Во интервју за порталот НОВАТВ, министерот за надворешми работи Бујар Османи, како претседавач на ОБСЕ, одговара на прашања за улогата на оваа организација во изнаоѓањето решение за крај на војната во Украина и за приоритетите на организацијата за безбедност и соработка за време на двегодишниот мандат.
Интервјуто го водеше БОРЈАН ЈОВАНОВСКИ
Приоритет на претседателството е војната во Украина. Што може ОБСЕ да направи за да се најде мирно решение?
Ние постојано подвлекуваме дека во фокусот на нашето претседавање е ангажманот и можниот придонес на ОБСЕ во Украина. Тука, морам да подвлечам дека агресијата од страна на една земја учесничка на ОБСЕ врз друга е неприфатлива. Таа целосно ја до компликува и онака комплексната состојба во Организацијата и односите меѓу нејзините земји учеснички. Особено треба да се има предвид дека ваквите односи го нарушуваат процесот на консензуално носење на одлуки. ОБСЕ е заснована врз јасни вредности и принципи, како и правила на реализирање на предвидените активности на кои сите земји членки се обврзале и до нив треба да се придржуваат. Тие принципи и заложби не можат да бидат предмет на преговарање. Целта на дејствувањето на мултилатералните организации е во функција на воспоставување, зачувување и промоција на мирот. Со авторитетот и искуството на ОБСЕ, ќе се обидеме да помогнеме прво да се замолчи оружјето; да се спречи страдањето; да се вратат луѓето во своите домови и да продолжи нормалниот живот. Принципите и заложбите на ОБСЕ се јасни. Тие подразбираат непроменливост на границите и изнаоѓање решенија за враќање на безбедноста во регионот и продолжување на дијалогот и соработката во поддршка на процесите на градење доверба. Секој изгубен ден, е изгубена можност за поддршка на луѓето во подрачјата каде има судири, изгубена можност за поддршка и спасување животи. ОБСЕ е организација која има докажани алатки за олеснување на конфликтите и поддршка на граѓаните и тие алатки траба да бидат во функција на луѓето кои страдаат и имаат потреба од нив.
Инсистирате на почитување на принципите кои Русија многу одамна не ги почитува како членка на ОБСЕ. Што би сменил вашиот апел во однос на тоа?
Нашата порака е јасна. И преку самото мотото кое го определивме и кое е водич на активностите кои ги преземаме: „За луѓето се работи“ и мораме да сториме се за да престанат нивните страдања во регионите кои се опфатени со војната. Со тоа што ни е доверена улогата на претседавач, наша обврска е да ги браниме и промовираме принципите и вредностите на ОБСЕ. Функционалноста на Организацијата е неопходна од било кога порано. Тоа е уште една порака која постојано ја повторуваме. За да се оствари тоа – секоја земја учесничка мора да ги почитува темелните документи на ОБСЕ, пред се Хелсиншкиот финален акт. Во тој контекст, наша обврска е да се потпреме на разновидните алатки на Организацијата, да инсистираме на дипломатски решенија, како и да се обидеме да ја заживееме платформата за дијалог. ОБСЕ формиран за таа цел. Во овој момент скоро и да нема дијалог, но тој е единствениот пат до де-ескалација и следствено мир. Од него не смееме да се откажеме колку и да некогаш изгледа безнадежна состојбата. Ќе се обидеме чекор по чекор, пред се да ги овозможиме активностите на терен во Украина и конфликтите во другите региони. Би сакал да верувам дека ова го разбираат сите земји учеснички. Во интерес на мирот е ОБСЕ да биде функционална во извршувањето на своите активности.
Имавте ли или дали ќе имате средба со рускиот амбасадор? Каква беше неговата реакција на вашите заложби?
Со цел да продолжи непреченото функционирање на Организацијата неопходна е комуникација. Секако, комуникацијата ќе се одвива на соодветно дипломатско ниво, согласно нашата улога на претседавач и во рамки и во светло на принципите и вредностите на ОБСЕ. Дали оваа комуникација ќе прерасне во продуктивен дијалог ќе зависи од поставување во поглед на агресијата од Руската Федерација врз Украина. Од ова ќе зависи и нашиот ангажман во 2023г.. Доколку имплицирате на некаков посуштински дијалог, неопходно е РФ да ги прекине воените дејствија, целосно да се повлече од Украина и да се врати на основните на вредности на ОБСЕ, за што се обврзала. Од почетокот на агресијата, овие пораки континуирано се упатуваат од страна на сите меѓународни форуми и формати. Како што ви е познато, тоа е унисона и конзистентна позиција на која ние се придружуваме.
