Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Младината се развива во пореметен систем на вредности

„Децата денес многу брзо доаѓаат до информации без да ги користат мозочните функции, и тоа остава последици“, вели психологот проф. д-р Слаѓана Ангелкоска, која го спроведе истражувањето „Когнитивно функционирање на децата на возраст од 7 до 15 години“. Ова истражување покажа дека нашите деца имаат проблем со вниманието, концентрацијата, брзината на реакцијата, просторната ориентација, како и со егзекутивните функции што го претставуваат менталниот капацитет. Според неа, овие резултати се и очекувани, ако знаеме дека ние во земјава имаме „разминување“ на образовните програми со когнитивниот потенцијал и со развојните фази кај децата, па затоа е неопходна ревизија на наставните програми од прво до четврто одделение.

Во новата учебна година, ни остана „стариот проблем“ којшто вие го посочивте по истражувањето, дека децата во основно училиште покажуваат проблеми со когнитивнитивниот развој. Што подразбирате под когнитивен развој на децата? До какви наоди дојдовте?

Кога зборуваме за когниција, најчесто мислиме на сè што е поврзано со знаењето, односно на собирањето податоци што ги добиваме по пат на учење или искуство. Најшироко прифатена дефиниција за когниција е дека таа е способност на обработка на податоци по пат на перцепција, знаење кое го добиваме низ искуството и нашите субјективни карактеристики што ни овозможуваат да ги споиме сите овие информации за да можеме да го разбереме и да го толкуваме светот околу нас.

Така што, кога зборуваме за когнитивен развој, пред сè мислиме на развојот на способноста за внимание, помнење, фокус, концентрација, работна меморија, развој на извршните функции. Во истражувањето што го спроведовме беа следени постигнувањата во сите овие домени на когнитивниот развој, но по анализата на резултатите, за жал, беше утврдено дека, генерално, сите деца коишто учествуваа во истражувањето имаат проблем со вниманието, концентрацијата, брзината на реакцијата, просторната ориентација, егзекутивните функции што претставуваат  ментален капацитет значаен за дефинирање цели, за планирање на начинот за доаѓање до целта и за успешно извршување на дадениот план.

Зошто нашите деца имаат проблеми со когнитивниот развој?

Проблемите во когнитивниот развој, во најголем степен, доаѓаат бидејќи децата многу брзо доаѓаат до информации без да ги користат мозочните функции. Детето коe ќе дојде до одговор на едно прашање или до решение на задача со помош на Chat GPT без да го напрегне мозокот и мозочните функции, без да го запомни одговорот, нема да се потруди да ја најде логиката за тој одговор, нема да биде сконцентрирано и нема да го задржи вниманието на одговорот, едноставно ќе го препише и во истиот момент го заборава.

Во заклучоците од истражувањето, вие се повикувате на наставната програма. Што, според вас, е најгорливо кај неа?

Да, јас во еден момент се повикувам на наставната програма како можен фактор за намалување на фокусот и на концентрацијата кај децата. Како психолог кој го следи детскиот развој повеќе од 20 години, правам разлика помеѓу децата што ја следеа старата програма до четврто одделение и денешните деца, коишто учат по нова програма, каде што материјалот што го учат не соодветствува со нивните развојни можности.

Забележувам прескокнување на одредени развојни фази кај децата при нивната вклученост во образовниот систем, односно наставната содржина не ги следи природните когнитивни капацитети на децата. А кога имаме занемарување на еден когнитивен потенцијал, автоматски добиваме тешкотија во совладување на содржината од повисок степен. Во нашиот образовен систем, децата поаѓаат на училиште на возраст од пет години и девет месеци. Оваа фаза е фаза на интуитивна интелигенција; децата на оваа возраст веруваат дека луѓето околу нив мислат исто како нив, дека нивните ставови за светот околу нив целосно се совпаѓаат со мислењата на другите луѓе. Ваквата развојна структура не е доволна за детето да може успешно да совлада одредени наставни содржини кои се опфатени во учебниците за оваа возраст.

Она што е потребно за детето да може да ја следи наставната содржина развојно следува во следната фаза која почнува на седумгодишна возраст, а тоа е фаза на конкретни интелектуални операции (почеток на логиката). Секоја развојна фаза делува врз созревањето на нервниот систем и поради тоа е потребно големо внимание при изготвување на содржините што ги учат децата на одредена возраст.

Грешката на родителите е што сакаат екстра успешни деца

Каква е улогата на родителите во ваквите резултати? Што тие (не) прават за когнитивниот развој да биде таков каков што е?

Родителите се првите субјекти што директно влијаат врз развојот на децата. Не би сакала да барам виновници помеѓу родителите, бидејќи секој родител го сака најдоброто за своето дете. Но, грешката на родителите е што сметаат дека е доволно детето да го вклучат во голем број дополнителни активности, да уплатат разни курсеви, сметајќи дека така од детето ќе направат екстра успешно дете.

