За ова издание на серијалот интервјуа „Имаме неколку прашања за вас“ што ги објавуваме на порталот Рацин.мк го избравме Музејот на современа уметност како вистинско место за да го направиме разговорот со Мишко Ралев, архитект и професор на факултет за архитектура и дизајн на American College во Скопје.
Познат лик во градот кој знае со своите мисли во врска со градот и во врска со пулсот на градот и неговото живеење, да ги претстави така за да ги добиваме најдобрите изнијансирани слики за тоа во каков град живееме.
Со Ралев разговараме за тоа дали Скопје е по мерка на неговите граѓани, за Скопје 2014 како вирус во организмот на градот. Имаме и одговори на прашањата за политиката и архитектурата. Што е тоа што определува од таа врска, на политиката и архитектурата, дали ќе се изроди „франкенштајн“ или ќе се создаде дело во кое се споени убавината, духот на времето, фукционалноста.
Со Мишко Ралев разговараше Зоран Бојаровски
Има една фраза која која вели „град по мерка на човекот“. Дали е Скопје град по мерка на човекот и што е тоа што го прави или не го прави град по мерка на човекот?
Ралев: Мислам дека ова прашање зависи секогаш од времето кога се поставува. Човекомерноста на просторот е основата, база или главниот концепт на архитектурата, па и на и на урбанизмот да кажеме.
Ние цело време велиме дека сѐ е во мерка, сѐ треба да биде по мерка на човекот почнувајќи од базичниот ентериер, оној најличен ентериер па се до широките простори на градот.
И таа карактеристика се менува, таа не е константна, затоа што општеството се менува, се менува техниките, технологиите. Скопје беше едно време во мерка на човекот. Со сигурност можам да потврдам и јас сум современник, можеби сум бил и дете или тинејџер или студент, но како поминува времето, како се менува општеството, општествените сили да ги наречам коишто го моделираат градот и ги моделираат активностите, човекомерноста како да ја ставаме некаде ад-акта.
Сѐ повеќе технологијата и инфраструктурата почнува да владее со со градот. Тоа не е само случај со со Скопје. Тоа е случај со многу градови во во светот да кажам.
Така што веќе веќе тешко можеме да кажеме дека Скопје е човекомерен град, затоа што тој подразбира да биде хомоцентрикус, но не. Тој е сѐ друго, а центри има многу околу кои орбитираат некои други сили и друга моќ.
Тоа ми беше второто прашање, но пред тоа ме поттикна нешто што мислам дека не треба да го земеме за за оправдување, ако се согласувате. Велите дека тоа не му се случува само на Скопје и на многу други градови во светот, но велам, тое не треба да го земеме за оправдување.
Не, не, тоа секако дека не, јас само спомнав дека тоа се некакви предизвици на современото општество, па и на општеството во целина во целата негова историја на цивилизациите. Е сега борбата е наша, борбата е на граѓаните, на општеството тие сили да не преовладеат.
Да продолжиме понатаму во во духот на овие прашања што ги отворивме. Повторно да тргнеме од таа фраза, дека градот треба да биде според мерка на човекот. Што е тоа што му недостасува, ако можам да извлечам сега заклучок од вашето искажување дека во последниве години Скопје избегнува од рамките на тоа да биде град близок до човекот. Дали тоа значи дека веќе не пријателски град, не е хуман град?
Проблемот со тоа дали е хуман или нехуман, произлегува од она што ние го велиме дека архитектурата и урбанизмот се некаква социјална конструкција на реалноста и дека архитектурата и урбанизмот ги следат и се во некаков ритам со општествените случувања.
Е сега она што што го гледаме како резултат на делувањето во просторот е всушност политика на општеството. Не сум задоволен со тоа како ние се грижиме за хуманиот карактер на градот, затоа што треба да постои еден баланс помеѓу потребите на на човекот, помеѓу изградената средина и, секако, природата.
Тој систем, да го наречеме екосистем или да го наречеме социоеколошки систем, се негува и се и се развива. Некако сме сведоци дека владее повеќе стихија отколку систем.
