Радуловиќ: Менструалната правда не е „женска тема“, туку прашање на човекови права и еднаквост

Радуловиќ

Проф. д-р Македонка Радуловиќ од Филозофскиот факултет во Скопје при Институтот за семејни студии, е добро позната и високо почитувана меѓу студентките – тие ја доживуваат како нивен ментор и особа со која можат слободно да дискутираат чувствителни и табу теми. Нејзините главните истражувачки интереси се семејството, социјална политика, родова еднаквост и здравје. Со професорката разговаравме за тоа како да се унапреди културата на менструалното здравје и да се подигне јавната свест за да се изгради општество во кое ниту една девојка или жена нема да се чувствува засрамено или ограничено – било социјално или финансиски поради природен биолошки процес.

Во вашите истражувања често се занимавате со семејството и здравјето како компоненти на благосостојба. Како ја оценувате улогата на менструалното здравје (и пристапот до хигиенски средства) како фактор што влијае врз динамиката на семејството, особено во семејства со ограничени финансиски средства?

    Менструалното здравје е дел од семејното здравје како целина и може да се каже дека е тивок, но моќен индикатор за семејната благосостојба. Во семејства со ограничени ресурси, недостапноста на хигиенски средства може да предизвика дополнителен стрес, чувство на срам и изолација кај младите девојки. Тоа влијае не само на нивната самодоверба, туку и на семејната динамика, особено кога темата е табу. За жал, во многу семејства, особено во руралните средини менструацијата е се уште тема за која не се разговара воопшто. Честопати младите девојки неподготвени влегуваат во овој период и не знаат како да се грижат за своето менструално здравје. Предизвиците се уште поголеми кога се соочуваат со недостаток на финансиски средства за хигиена и нега поврзана со менструалното здравје.

    Во вашата работа се истражуваат и прашања на родова еднаквост и социјална политика. Како мислите дека државните, локалните политики и бизнис заедницата (на пр. проект Bestie на dm за бесплатни влошки на  државни факултети) можат да ги надоместат структурните нееднаквости во пристапот до менструални производи?

    Проектот Bestie е одличен пример и можам да забележам многу позитивни реакции кај студентките. Сметам дека клучот е во партнерства. Кога приватниот сектор, како dm, ја препознава својата општествена одговорност, а државата создава поддржувачки политики, се отвора простор за системски решенија. Бесплатните влошки на факултетите не се само донација, тие се порака дека менструацијата не смее да биде пречка за образование. Локалните самоуправи можат да го следат овој пример во училиштата, библиотеките, па дури и во јавните тоалети. Менструалното здравје не треба да претставува луксуз, туку право на достоинствен живот.

    Вие сте вклучена во европски научни иницијативи и помрежја (на пр. COST / EuroFamNet) што се занимаваат со поддршка на семејствата и структурите на социјалната заштита. Кои европски практики или модели ги гледате како особено успешни во обезбедување бесплатно или достапно менструално здравје, и колку тие би биле применливи во македонски контекст?

    Шкотска е пионер со законска обврска за бесплатни менструални производи. Слични иницијативи има и во Франција, Германија и Белгија, каде што се намалени даноците на овие производи или се обезбедуваат преку јавни институции. Во рамки на EuroFamNet и COST, се промовираат модели на „менструална правда“ кои вклучуваат и едукација, не само достапност. Во Македонија, со адаптација на овие модели и со вклучување на студентски и младински гласови, можеме да се создаде одржлив систем.

    Во интервјуа истакнувате дека финансиската нестабилност и сиромаштијата може да создадат сериозни притисоци во семејствата. Дали имате податоци или увид како финансиската состојба на студентките (или младите жени) влијае на нивната здрава менструална практика — на пример, дали се принудени да користат алтернативни решенија, или да ги ограничуваат активностите во менструалните денови?

    Да, за жал. Во рамките на предметот Семејно здравје и здравствена заштита често зборуваме за прашања поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје. Често слушаме за користење на импровизирани решенија како хартија, стари ткаенини или избегнување на настава за време на менструација. Тоа е форма на менструална сиромаштија што директно влијае на нивното здравје и понатамошниот репродуктивен период. Истражувањата покажуваат дека кога девојките немаат пристап до соодветна грижа, се зголемува ризикот од инфекции, но и од психосоцијален стрес. Сепак, мал е бројот на мои студентки кои отворено зборуваат за овој проблем, но сите имаат некој ваков пример кои можат да го посочат. Сепак едно неодамнешно  истражување за степенот на менструалната сиромаштија во Македонија, од 2024, направено со 1.118 испитаници покажа дека 34 отсто од жените или 380 жени, немаат пристап до производи за управување со менструалното здравје.

    Како професорка и истражувачка која работи директно со студентите — кои клучни образовни интервенции (во формално или неформално образование) сметате дека се најнеопходни за да се зголеми свеста за менструалната правда и здравјето, и да се промени стигмата во семејствата и заедниците?

    Најпрво, сметам дека семејството има клучна улога во однос на едукација на девојчињата за женското и менструално здравје. Здрава и отворена комуникација е клучна за прифаќање, разбирање и надминување на стигмата. Менструацијата мора да стане дел “нормалните” семејни теми. Системот на образование има се разбира важна улога. Овие теми треба да бидат дел од  редовната здравствена едукација и не само во биологија, туку и во граѓанско образование и семејната едукација. Потоа, неформалните програми, како работилници, подкасти, студентски иницијативи, се клучни за рушење на табуата. Исто така, важно е да ги вклучиме и момчињата во овие разговори менструалната правда не е „женска тема“, туку прашање на човекови права и еднаквост.

    Зачлени се на нашиот е-билтен