Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Петра Селишкар: Дваесет години останавме свои, сонувачи на идеи, но многу го сакаме филмот и киносалата полна со публика

Со „Бабичките на ревиолуцијата“ ни покажа дека уживањето во гледањето долгометражен документарен филм во киносала е исто како и со играните филмови. Со „Мама Европа“ ни покажа дека Европа и е вистинскиот дом, за разлика од разно-разни фалбаџии на кои „Европа не им е ниту до колена“. Го создаде фестивалот на кративни документарци Makedox, и во Скопје со години го носи најдоброто од светската документаристика.
Ретроспективата на документарните и други остварувања на „Петра Пан филм“ во Кинотеката овие денови е уште една можност да ѕирнете во опусот на филмски автори како Петра Селишкар, кои ја сакаат својата слобода на израз и независност во продуцирањето, по секоја цена.

Разговарал: Стојан СИНАДИНОВ

Родени сте и израснати во Љубљана, Словенија, а филмската школа ја завршивте во Амстердам, Холандија. Авторка форматирана на ваков начин доаѓа во Македонија, како асистент на режисерот Иво Трајков во „Големата вода“ на почетокот на 2000-тите. Обично сме навикнати на обратна траекторија во развојот на овдешните филмски автори?

Хахах, да, кај мене работите често не одат во логичен правец, но искрено не би променила ништо. По моите магистерски студии во Англија работев на неколку играни филмови во Англија за да стекнам искуство, во Словенија имаше мали продукции кои во споредба со англиските изгледаа како ТВ продукции. Во тој период снимив документарен филм за малцинствата на Балканот, „Balkan Blood & Honey“, постпродукцијата ја завршив во Бугарија, а Атанас Ѓоргиев ме покани во „Големата вода“ да работам како second union director (режисер на втората екипа). Тоа беше прекрасно искуство и причината да се поврзам Македонија, да научам јазик и да останам. На сетот на филмот ги запознав Бранд Ферро и Кика (Кирјана Николовска, кастинг директор), и многу пријатели со кои сè уште сум поврзана.

Што беше пресудно потоа со вашиот партнер, кинематограферот Бранд Ферро, да ја создадете независната продукциска куćа за креативни документарци „Петра Пан“? Колку сопствената продукција ја „гарантира“ независноста во креирањето филмови?

Во тоа време не бевме баш сигурни дека дел од животот ќе го посветиме на документаристиката, и дека може да се живее од тоа. Работевме доста играни филмови, јас снимив еден краток игран уште на 35 мм, со „Емотион филм“, некако ни беше јасно од почеток ако сакаме да останеме независни автори – тоа е единствениот пат. Никогаш не работевме за телевизија, само во копродукција со нив, бидејки во Англија студирав режија и продукција, јасно ми беше дека во Словенија нема многу продуценти со који би можела да развијам документарни авторски филмови кои не се „по нарачка“ наменети за ТВ. Сите филмови што ги работевме беа меѓународни копродукции, на тој начин можевме да останеме независни, но тоа подразбираше дека е поврзано со многу патувања, рабата на маркети и фестивали за да се создаде основа за копродукција.

Кога и зошто се решивте да снимате исклучиво документарци како авторка, иако сте продуцент и на играни филмови? Кое е задоволството – а од друга страна маката!? – во создавањето документарен филм?

Уф, тешко прашање. Сè уште мислам дека ќе направам еден игран филм. Специфичноста на мојата работа е не само да бараме нови предизвици, во смисла на приказна и во смисла на филмски јазик, нови начини на раскажување и нови начини на пристап… Моите филмови, ако ја покриеш шпицата, најчесто не би можел да ги препознаеш како дело на еден автор. Идејата е да не се повторуваме. Но, документарниот филм бара време, посветеност, трпение… бидејќи со секој филм учиме и се менуваме во некој поглед, искуството помага во доста работи. Но, од друга страна, искуството и знаењето исто така ја намалуваат слободата на изразот, и тешко е да се биде искрен кон себеси и процесот на развојот на филмот, очекувањата и препознавањето на приказна која ја нуди самиот материал. Задоволство е кога можеш да ги извадиш максимумот од снимениот материјал, и тоа задоволството кога го гледаш филмот е големо. Само на тој начин добиваш нов потстрек да одиш понатаму.