Мотото е “се работи за луѓето”. Што можете да направите за да им се помогне?
ОБСЕ може да помогне за полесно пребродување на тешкотиите, намалување на последиците од војната и иницирање на мерки за градење доверба, помирување и се она што подразбира враќање на нормалниот живот. Пред Постојаниот Совет на ОБСЕ упатив пораката, дека насекаде, ОБСЕ може да помогне во услови на војна, но секако и во услови на мир. Луѓето треба да бидат ослободени од стравот од војна. На луѓето треба да им се создаде чувство дека не се напуштени и оставени сами на себе. Мора да веруваме дека и во најтешките околности имаме обврска да дејствуваме со цел на олеснување на нивната положба. Не само што ќе апелираме, туку и ќе работиме да го разбудиме хуманото кај секој човек и политичар. На земјата сите сме на еден брод кој секој од нас треба да го чува од тонење. Со оваа агресија губат сите, а најмногу обичните луѓе. Се надевам дека свеста ќе проработи конечно и чекор по чекор ќе ги намалиме страдањата и вратиме безбедноста и мирот.
Мисијата на ОБСЕ во Скопје едвај преживеа поради заканата на Русија како членка да не одобри буџет. Може ли оваа мисија да стане предмет на уцена од страна на Русија во однос на СМ како претседавач?
Недозволиво е да имаме политика на закани и уцени. Во минатото за жал во рамките на ОБСЕ продолжувањето на мандатите зависеа од политички, а не од рационалноста за нивно постоење. Мислам дека тие констатации за преживување на теренските мисии во даден момент се пресилни. Како што е познато, Русија минатата година блокираше две клучни теренски операции во Украина. Конкретно продолжувањето на мандатот на Мисијата во Скопје не беше доведено во прашање. Би сакал да верувам дека Руската Федерација сѐ уште ја сфаќа вредноста на теренските мисии и ќе продолжи да ја поддржува нивната исклучителна улога. Впрочем, ние во Северна Македонија сме сведоци во изминатите 30 години за бенефициите од работата на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. На крајот за ова прашање сакам да бидам јасен дека нема да правиме компромиси на уцени. Ова не соодветствува со духот на работата на ОБСЕ и не придонесува кон градењето доверба.
Еден од принципите на ОБСЕ е и владеење на право и борба против корупција. Каков е кредибилитетот на претседателството односно на СМ која е изложена на остри критики за корупција?
Владеењето на правото и борбата против корупцијата е предизвик во многу земји, вклучително и земји учеснички на ОБСЕ. Корупцијата во крајна инстанца претставува и безбедносен проблем. Јас секогаш сум велел дека мора да ги признаваме проблемите за да може успешно да ги решаваме. Но, факт е дека сите чекори кои нашата држава ги презема последните години се токму во насока на сузбивање на корупцијата и унапредување на владеење на правото. Јас сум убеден дека на нашиот пат кон полноправно членство во ЕУ, како и помошта на САД и на меѓународните организации од ден во ден ќе придонесува кон искоренување овој проблем и зајакнување институциите. Тоа е постојан предизвик, но ние сме посветени на негово соодветно адресирање.
Што се однесува до претседавањето, никој не го доведува во прашање нашиот кредибилитет. Напротив, Северна Македонија покажа дека е способна успешно да се справува, надминувајќи големи долгогодишни проблеми, тлеечки конфликти и тензии. Земја која за кусо време успеа да се издигне во меѓународен пример за дипломатија и политички зрела демократија, која предизвиците ги претвора во можности. Напредуваме и не случајно сме на чело на ОБСЕ. Проблеми ќе има, но важна е насоката и желбата за нивно решавање, а јас верувам дека ние сме на вистинскиот пат.
Извор: НОВАТВ