навистина стручен и предаден на работата.

Одлучувањето зад затворени врати не смее да биде правило за работа, бидејќи со законот јасно се утврдени исклучоците за држење на седници зад затворени врати, а особено не по претходно јавно одржаната седница.

Да ја спомнеме и Академијата за судии и обвинители за која се доби впечаток дека не изгради отпорност од влијанија што значи дека веќе авансира во пристрасно правосудство. Дали и тоа е еден од проблемите?

– Со измените на Законот за судовите и со воведувањето на решенија кои налагаат задолжително пред да станат судии, кандидатите да го поминат системот на едукација преку Академијата за едукација и обука на судии и обвинители, тежиштето за влез во судството и обвинителството се стави на Академијата и таа стана многу важна алка во синџирот на независното судство. Сите заинтересирани субјекти, почнувајќи од судии, обвинители, адвокати чии деца се насочиле кон оваа професија, функционери, политички партии и други субјекти фокусот на пресија токму нивното дете да биде одбрано го префрлаат таму. Со последните случувања за прием, па и со завршени кандидати за кои во јавноста се покренаа многу прашања за тоа како биле примени во Академијата се изгради слика дека филтрите за прием во Академијата не се доволно силни. Мислам дека мора да се изградат критериуми кои непобитно ќе создадат слика дека секој од кандидатите е примен во Академијата затоа што тој тоа го заслужил независно чие дете е. Ако не се расчистат овие состојби, преку Академијата во старт ќе се гради слика дека судската и обвинителската професија се резервирани само за оние кои имаат врски и препораки.

Дали може судиите и обвинителите да се амнестираат и на крајот да ја обвиниме само политиката?

– Политиката не е единствениот фактор на влијание во изборот на кадри за судството, во унапредувањето, казнувањето и за состојбите во судството. Пред некој месец, претходната претседателка на Судскиот совет си даде оставка и се пожали на силни судско бизнис влијанија во работата на судскиот совет. Од друга страна, минатата недела во Судскиот совет видовме голем раскол меѓу членовите на советот, во кој не учествуваа само членовите кои се предложени од политиката туку и судии. Самите го спомнавте изборот на обвинителите. Јас веќе подолго време на секој јавен собир дома и надвор укажувам на загрижувачките состојби во судството. И покрај тоа што според законот жените судии можат да работата до 64 години, оваа година во две апелациони подрачја, повеќе судијки најавуваат дека ќе заминат во пензија со 62 години, а покрај тоа и многу стручни и високо професионални судии заминуваат од судството со укажување дека не можат да го издржат притисокот кој доаѓа и од внатре и од надвор. Здружението на судии е тивко и не реагира на состојбите.

Каква реформа може да го стави правосудниот систем на вистинскиот колосек? Што им недостига на досегашните реформи?

– Она што недостасуваше до сега е вистинска волја за реформа од страна на политиката ама и на самите судии. Според моето досегашно искуство од она што можев да го видам во повеќе земји од светот и особено од регионот, нема реформа без силна политичка волја. Тоа значи, политичарите, бизнис елитите, па и внатре во самото судство да се гради свест за немешање, но и да се санкционира било каков обид за влијанија во судовите. Во изминатите години фокусот на реформите беше пишување, изменување, дополнување на закони кои уште незаживеани, повторно се менуваат. Државата, а не главно меѓународните организации и амбасади, треба да вложува во судството преку подобрување на условите и методологиите за работа и во обуки и тренинзи. Покрај тоа, знак за таков израз на волја ќе биде со закон креирана финансиска независност на судството, односно креирање на самостоен судски буџет кој судството ќе го предлага директно пред Собранието, исто како што законодавната власт, односно Собранието само си го проектира буџетот, исто како што извршната власт сама го проектира и предлага буџетот. Правата од работниот однос како што е правото на пензија за судиите треба да бидат вградени во Законот за судовите како специјален закон, а не со Законот за работните односи. Од своја страна, судовите на сите нивоа треба да ја зголемат транспарентноста во работењето. Покрај тоа, во дадениот момент, се чини особено ни треба стратегија за враќање на довербата од граѓаните.

Каков е Вашиот став за ветинг – може ли да биде од корист и дали некој ќе му верува со оглед на климата на недоверба во процесите што ги водат институциите?