Родителот треба да ги следи потенцијалите на детето и да го негува тој потенцијал. Не може едно дете на осум или девет години во исто време да оди на училиште, на некој спорт, да изучува јазик и да посетува драмска секција. Не е во интерес на детето секој ден да му биде окупиран со активност. Детето треба да има и слободно време, треба да има моменти кога ќе се досадува и во таа досада, самото да се насочи кон одредена активност. Родителите не треба да размислуваат наместо децата и да го прават „најдоброто“ за нив, туку на детето треба да му се дозволи да го најде најдоброто за себе. Секако, родителот треба да го коригира во клучни ситуации, но не и да му го трасира целиот пат. Бидејќи, што се случува кога децата се секојдневно ангажирани? Прво, тие ангажмани не се она што го сакаат децата и тие само ја исполнуваат наредбата на родителите, не се посветуваат на активноста што не им е интересна и само механички ја извршуваат. Затоа автоматски доаѓа до дефокусираност во поголем дел од денот и се намалува концентрацијата, а како резултат на тоа, не постигнуваат успех и доаѓа до разочарување и кај децата и кај родителите.

А дали родителите, или семејството како целина, може да го амортизираат постоечкото „разминување“ на образовните програми и развојот на децата?

Тешко дека би можеле да го променат системскиот недостаток, но можат да му дадат на детето соодветен начин да го усвои материјалот согласно со неговата возраст, со неговите потенцијали и можности.

Според вашите заклучоци во истражувањето, кој ни ги образува и ни ги развива децата?

Не би можела да кажам дека се виновни оние коишто ни ги образуваат децата, бидејќи не сум сигурна колку се и тие прашани за недостатоците во наставните програми. За овој проблем се виновни оние коишто ги подготвуваат учебниците, а не ги следат развојните карактеристики и специфичности на детето за одредена возраст.

Дали постојат вежби што може да се практикуваат за да се зголеми вниманието, концентрацијата, помнењето, работната меморија,  фокусот кај децата? Имате ли конкретна препорака?

Како резултат на добиените податоци во истражувањето, во Научно-истражувачкиот институт на самостоен истражувач за применета психологија има креирано програма во која се опфатени когнитивни вежби, со чија помош се подобруваат когнитивните способности. Секоја когнитивна способност што е опадната, а чие опаѓање не е резултат на мозочно оштетување, има можност да се подобри со специфични вежби и техники. Така што, има можности за корекции, но ги повикувам сите родители што ќе забележат дека нивното дете има проблем со фокусот, вниманието, концентрацијата, работната меморија, помнењето да ни се обратат и да им дадеме насоки како да се подобрат овие когнитивни способности.

Младината ни е со пореметен систем на вредности

Сепак, покрај когнитивниот развој, децата денес сè почесто се соочуваат со анксиозност и панични напади. Каква е поврзаноста на когнитивниот развој со менталното здравје? Дали ментално здравје на нашата младина е загрозено?

Сè во развојот е поврзано. Кога детето нема фокус или концентрација, опциите се дека ги нема развиено извршните функции, многу потешко се соочува со нови предизвици, наидува на проблем да донесува одлуки, не е сигурно во своите постапки, нема развиено толеранција на фрустрација. Кога детето добива сè сега и веднаш, постои проблем кога ќе дојде во ситуација да чека за да го добие тоа што го сака и кај него се јавува нетрпеливост, губи интерес, не е истрајно, а со тоа се развива незадоволството, се губи вербата во себе и своите способности, и сето тоа влијае врз менталното здравје на децата.

Тогаш, каква ни е младината? Како да ја гледаме нашата иднина?

Младината генерално, а секако, има и исклучоци, ни е многу динамична, без развиено трпение, со пореметен систем на вредности. Приоритет им даваат на работите што им носат задоволство на кратки патеки, но и на долги. Младина која сака да постигне многу, а да вложи малку.

Колку оваа состојба на младината е наша автентична слика, или ова се веќе и глобални проблеми?

Би рекла дека тоа се веќе и глобални проблеми што нè загрижуваат нас, професионалците, коишто работиме со оваа група на деца, но ги загрижуваат и родителите, коишто директно се среќаваат со овие проблеми на своите деца.

Што можеме да направиме за да не го игнорираме „слонот во собата“?

Најпрвин треба да се прифати сериозноста на проблемот, а потоа, чекор по чекор, да се вратат старите начини на тренирање на мозокот, да се направи една детална ревизија на наставните програми за децата од 1. до 4. одделение и да се усогласи наставниот материјал и наставната содржина со развојните можности на деца од пет години и девет месеци па нагоре. Исто така, потребно е родителите малку повеќе да внимаваат на своите деца и да проверат за што и како го користат интернетот и податоците што се извлекуваат од него.

Технологијата да се користи само во краен случај, а не како замена на користење на мозокот. Денес децата имаат голема достапност до многу податоци и тоа е во ред, но достапноста треба да се користи на правилен начин и во насока на подобрување на когнитивните способности.

Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.

Новинарка: Ана Арсеновска Зафирова

Фотографии: Зоран Андонов

Преземено од академскиот блог РесПублика.еду.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен