За да се дојде до одржлив урбан развој неопходно е да се случи промената на парадигмата низ кој ние го согледуваме, анализираме, разбираме и објаснуваме светот околу нас и изградената средина, а потоа на сосем нови основи да започнеме да го организираме нашиот живот и развојот на човечките заедници, вклучувајќи ги тука и градовите, вели проф. д-р Огнен Марина, професор на Архитектонски факултет Скопје во интервју за ЦИВИЛ по повод Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан 2024.
Проф. Д-р Марина посочува дека глобалните и регионалните кризи, предизвикуваат пореметување на глобалните процеси и синџири на комуникација, размена на идеи и добра, и со тоа ги пореметуваат не само економските системи на локално ниво, туку и сите останати процеси кои го обликуваат нашето секојдневие.
Нарушувањето на глобалната комуникација, снабдувањето со енергија или пак снабдувањето со одреден вид на материјали можат суштински да влијаат на развојот на технологиите кои ја поддржуваат зелената транзиција, а со тоа и одржливиот развој на заедниците, вели понатаму Марина.
ЦИВИЛ: Што е Зелен урбанизам?
Марина: Зелениот урбанизам е концепт кој се однесува на дизајнирање и развој на градови на начин кој промовира еколошка одржливост, социјална благосостојба и економска стабилност.
Овој пристап го става акцентот на интегрирањето на природата во урбаните средини, намалувањето на јаглеродниот отпечаток, и подобрување на квалитетот на животот за жителите. Зелениот урбанизам е дефиниран како практика на создавање заедници кои се корисни за луѓето и животната средина.
Терминот Зелен урбанизам е создаден од страна на д-р Тимоти Битли, според кого тоа е обид за создавање на одржливи места, заедници и начин на живот со минимално трошење или користење на светските ресурси. Урбаните области се способни да ја постават основата за тоа како еколошки интегрираното и одржливо градско планирање може да обезбеди и подобри еколошки придобивки на локално, национално и меѓународно ниво.
Зелениот урбанизам претставува интердисциплинарен пристап кој во себе ја обединува работата ан архитектите, урбанистите, пејзажните архитекти, инженерите, екологистите, психолозите, социолозите, економистите и други специјалности во еден интегрален пристап кон одржливиот развој.
Дополнително, Зелениот урбанизам може да се дефинира како пристап кој низ принципите на одржлив урбан развој создава еколошки градови, а со акцент на намалување на отпадот и штетните емисии, унапредување на постоечките и создавање на нови зелени површини, користење на одржливи градежни материјали и поддршка на современи форми на мобилност придвижени од обновливи извори на енергија. Зелениот урбанизам се стреми да ја намали колку што е можно повеќе употребата на енергија, вода и материјали во секоја фаза од животниот циклус на градот.
Овој пристап вклучува и радикално намалување на енергијата потребна за екстракција и транспорт на материјали, нивно производство и изградбата на зградите. Истовремено, овој пристап подразбира јасна идеја и во деконструкцијата на објектите по завршувањето на нивниот животен век, односно висок степен на рециклирање, како и сведување на минимум потребната енергија за функционирањето на зградите, а пред се енергијата потребна за функционирање на инфраструктурата на објект како на пример системите за греење, ладење и осветлување.
Притоа, Зелениот урбанизам не се однесува само на изградена средина, туку истовремено ја застапува и ја промовира и социјалната одржливост и здрави заедници. Фокусот на Зелениот урбанизам најчесто е на ниво на соседствата, фаворизирајќи го притоа создавањето на нови јавни и зелени површини, како паркови, и обнова на запуштените и најчесто загадените пост-индустриски делови од градот. Најуспешните проекти за обнова на зелениот урбанизам се оние кои се во области кои се веќе добро интегрирани во градот, како што се оние кои се наоѓаат веднаш до постоечките развиени области и транспортни јазли.
ЦИВИЛ: Како до одржлив урбан развој?
Марина: Современото конузмеристичко општество во кое живееме се базира на непречено и незапирливо исцрпување на сите ресурси со катастрофални последици по животната средина и човечките заедници.
Одржливиот урбан развој е поставен како еден од приоритетите и главните цели на Организацијата на Обединетите Нации. Причината за тоа е што покрај драматичното влошување на состојбата со загадувањето на воздухот, почвата и водите и исцрпување на ресурсите, и исклучително негативните влијанија на климатските промени на развојот на заедниците, човештвото како целина и како локалните заедници и поединци низ целиот свет се соочува на деградација на основните човечки потреби и деградација на основните човечки вредности. Единствениот начин за да се соочиме со овие предизвици е најпрвин да го промениме начинот на кој го истражуваме и разбираме светот околу нас и второ да го смениме начинот на живеење и планирање на нашата иднина и идниот развој.
Оттука, за да се дојде до одржлив урбан развој неопходно е да се случи промената на парадигмата низ кој ние го согледуваме, анализираме, разбираме и објаснуваме светот околу нас и изградената средина, а потоа на сосем нови основи да започнеме да го организираме нашиот живот и развојот на човечките заедници, вклучувајќи ги тука и градовите.
Тоа значи дека применувајќи ги современите теории за развојот на градовите и начинот на нивното функционирање можеме да креираме инструментариум кој ќе ни даде подобри, порелевантни и веродостојни информации и знаења за процесите кои ги обликуваат градовите и човечките заедници. На пример, покрај Зелениот урбанизам, теоријата на Пејсажниот урбанизам се базира на идејата дека градовите се конструирани од континуирани, меѓусебно поврзани и еколошки збогатени состојби во просторот, повеќе согледани како континуум на пејсажот отколку како збир или композиција на единечни објекти.
Овој пристап овозможува процесите кои се одвиваат во градовите, како и поедничените чинители да ги согледаме и разбереме низ нивната синергија и взаемното делување, отколку како независни и неповрзани процеси и состојби. Само низ ваков, интегрален пристап на комплексните проблеми и предизвици на современите градови и човечките заедници можеме да започнеме да ги разбираме процесите кои истите ги обликуваат, а со тоа и да планираме подобра, поправедна и одржлива иднина.
Вториот момент е развивањето на одговорни и базирани на знаење и податоци политики на развој на градовите. Градовите или поточно античките градови – полиси се вградени во етимологијата на зборот „политика“.
Оттука, исклучително важно е развојот на градовите да биде базиран на водење на одговорни политики од тие кои се избрани од граѓаните да го чинат тоа и се должни тоа да го прават во интерес на граѓаните и во интерес на заедницата. Притоа, должни се во тој процес да ги користат сите досегашни знаења и искуства за да создадат нови политики кои ќе водат кон одржлив урбан развој базиран на знаења и позитивни искуства.
Политиката е фундаментална за создавање на вистински услови во просторот и во заедницата кои ќе овозможат рамномерен и одржлив развој базиран на принципите на Зелениот урбанизам и целите за одржлива развој на ООН. Граѓаните имаат должност тоа да го бараат и очекуваат од политичките чинители.
ЦИВИЛ: Дали глобалните или регионалните кризи влијаат на нашите зелени перспективи?
Марина: Глобалните или регионалните кризи секако влијаат на нашите зелени перспективи и воопшто на нашите перспективи за одржлив и правичен развој. Тие предизвикуваат пореметување на глобалните процеси и синџири на комуникација, размена на идеи и добра и со тоа ги пореметуваат не само економските системи на локално ниво, туку и сите останати процеси кои го обликуваат нашето секојдневие. Нарушувањето на глобалната комуникација, снабдувањето со енергија или пак снабдувањето со одреден вид на материјали можат суштински да влијаат на развојот на технологиите кои ја поддржуваат зелената транзиција, а со тоа и одржливиот развој на заедниците.
Дополнително, влошените политички односи ги ограничуваат можностите за слободна размена на идеи, соработка и партнерства во создавањето на иновативни и одржливи решенија.
ЦИВИЛ: На кој начин влијаат политичките кризи во земјата врз циркуларната економија, како во нашата, така и во други земји?
Марина: Воведувањето и развивањето на Циркуларната економија во нашата земја, па и во регионот на Југоисточна Европа претставува пред се политички проект и за тоа е потребна политичка волја. Драматичната промена на технолошката основа на која функционираат големите производни погони, но и создавањето на современата основа за развој на новите технологии подразбира драматична трансформација не само на технолошкиот процес, туку и системот на финансирање на овие реформи и поддршката на нови инвестиции во нови технологии, трансформација на пазарот на работна сила, повторна едукација на голем број на вработени чии знаења и вештини кои ги стекнале во текот на нивното образование пред 20 и повеќе години повеќе нема да се употребливи, промен и во образовниот систем и воведувања на нови знаења, вештини и практики, како и промена на социјалниот систем на здравствена и социјална заштита и поддршка на општеството.
Со еден збор, потребна е фундаментална реформа на целото општество, а тоа е невозможно без силна и јасно искажана политичка волја и вклученост на сите засегнати страни и чинители во тој процес. Во таква ситуација, политичката криза ги разнебитува сите основи за една ваква трансформација и со конзервирање на состојбите поради недостатокот на капацитетот за промени ги влошува и онака лошите состојби во општеството.
ЦИВИЛ: Кои се Вашите сознанија и препораки?
Марина: Главната препорака за постигнување на одржлив урбан развој, следејќи ги принципите на одржливост е дека мора да се вклучат сите чинители во развојот и функционирањето на едно општество, особено најдобрите меѓу нас кои треба да се предводници во зелената и дигиталната транзиција користејќи ги сите наши знаења и искуства да создаваме нови партнерства кои ќе не однесат до подобра, поправедна и поодржлива иднина.
Д. Т.