Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пенов: Со поддршка на ЕУ реализирани се преку 700 проекти за прекугранична соработка, со уставните измени ќе се отворат нови и поголеми фондови

Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во интервју за Рацин.мк вели дека Со поддршка од фондовите на ЕУ реализирани се преку 700 проекти во програмата за прекугранична соработка околу 700 проекти. Тој предупредува дека блокадата или одлагањето на уставните амандмани ќе го блокира или одложи пристапот до новите поголеми фондови на ЕУ.

Со министерот за локална самоуправа Ристо Пенов разговараше Зоран Бојаровски

Фотографија: Надица М. Ангеловски

Рацин.мк: Господине Пенов, ви благодарам за можноста да го направиме ова интервју. Тоа што не интересира и што ни беше мотивација е да поразговараме за вашето мислење, да дадете ваша оценка за степенот на искористеноста на фондовите на ЕУ наменети за прекуграничната соработка.

Пенов: Имаме одлична соработка и одличен процент на реализација. Во овие десеттина години преку оваа програма се реализирани околу 700 проекти во вкупна вредност од 80 милиони евра. Тоа е еден добар бенефит за државата. Сигурно ќе ме прашате каков е ефектот врз равојот на државата. Прво, тоа не се големи пари, друго, ние со статусот што го имаме во пристапувањето кон Европа, сѐ уште сме во позиција да се подготвуваме и да учиме како да ги користиме тие средства затоа што тие понатаму ќе стануваат многу големи. Еден пример надвор од ова ќе кажам. Бугарскиот мој колега, тие немаат баш вакво министерство, но кога разговараме на оваа тема, тој вели правете како што ќе правите, јас милијарди евра европска помош користам и менаџирам и за овие, да не бидам сега погрешно сфатен, „за овие ситни пари“ немам време.

Мојот бугарскиот колега, кога разговараме на оваа тема, вели правете како што ќе правите, јас милијарди евра европска помош користам и менаџирам и за овие, да не бидам сега погрешно сфатен, „за овие ситни пари“ немам време.

Сакам да кажам, подигајќи го капацитетот, научувајќи ги луѓето дека постојат тие можности, кои проблеми, кои прашања се реализираат и во кој обем, ние ќе стигнеме до тие фази.

Рековте дека бројот на проекти е прилично голем, но сумата што е издвоена за нив на ниво на државата не е многу голема, имајќи ги предвид другите големи европски фондови, но што значи тоа за локалните средини, за регионалниот развој, за прекуграничното поврзување?

Пенов: За општините значат. Еве ви еден пример. После пожарите што ги имавме во нашата држава се покажа дека противпожарната опрема и подготвеност ни е заостаната, застарена и неподготвена. Преку овие програми, и преку некои други, речиси во Македонија да нема општина којашто не обнови барем дел од таа опрема. Тоа е еден добар бенфит. Можеме да се гордееме со параглајдериството во Крушево. Проект финансисран од ЕУ. Тој е надоградуван од општината и со други донатори, но стана едно светско, атрактивно подрачје. Таква можност сега имаме во Демир Капија. Во карпите, во планините постојат можности, постои посетеност од странски гости. Да ја уредиме потребната инфраструктура со вие средства, бидејќи со редовните не можеме тоа да го направиме, и од тој проект можеме да имаме придобивки.

Ќе ве замолам да ми кажете и за соработката, за поврзувањето меѓу регионите, со другите општини во соседните земји.

Пенов: Една од целите на овие проекти е и тоа. Сите овие кросбордер програми обврзуваат да имаш партнер и од другата страна. Ако е со бугарската, со бугарска општина или институција. Ако е со Грција, со Албанија, со Косово или со Србија. Тие работејки на проектот имаат комуникација, настанува размена на знаења, на искуства, на стандарди коишто се пренесуваат.

Каква е вашата оценка и за капацитетот на локалните организации, на локалната самоуправа, за аплицирање, за креирање на проекти?

Пенов: Тука сме малку послаби. Имаме позитивни примери, но повеќето (организации), немаат луѓе, немаат знаење, едукација. Не изоделе сами вакви проекти, но идеата на овие програми не е вклучување само на локалната самоуправа. Можат и други институции да учествуваат, посебно невладиниот сектор, а со ИПА 3 дури и приватни фирми ќе можат да се вклучуваат во иницијативи, програми… Нека е тоа бизнис, но кој ќе има некаков ефект врз регионот, на подигање на стандардите. Што е идеата? Ти можеш да направиш една улица во Демир Капија или на друго место таков инфраструктурен проект, но ако него не го следи приватниот сектор кој околу тоа нешто ќе надогради, улицата ќе остане „мртва“. Нема да го даде тој ефект којшто се очекува. Така е и со овие проекти. Идеата е на нив да се надоврзуваат други придобивки и затоа овие проекти и во континуитет продолжуваат, да се зголемуваат обемите, можностите, опфатот на луѓето.

Спомнавте неколку успешни проекти. Можете ли да ни кажете за уште некои кои можат да бидат модел, некаков пример за инспирација?

Пенов: Пак ќе повторам. Најголем ефект имаме во противпожарната заштита во сите погранични региони. И тоа не е само заради набавка на кови возила, туку и на современа опрема. Во Каменица имаме сензори коишто сигнализираат за пожари и кои во планината се поставени на овој начин и така овој проблем го решаваме. За мене, како владин претставник, како државен, тоа е најголемата вредност. Инаку, уште поголем ефект е што во тие 700 проекти се вклучиле илјадници луѓе во подготовка, во имплементација, во соработка на тие проекти. Тоа е невидлив, но најголем бенефит за заедницата.

Сега ќе ја поврзам темата со актуелните состојби околу уставните измени. Што значи за овие проекти доколу уставните измени не бидат усвоени или доколку се блокира процесот за пристапување кон ЕУ? Дали тоа ќе влијае на новите или на постоечките проекти од оваа програма?

Пенов: Секако дека ќе влијае. Секој чекор понапред во пристапниот процес толку повеќе отворени врати. Повеќе средства. И не само како средства, туку и повеќе можности. Заостанувањето на тој пати значи и помало внимание од страна на ЕУ и европската бирократија за овие проблеми. Средствата наместо на проекти ќе се насочат многу повеќе кон европски експерти кои заради застојот ќе дојдат да те учат наместо ти да се обучуваш со тие средства макар и неефикасно да бидат искористени. На крајот од краиштата, ако говориме само за кросбордер соработката, 80 милиони евра влегле во македонската држава, во македонската економија. Се купило нешто, некој плата земал, имало некаков тип на обрт. Кросбордер соработката е мал дел од финаиската помош од ЕУ. Не ги знам точно сите бројќи, но тие се многу помали од можностите.

Секој чекор понапред во пристапниот процес толку повеќе отворени врати. Повеќе средства. И не само како средства, туку и повеќе можности. Заостанувањето на тој пати значи и помало внимание од страна на ЕУ и европската бирократија за овие проблеми.

Но, и самите рековте дека овие проекти сега се само подготовка за она што значи отвоорање на другите фондови на ЕУ.

Пенов: Обемот и опфатот на ЕУ за поддршка сега им е поставен на „за да не изгорат“, така да кажам. На пониско ниво, во помал обем, за да можат луѓето да се едуцираат, да се вклучуваат, да се охрабрат, дека на овој начин се постигнуваат резултати и да аплицираат и да прават проекти.

Треба да знаете
Moже да ве интересира