Тука станува збор и за одредена чесност во распределбата на на ресурсите и во однос на владеењето со со градот. Некако граѓаните како да се потиснати и дека една мала мала група ги донесува решенијата надвор од сите хумани потреби, потреби, цивилизациски потреби, инфраструктурни потреби, природни потреби.
Градот по мерка на човекот, хуманиот град треба да ја осети и желбата и потребата на секојдневниот човек на оној човек којшто е всушност тука, којшто живее и кој на одреден начин е фатен во некаква стапица.
Ние ние живееме еден навистина хаотичен живот. Ние цело време доживуваме стрес ако треба да тргнеме да од Тавталиче па да дојдеме до аеродром. Ко еве да ја наречам таа некоја моја маршута од дома до работа. Треба да да мериме кога да тргнеме.

Треба да направиме план, цела една стратегија како да стигнеме до одредено место…
Да, и потоа што да што да правиме кога ќе стигнеме веќе таму? Тоа се некои секојдневни функции, но што станува со функциите за спорт, развонода, култура?
Зато велам, градот треба да се гледаат во една целина, во една хармонија,
Спомнавте систем и спомнавте стихија наспроти систем. Ако за системот може да се каже дека му е потребна некоја природна линија на развој на градот или еволуција на градот. Има одредени моменти кога Скопје се соочил со ситуации кога, не знам, еве да ја спомнеме трагедијата на земјотресот од 1963-та година, кој, се разбирај за жал на целата трагедија и хумана катастрофа што ја донесе тој земјотрес, беше точка од која можеби требаше да се тргне во некоја пресвртница, во некој нов развој, во некој нов систем за фразвој на градот. И имаше за тоа една замисла, но нешто го опструираше тој процес. Нешто таа убава идеја што ја осмислија Кензо од Танге, неговите пријатели, пријателите архитекти од Грција кои во исто време работеа на урбанизацијата на новото Скопје, нешто на тие напори им се спротивстави како опструкција.
Природната катастрофа што беше во 63-та година на минатиот век, не само што што го смени правецот на развојот, туку тој донесе развој. Скопје пред земјотресот, од почетокот на векот е некаков центар уште во во Отоманската империја со доаѓањето железницата во Скопје во 1873 година.
И и тоа е првиот акцелератор на развојот, на просторен развој, затоа што сега се развива Скопје од десната страна. Потоа станува еден од важните градови во кралството Југославија. Да не зборувам во социјалистичка Југославија е главен град, е републички центар и со сите свои функции, градски функции или или функции на еден центар. Претставуваше значајно урбано место во еден поширок регион од нашата држава.
Кога Скопје ќе го посматрате од од аспект на на таа една еуфорија на градба, односно на реконструкција, тоа е своевиден феномен. За прв пат Обединетите нации влегуваат во една ваква приказна и едноставно кога ги разгледуваме некакви коментари околу тој феномен на Скопје, забележуваме дека секаде се спомнува дека е тој еден обичен мал провинциски град во опкружување кај што се наоѓа, во една огромна држава од 20 милиони милиони население и што таа претставувала во тој момент во светот.
Тогаш во 1961-тата започнува движењето на невзраните. Југославија е битен фактор во светската политика и затоа таа може да предизвика ваков ваков феномен. Да, тоа е политичкиот контекст, но Скопје ја добива таа шанса да биде центарот каде што се сретнуваат западноевропските димензии или научноста, односно знаењето на западниот свет и знаењето на источниот свет, затоа што тука се сретнуваат и Доксијадис од Грција, но и Циборовски од Полска.
Циборовски како искусен заради реконструкцијата на Варшава доаѓа со знаење кое се применува во Скопје.
Кензо Танге го прави само проектот, односно планот, за централното градско подрачје и одеднаш нели Кензо Танге станува, мислам дека веќе ќе стане фолклор, какоКрале Марко на Скопје, затоа што обичниот човек мисли дека Кензо Танге го го направил.
И тоа е феномен. И тогаш Обединетите Нации велат дека е дека не смее тука да се застане, затоа што Скопје е показна вежба за справување на светската заедница со природни катастрофи.
Практично требаше да биде модел…
Да, модел. И тој станува во еден одреден момент, станува модел во одлучувањето и во планирањето на активности такви катастрофични состојби.
И започнува и како архитектонско-урбанистички модел, но секако му треба многу време затоа што некаде меѓу 70% и 80% од градежниот фонд е срушен. Населби што се што се изградени, се за времено сместување на жителите до 30-тина години.
Но едноставно среќа наша што во еден многу краток период од 15-тина години се направени, се испроектирани и изградени сите важни институции. Денеска не можете вие за три години една обична куќа да направите. Земете го Градски трговски центар за пример.
Конкурсот е започнат во 1969, а 1973 е веќе пуштен. Тоа е резултат на знаење. И на проектантско,на архитектонско, на инженерско и и на знаење на техниката и технологија. Затоа што ГТЦ е целиот челична конструкција.
И тогаш, наеднаш состојбите се сменија. Јас не сум сведок на тоа време, но мислам дека и политичките состојби во Југославија, односно економските состојби се нарушија и ние се потпревме сами на себе.
Развојот на Скопје се закочи после распаѓањето на Југославија и веќе се отиде во некои други правци. Од еден систем прејдовме во друг.

Ако можам да кажам од тој период навака практично, заради сите овие околности што ги спомнувате, падна имунолошкиот систем на Скопје. Дополнително, во 2014 му се случи еден нов вирус. Вие имате кажано дека во организмот на градот влезе вирус чии последици ги чувствуваме и веројатно ќе ги чувствуваме уште долго време. Тоа беше уште еден, ако можам така да кажам, удар во животот на Скопје.
Тој не само удар во животот на Скопје, тоа е удар и на нашиот идентитет. Затоа што да не заборавиме, архитектурата е базична активност, човекова активност којашто го одредува човекот културолошки, социолошки, па и идентитетски. Нели, ние сите се се фалиме со минатото наше со црквите од 14ти, од 11ти век, со народната архитектура по нашите градови, којашто е феноменална, но модерната архитектура некако како да ја тргнавме од професионалната архитектура.
Знаете, народниот неимар е истражуван, додека современата архитектура е запоставена од тој аспект, а станува збор за дела на првите архитекти коишто се школувани во Македонија.
Претходно имаме архитекти коишто се школувани надвор од Македонија како Брезовски, Чипан, додека Константиновски, Муличковски и други се произлезени од Универзитетот „ Свети Кирил и Методиј“, излезени од од Архитектонски факултет.
И на тие први школувани архитекти вие да им ги уништите зградите, тоа е како на Кочо Рацин да му ги препеете песните, „Ленка“ да му ја препеете и нема да се вика „Ленка“, ќе се вика Милена, бидејќи веќе Ленка никој не се вика, како од сликите на Петар Мазев, пошто не се разбрани, да извадитенекоја боја што не ви се свиѓа.
Низ целиот разговор досега провејува, а не ја отвараме, но еве да ја отвориме и таа теза или тема на влијанието на политиката во структурата или во урбанистичкото решение на на Скопје. На просторот во кој живее човекот, во кој живеат граѓаните на една метропола на државатаВ
Во тој контекст јас ќе поставам едно прашање кое може да изгледа провокативно за вас бидејќи сте архитект, но дали Скопје 2014 е печат на архитектите или на политичарите?
Одамна Виктор Иго, којшто е еден доста деликатен, прониклив, луциден посматрач на архитектурата, нели со со Богородичната црква, има кажано дека всушност архитектурата не е производ на генијалниот ум.
Не е тоа резултат на некаква инспирација, музата легнала на раме на архитектот и ја создал Нотрдам, туку тоа е резултат на целото општество кое што се напластува како некакви седименти се развива, се напластува и таа историја трае.
Без поттик, политички поттик, ние архитектите не можеме сами да да си зададеме своја задача. Ние имаме и даваме идеи, но мора некој тоа да го спроведе низ некаков некаков систем.
И сега, ако го споредиме да речеме парискиот Ле Гран Прожект на Митеран и овој на нашиов Скопје 2014, ќе го видиме токму тоа што го што го прашувате: Улогата на политиката, на политичари визионери и на политичари ретроградни. Односно не ретроградни, туку себични, нарцисоидни…
Кои се проектират себе си…
Така е, се проектират себе си во во нешто што не постоело. Затоа јас реков и го нарековам и сега Скопје 2014 вирус, затоа што од вирусот ние имаме сега пост вирусна состојба.
Дишните патишта ни се такви какви што се, гледате Скопје какво е. Немаме слободни површини, јавните површини веќе никој не ги ни користи, сѐ е запуштено. Дури и ако најдете некаква шема која што може да ја препознаете како интелигентна урбана шема, вие не можете да ја користите и не ви претставува никаков социјален и урбан предизвик затоа што е тотално девастирана, затоа што е пренатрупана со ѓубре, нечиста, претрупана со непотребни работи.
Вие не можете пешки да одите, да речеме да направите една фина разонода во една таква шема како што е булеварот Партизански одреди, каде што живеам, каде што се шетам, каде што можете да отидете неколку километри низ еден дрворед.
И таа шема ја препознавате. Имате зеленило, имате пешачка патека, зеленило, велосипедска патека и булевар. Но тоа е толку запуштено што едноставно немате предизвик тоа да го направите. И што се случува сега?
Ние всушност, граѓаните во Скопје, живееме во ентириерот на градот. Ние живееме во архитектонските внатрешности. Нас ни е страв да излеземе надвор, излегуваме само кога треба. Дали сте виделе деца да играат, луѓе коишто шетаат? Има многу мали точки каде што се одвива некаква социјална активност.
Сега се затвараме по молови. Во Истгејт, во Ситимол, затоа што таму е таа артефицијална средина која што е одржувана и која што е приватна. Нели, а треба да биде јавна.
Ајде уште малку за за оваа синергија меѓу политиката и архитектурата. Во таа синергија можеме да препознаеме, јас така ги определувам како новинар кој ги следи овие работи, епохи кога можеме да најдеме добра конекција и добри резултати од таа синергија.
Во постземјотресно Скопје имаше обиди што беа направени, но за жал не се довршија така така како што треба. Еден од тие изблици на архитектонски изрази беше брутализмот поради кој Скопје е наречен метропола на брутализмот.
Има контроверзи околу тоа прашање дали е тоа вистински начин на архитектонско изразување, има нешто што му недостасува, но некои го го квалификуваат како нешто што е навистина сериозен израз во 20-тиот век како нешто што се издвојува.
Но, на крајот дојдовме до тоа да Скопје 2014 да ги препознаваме објектите од проект како да се „Франкенштајн“, составени од нешто што што не е соодветно на градот, на историјата, на идентитетот. Поставени како фигури од лего коцки за да оправдаат она што го спомнавме – личната амбиција на еден владетел кој во одреден период сакал да остави некој печат кој апсолутно не е соодветен на македонскиот дух.
Иако не сум современик на тој период. Мислам како професионалец, но она што е што е битно дека за време на Југославија политички дека целата култура се сврте кон западноевропските традиции.
Од тој аспект има две пресвртници.
Првата пресвртница е раздвојувањето од Сталин, на Тито од Сталин. И тогаш југословенската цела култура, технологија, се приклучува кон западноевропските системи.
Втората прсвртница е после смртта на Тито. Тоа е разработено во одредени теоретски делови за архитектурата. И сега сите оние како да да речам сите концепти, сите школи се се впиени тука.
Тоа што после земјотресот еден добар дел на млади архитекти во тоа време, коишто или биле на факултети или во познати проектантски организации, се испратени во Соединетите Држави, во Холандија…, за да го изучат занаетот на изворот, значи кај правите мајстори.
Кога се враќаат тие го носат тој тој дух, тоа знаење. Да речеме еден Ѓорѓи Константиновски, професорот, бил прво на Јејл и бил студент и магистрирал кај Пол Рудолф, еден од најпознатите бруталисти во во тоа време, а работел кај Јоминг Пеј, авторот на Лувровската пирамида.
Селебрити, да речеме, двајцата селебрити во архитектонскиот свет. И сега тоа е, ете, и тоа е политика. Знаете, политика е земете ги најнапредните и она што е добро во светот и преработете го низ еден наш локален пристап, низлокална традиција, наша национална. Професор Токарев кога пишува за македонската модерна архитектура зборува дека во тој брутализам се вткаени многу фолклорни или традиционални елементи.
Да го земеме Петар Муличковски со зградата на тогашната Це-Ка на СКМ, односно сегашната зграда на Владата која што е сега ја нарекуваме шампита.
Во проектот на Муличковски целата таа зграда како форма беше произлезена од народната куќа, од Охридската куќа.
Целата таа македонска традиционална архитектура ја гледаме и во зградата на универзитетската библиотека со чардак. Таа е зграда со чардак, но е транскрибирана со еден модерен јазик, со модерни материјали. Е тоа е политика. И сега одеднаш доаѓа една друга политика којашто кажува, којашто тргнува егоцентрично и од некој што вели „јас сум тој што ќе каже“ и се навраќа на наративи коишто не постојат.
Создаваме наратив којшто не постоел дека Скопје било барокно. Не знам на кого му текнало да го да го прави тоа, но тоа се тие некои империјалистички ставови.
Империјалистички ставови коишто се автократски и што мирисаат на некаква квази монархија. На некој авторитет којшто ќе ги поклопи другите.
Тие се без основа. Кога ги гледате во простор, тие како да пливаат, не се вкоренети.
Затоа велам наративот. Еве да објасниме. Сега седиме во музејот на Современна уметност. Кој е наративот?
Објектот е правен, испроектиран од полските архитекти од групата наречена Тигри којашто е во тоа време 60-тите години е една од најавангардните, не само во Полска туку и во во Европа. Тоа е наративот. Направена на врвот на Калето со неверојатна организациона шема, со најсовремени технологии на тоа време. Што да кажете за објектот Археолошкиот музеј каде што е сместен и Уставниот суд и Архивот на на Македонија.
Од каде потекнува? Кој ја направил? Зошто е таков? Кои се тие елементи коишто ќе кажат нешто? Нема наратив. Објектите на архитектурата гтреба да биде жив организам. Тој е рефлексија на нашиот идентитетски континуитет.

Да го привршиме разговорот со едно прашање кое отскокнува, излегува од архитектурата, но сепак е е поврзано. Скопје е европска престолнина на културата за 2028 година. Ја добивме кандидатурата. Тоа е сериозна, престижна титула која треба сега да се реализира и да докаже дека е заслужено добиена таа привилегија. Но според сите сознанија досега многу се доцни во реализацијата на подготовките за еден ваков, сепак, голем проект кој треба да го претстави Скопје и треба да ја претстави Македонија според сите стандарди кои ги налага замислата за една европска европска престолнина на културата.
Со што се соочуваме ако не успееме да го реализираме тоа како што треба, бидејќи сите укажувања велат дека многу доцниме.
Годината кога треба да да биде Скопје градот на градната културата наближува. Ние не гледаме активности, дури гледаме дека некои некои работи стагнираат заради некакви правно-политички моменти.
Со Скопје европска престолнина на културата може да биде акцелератор на развој, феноменален акцелератор. Не само за урбан, туку и за културен, за финансиски развој.
Еве една паралела кога Скопје исто така доби една фина шанса за забрзување на развојот кога беше град домачин на шаховската олимпијада. Беше направено олимписко село, па саемот каде што се одржа шаховската олимпијада.
Беше направен хотел Континентал. Така да од тоа само може да бенефит да се има. Е сега што се кочи, каде се кочи навистина некако неможеме ни да разбереме. За тоа не се зборува, не знаеме кој треба да каже до каде е.
Немаме никакви информации градот. Градот знаеме дека е во веќе со години во некаква замрзната состојба. Во замрзнат или, не знам, отворен конфликт, не сум политички аналитичар, но не гледаме излез.
Скопје европска престолнина на културата е шанса којашто еднаш во 20-30 години еден град може да да ја добие. Поготово ваков град. Ние не можеме да добиеме Олимпијада, не можеме да добиеме Евросонг…
Па добро, според мерките на некакви културни манифестации европска престолнина на културата е еднакво на Олимпијада.
Затоа велам. Тоа е нешто што еднаш го добиваш и ако го пропуштиш мислам не е фер, не е фер кон нас.