Како обично се раѓа идејата за еден документарен филм? Вашите документарци се и лично обоени, како во „Бабичките на револуцијата“ и „Мама Европа“. Колку тоа е меч со две острици?

Кај мене обично процесот на разработка на идејата временски трае долго, доаѓа силно во некој вид на сон, и секој ден станува се посилен. Идејата не излегува од глава и не помага да ја споделувам со други, па по некое време не можам ниту да спијам, станувам и морам да пишувам, едноставно не си оди, станува некој вид опсесија и ме прати… Во следниот период, кога повеќе работи на таа тема почнуват да се склопуват, го препознавам филм околу себе. Тогаш знам дека е право време да се почне со развој на идејата и сценариото, процес што има доста врска со работа на терен, бидејќи не може да се пишува за одредена тема само како концепт, потребно е истражување на терен. Тој процес кај нас обично значи неколку години… На тој начин протагонистите се навикнуват на нас (екипата) и стануват како дел од семејството. „Бабичките на револуција“ беше направен на ист начин, истражување на семејните корени, кармите и траумите, а на крајот обединување на нивните гени во наите деца, потомците. Но, мислам дека секој филм е личен, се работи за однос на авторот кон темата која го засега и интересира во одреден период. Повеќето мои филмови се лични во смисла на семејство, пријатели, луѓе кои ме инспирираат, менуваат, воодушевуват и кои не ги разбирам, истовремено. Мислам дека повеќе се работи за дознавање на нешто што не го познавам доволно добро, на разбирање во процесот на работа на филм.

Од друга страна, ги раскажувате интимните приказни на други личности, како за Фране Милчински Јежек во „Мојот превртен свет“ или за Уршка Ристиќ во најновиот филм, „Тело“… Што е тоа што ве поттикнува да снимите документарец за една личност?

Не знам, сега работам на филм за 6 деца, сите ми се многу битни, сите се, на некој начин, мои херои-хероини, ги почитувам и ги истражувам.

На снимањето на филмот „Тело“

Повеќето од вашите документарци опфаќаат, би можело да се каже, цели животни епохи: на вашето и на семејството на Ферро во „Бабичките…“, на Јежек, Уршка („Тело“ сте го реализирале цели 20 години)… Како се задржува фокусот кога се работи за толку голем временски опсег?

Тешко, бидејки карактерите се менуват и ти како личност се менуваш. Кога почнуваш со снимањето филм имаш друга замисла и на крај твојот поглед се менува, сознаваш друга вистина. Фокус на долги патеки се учи со години и паралелно работење на повеке пројекти, но 5 години се некој просек на реализација на еден филм.

Со Бранд го создадовте одличниот фестивал на креативни документарци Makedox, носејќи го најдоброто од документарниот филм во Скопје и Македонија. Пред неколку години се повлековте од менаџирањето на фестивалот. Зошто?

Токму затоа што постигнавме многу за овие 14 години и време е да се посветиме повеќе на создавање филмови. Ние повторно ќе бидеме присутни на Makedox, тоа е наш дом, но мислам дека младите сили много добро го раководат фестивалот и треба да им се даде само ветер во крилјата.

Како е да се живее и твори на релација Македонија-Словенија, а потоа и целиот свет?

Јас поинаку и не знам, од почеток така функционирам, светот е мојот дом, Европа претежно. Го сакам овој континент, ги сакам разликите од север до југ, можам да видам кои се добри, а кои лоши страни живеејќи и работејќи во двете земји, мислам дека не би можела да бидам затворена во една држава.

Името на вашата продукциска куќа, Петра Пан филм, низ играта на зборови не случајно асоцира на вечната Петарпановска младост и благородната детска наивност. Може ли да се опстои во денешниот суров свет со тие Петарпановски атрибути, или тие се само за бајките?

Да, Петра Пан Филм не е бајка, тоа е покрив за остварување на нашите соништа, и не не брка крокодил, ни сенка. Но, има нешто Петерпановско: сакаме да бидеме искрени со своја пасија. Дваесет години останавме свои – сонувачи на идеи – но најбитното е што многу го сакаме филмот и киносалата со публика.

Зачлени се на нашиот е-билтен