– Многу пати јавно сум го искажала мојот став за ветинг во судството, но и во  правосудството генерално. Не се продуктивни краткорочни популистички мерки кои се нарекуваат ветинг, а подразбираат неколкугодишно блокирање на правосудниот систем. Негативни се искуствата не само од Албанија, но и од Украина и Молдавија. Штетата е долгорочно непоправлива, а нема добивка. Дотолку повеќе што ние со години градиме институции за борба со корупција, организиран, финансиски криминал, менуваме закони, подобруваме практики. Зарем ќе речеме дека ниту една од тие институции не си ја знае работата и не функционира? Тоа би биле поразителни заклучоци и многу потрошени пари. Прочистувањето на кандидатите за судството, обвинителството, адвокатурата се прави на почетокот на кариерата, пред да бидат примени во Академијата или во различните Комори. Понатаму, во текот на кариерата секој треба да биде отчетен за своето работење, за етичкото и морално однесување и да се грижи за својот и за институционалниот углед. Покрај тоа, секоја од надлежните институции секогаш има можност да реагира и да покренува различни постапки од дисциплинска до кривична. Јас верувам во долгорочни системски решенија со вклученост на професионални институции и тоа треба да ни биде долгорочна цел.

Прочистувањето на кандидатите за судството, обвинителството, адвокатурата се прави на почетокот на кариерата, пред да бидат примени во Академијата или во различните Комори.

Дали Вие лично сте се соочиле со политички притисоци во текот на Вашето работење и како се справувате во такви ситуации?

– Политичките притисоци не мора да бидат изразени со директно пристапување од некои политички фактори. Тие може да бидат суптилно пренесени од колеги, новинари, од други учесници во постапките. Во годините зад мене сум поминала низ многу институции, а во последните 20 години во високи судски институции и имало ситуации кога сум го почувствувала „здивот“, не на директни, но секако на обидите за индиректни влијанија. Во мојот случај тоа ме прави да бидам уште повнимателна и фокусирана на правните аспекти на предметот и да се апстрахирам од помислата за се друго.

Во јавноста излезе информација дека обвинителката Ленче Ристоска ќе биде дадена на етичка комисија од страна на Советот на обвинители, бидејќи на јавен настан зборувала за тргување со влијание во ова тело? Толку ли е „ерес“ јавно да се зборува за такви прашања?

– Не сметам дека за изречена критика и искажан збор на судија или обвинител на конференција, семинар или низ предавање треба да следат постапки или закани од постапки. Судиите и обвинителите и онака не се одважуваат јавно да зборуваат или да критикуваат. Најголем дел од нив сметаат дека тие треба да судат, а претседателите на судовите, обвинителот или нивните здруженија да бидат гласноговорници во нивно име. Затоа, добронамерните и конструктивни критики и особено ако тие доаѓаат од лични искуства треба да се земат сериозно а не да се санкционираат. Впрочем, Советите на судии и обвинители треба да се обидат да се приближат до судиите и обвинителите, бидејќи целта на нивното формирање е да се грижат за унапредување и подобрување на видливоста на независноста и самостојноста на судството и обвинителството.

Честото укинување на предмети кои се од силен јавен интерес, застарувањето на предмети, злоупотребата на спогодбено решавање на предмети, ослободителни пресуди или одмерување на условни осуди во предмети за кои имало и меѓународно мониторирање на јавните расправи допринесуваат вербата во судството да паѓа како кула од карти.

Проценките се дека нашите американски пријатели вложиле околу половина милијарда долари во обуки и градење интегритет на професионалците во правосудството. Зошто и покрај тоа довербата во правната држава и во судството е толку ниска?

-За повисока доверба потребно е и резултатите да бидат видливи. Не е доволно правдата да биде изречена, но треба да биде препознаено дека е таа изречена. Честото укинување на предмети кои се од силен јавен интерес, застарувањето на предмети, злоупотребата на спогодбено решавање на предмети, ослободителни пресуди или одмерување на условни осуди во предмети за кои имало и меѓународно мониторирање на јавните расправи допринесуваат вербата во судството да паѓа како кула од карти. Ние може да судиме во илјадници предмети, но ако се носат непоткрепено укинувачки пресуди или ако предметите застаруваат и нема никаков исход, ќе ја губиме довербата кај нашите пријатели кои силно вложија во судството и уште пострашно ќе го снема и она малку интегритет кој досега сме го поткрепувале и граделе.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Соња Крамарска

Фото: Дарко Андоновски

Зачлени се на нашиот е-билтен