Ризаов: Наместо да бидеме плачковците на светската сцена и да се жалиме на неправдите, треба да ги решаваме проблемите

Овојпат во серијалот „Имаме неколку прашања“ за вас го имаме како гостин нашиот познат новинар Ерол Ризаов. Од поентите од разговорот со него ќе издвоиме неколку.

Тој вели, „не треба да бидеме плачковци на светската сцена. Секаде каде што одиме зборуваме како ни е направена неправда“ и нагласува дека тоа никого не го интересира и дека тоа се прави за да се јуначат актуелните лидери на домашната политичка сцена. Треба да се решаваат проблемите, а не да се избегнуваат.

Ерол Ризаов е роден во Кочани и трагедијата на вој град посебно го погоди. Во разговорот за Рацин.мк, тој вели дека е многу разочаран од јавноста во Македонија затоа што Кочанчани се оставени сами во потрага по правдата. Укажува на тоа дека мораше да има оставки на актуелните челници во МВР од морална одговорност. Ризаов потенцира дека оставката како морална одговорност ќе го отвареше патот да нема влијание во истрагата. Во разговорот со Ризаов се опфатени и неколку други актуелни теми во нашата земја.

Со Ерол Ризаов раговараше Зоран Бојаровски

Рацин.мк: Да почнеме од ова што е најново, овие денови се склучи договорот за стратешко партнерство со Велика Британија, односно со Обединетото Кралство. Кога што е во прашање овој тип на аранжмани, прилично контроверзни ситуации, бидејќи јавноста, медиумите, ние сите, немаме до крај увид во тоа што точно претставува тој договор, освен она што ни е пласирано од извршната власт.

Но, без разлика на тоа, сакам да го почнам разговорот со вас поврзано со ова прашање со една навика актуелниот премиер постојано, или одвреме навреме ако не постојано, да вели ќе ја направи Македонија најбогата земја на Балканот. Па сега еден ваш поглед на работите  во однос на тоа дали се прави Македонија најбогата земја на Балканот со овојтип на аранжмани, бидејќи други јас сега за сега не гледам.

Ерол Ризаов: Прво не знам дали е тоа стратегиско партнерство. Стратегиско партнерство опфаќа поширок круг на разни договори, остатки и разни други бенефити, така да ги наречеме.

Ние уште имаме визен режим со Англија, да речеме со Велика Британија. Значи, ако имаме стратегиско партнерство, значи би можеле да патуваме и во Америка и во Британија без виза, ама тоа не е така. Значи се работи за некакво бизнис партнерство, кое сè уште е, како што кажавте, прилично нејасно.

Дали Македонија ќе стане најбогата земја на Балканот, беше една пи-ар порака на нашиот премиер од Америка. После таа еуфорија се наредивме во првиот ред до блиски до Трамп и до Америка. Но, знаејќи ги овие бизнис релации во светот, сигурно дека ваквите договори треба да се примат малку со резерва и да се види, да се видат сите податоци внатре што постојат и сите факти.

На пример една од најскапите инвестиции, да речеме, се браните Чебрен и Галиште поврзани со Тиквешкото езеро. Сега, тие викаат негде милијарда и деветсто или две милијарди. Но, сигурно таа изведба би чинела многу повеќе, неколку милијарди би достигнала до завршување.

Тие градежни зафаати веројатно би траеле повеќе од десетина години. Тоа не би одело брзо. Затоа они го нарекуваат тоа пристап до парите, а не го нарекуваат во договорот како кредит.

Пристапот до парите веројатно е условен, претпоставувам условен на разни периоди и со разни проекти. И тука ќе биде големо прашање, кој ќе биде изведувач, кој ќе биде подизведувач. Ако бидат пак британските фирми главните што ќе ги организираат тие градежни зафати, значи можеби македонски фирми ќе бидат некакви подизведувачи.

Тоа е исто што се случува и со Кинезите овде. Тоа е една подредена исто позиција и скапа позиција. Тука сигурно може номинално каматите да бидат мали, меѓутоа цената на изградбите ќе биде многу висока.

Тоа е системот на Бехтел и Енка. Тие не учествуваат во корупција. Тие ја дигаат цената дупло, а корупцијата ја прават домашните фирми, поготово надзорните органи и тие другите или тие што вршат експропријација на земјиште.

И ако е предвидено триста милиони евра да се дадат за експропријација на земјиште, ќе се дадат сто, а двеста ќе ги снема. Ќе завршат во некои џебови или во некои партиски каси.

Но дури и кога станува збор за најавените проекти, Чебрен и Галиште, не е категорично најавен дека ќе биде опфатен со дел од овие пари. Од она што е најавено тука е завршувањето на Клиничкиот центар во Штип, Коридорот 10, училиште…

Тоа ќе биде,како што можам да насетам од она што е досега објавено и од ова нешто што прочитавме што Англичаните објавија, тоа ќе биде проект по проект кои треба да се одобри и по таа основа да се прифати или да не се прифати.

Но, видете што е интересно таму. Ние ќе градиме болници кои ни се потребни. Меѓутоа тие се буџетски институции. Таму се троши, таму нема нова вредност. Таму треба да се трошат пари. Ако градите училиште или градинки, исто така.

Значи, тоа сепак се институции на буџетска потрошувачка…

Европа не можеме да ја гледаме како банкомат. Европеизацијата е многу поважна.

Кои не генерираат дополнителна вредност…

Не генерираат. Важно е кога ќе земете кредити или кога ќе земете заем или кога ќе се заборчите, било каде, еве и лично, каде ќе ги потрошите парите?

Ако отидете во коцкарница, тоа е голем ризик. Ако купите акции, исто еден вид на ризик дали ќе се растат. Ако купите стан, ќе имате добра работа, меѓутоа пак треба да плаќате месечни рати.

Значи и дуќан да отворите, којшто ќе заработува пари, ќе враќате за кредитот. Во овој случај е исто така. Важно е како ќе се трошат парите и дали ќе се создаваат нови вредности.

Меѓутоа тоа не го прават сите овие објекти што сега се предвидени и што се нафрлааат повеќе како предизборна кампања, отколку како нешто што што е реално.

Да, и спомнавте еден збор кој, кој е апсолутно индикативен кога е во прашање овој тип на аранжман, па и за претходниот договор со заедната милијарда од Унгарија: да насетиме. Ние треба да насетиме… Се обидуваме да откриеме што стои зад сето тоа врз основа на, јас така ги нарекувам, дозираните информации што ни доаѓаат од страна на власта, за тоа за што ќе бидат наменети овие средства, под кои услови и така натаму.

Тоа, тоа укажува на уште навика на ВМРО ДПМНЕ, на оваа власт, да ги дозира информациите, да не открива до крај, да не биде транспарентна во овие процеси.

Оваа наша јавност после, нели онаа позната милијарда на Циле Турковски, па потоа дојде милијардата на Орбан. Сега се шест милијарди. Пред тоа имавме од Никола Груевски навестување на осум милијарди… Тоа е една привлечна, така да кажам, позиција на власта да ви каже дека еве ние ќе направиме рајска градина од Македонија, ќе направиме многу големи успеси, брзи пруги, патишта.

Тоа е само филмска работа. Знаете, тоа во реалноста е сосема друго. Тоа ќе трае, дури и да е така, а не е така, ама еве и да е така, тоа ќе трае со години, со децении. Таквите проекти не се завршуваат, меѓутоа е многу добро тоа да се навестат, ако имате за пет-шест месеци избори.

Тоа кај јавноста остава силен печаток. Еве сега ќе дојдат пари, така и место за придобивки. Така се случува и со Европа. Значи, место да ги представиме на јавноста придобивките од членството во Европската Унија, ние ја претставуваме како банкомат да е Европската Унија, само треба да земаме пари и тоа ни е многу важно.

Ние и сега, во моментот, имаме многу пари од Европската унија кои не можеме да ги употребиме, не знаеме да ги употребиме, немаме проекти. Сите тие подготвителни работи за град во областа на градежништвото се клучни и најважни пред да почне да се гради.

Тоа се покажа со патот до Охрид. Значи, претходните работи не беа добро завршени. Имаше тука голем број пропусти и сега тоа се оддолжи и сега тоа служи за добивање на поени бидејќи се привршуваат работите и сега новата власт тоа прави.

Демек, еве сега ние дојдовме и одма ги завршивме овие работи. Исто беше и за Бехтел и Енка. Бехтел Лиенца во договорот ставија услов дека додека не се расчисти позицијата на градежната оператива, тоа значи додека не се направи експропријација, додека не се одреди тасна, додека не заврши нивниот проект, тогаш почнуваат работите.

Е кога ќе почнат работите со механизација тие одат бобарско. Исто е и во оваа, во оваа. Знаете како викаат Шкотландчаните? Викаат дека не се оние цици, туку Енгlezите измислиле дека се Шкотландчаните цици.

Така да со Англичаните, гледајќи ја историјата ако сакате, од целиот период како една голема сила во светот кога била… Тие нивни услуги не се така наивни или лесни.

Во тое ќе се увериме брзо кога ќе дојде ред да се повлечат парите и како ќе се повлекуваат и ќе видиме дека тоа не е така од небо дадено, па некој ни е многу голем пријател, па ќе ни даде, како што беше пропагандата за Орбан.

Орбан беше пропаганда, значи големо пријателство, еве ќе ни дае милијарда. Милијарди не се даваат така.

Во политиката нема вечно пријателство, има вечни интереси.

Направивте една паралела и јас би сакал да продолжам во таа насока со европските фондови и со можностите што доаѓаат или што можат да дојдат од Европската Унија, како фондови за инфраструктура за други, каде што има и грантови кои се кои, кои не мора да ги вратиме, кои се даваат во овие процеси за постигнување на стандардите на таа држава и ние од тој аспект можеме да имаме двојна добивка.

Ем ги дигаме стандардите, а тоа значи реални проекти и утврдени проекти…

Во нашата јавност, тука е дел и од нашата вина, сè уште не, не е добро претставена привилегијата што значи да се биде членка на Европската Унија.

Што добиваме и што губиме? Често се употребува флоскулата по која цена ние треба да влеземе, а јас велам која цена ја плативме што не влеговме. Инаку тоа тоа треба добро да се пресмета и во областа на здравството и во областа на образование и во областа на заштита на човекова околина, на економскиот раст, развој, изградба на и целосна инфраструктура испуштивме во овие дваесет години.

Македонија можеше да биде членка пред скоро дваесет години со името БЈРМ кога ние остро го нападнавме. Сите бевме шокирани. Јас бев во Њујорк кога тоа се случи и кога го видовме тоа ФИРОМ. Бевме навредени многу, меѓутоа од денешен аспект, ако гледате и ако измерите, бидејќи тогаш условот беше само за надворешна употреба, Уставот не се менуваше.

Мицотакис, стариот, се согласи да бидеме членки на меѓународните асоцијации со тоа име. Јас мислам дека денеска веќе ќе беше заборавено, а Македонија пред дваесет години ќе беше членка на Европската Унија и на НАТО и ќе имавме еден огромен бенефит.

И сега видете ги, за паралела, државите кои беа зад нас. Еве, на пример Бугарија, видете ја Романија, ќе кажете со протекционизам, не е важно. Тие успеале да влезат.

Таа трка беше ужасна. Кој побрзо ќе влезе, не само поради членството, него за да може да поставува услови за тие соседи со кои не сака да има добри односи и со кои има проблеми, одредени нерешени проблеми. Ние можевме ние да поставуваме услови на Бугарија, ако тогаш го искористивме тоа.

Гледано од денешен аспект, тука немаше ништо спорно, односно освен таа бесмислица на држава која не постои „Поранешна југословенска“, а Република Македонија, двата збор едно до друго. Немаше проблем со јазикот, немаше проблем со националната припадност Македонец.

После тоа имавме Република Македонија Скопје, па имавме Горна Македонија, па Северна Македонија. Следното ќе биде полошо.

Ако ние овој сега геостратегиски кошмар што е во светот и со Европа кај што се бараат брзи проширувања и заедништво, ако не го искористиме по приемот на Црна Гора, Албанија, многу веројатно Украина и Молдавија, сигурно уште дваесетина триесет години ќе престане приемот на нови членки.

Е, сега доаѓаме до парите. За ова што прашувате, за неискористени фондови. Треба да учиме од Хрватска, од Грција и од Бугарија. Тоа не е срамота, сите тоа го правеа. Имаат луѓе кои се специјализирани како се добиваат, како се трошат и кои се проектите и како и кои се злоупотребите кои не смееме да ги направиме.

Ние веќе имавме неколку случаи на злоупотреби на европски пари. Значи тие фондови се издашни и штедри, меѓутоа треба да имате добра подготовка и вистинска понуда. Она што ќе го направите како проект да го реализирате.

Тоа е со Европа. Ние Европа не можеме да ја гледаме како банкомат. Не треба да ја гледаме само од аспект на парите. Европеизацијата е многу поважна. Европеизацијата трае, може да трае и сто години. Членството е едно, а еве, да речеме европеизацијата и на Бугарија и на Романија сѐ уште трае.

Членството е предуслов да одите побрзо во една европска иднина.

Наместо да се „влечат“ ушите на европските лидери за јуначење за по дома, треба да се решаваат проблемите.

Сакам да ве потсетам на една ваша во една ваша колумна, каде што во врска со евроинтеграцијата велите и за тоа дали Европа ни направила неправда.

Велите: Која неправда е поголема таа што ни ја прават соседите и Европа, компромисите што ги прифаќаме или таа неправда што самите си ја правиме, кога не носиме, кога не ги носиме одлуките и губиме скапоцено време за остварување на државните интереси.

Ова третата е најголема неправда.

Значи човек кога сам ги прави грешките, а не ги признава по изминатото време, кога тоа се гледа дека е грешка, сè уште јава на истиот коњ дека некој ни е крив повеќе од нас.

Да, има неправда кон Македонија и тоа сите го знаеме. Меѓутоа, да ви кажам, барањето правда и само потпирање на тоа, не води во погрешна насока. Значи треба да бидеме мудри да го да го решиме проблемот, а нашиот проблем е членството во Европската Унија, односно не толку членството, колку реформите за членство.

И јас мислам дека владите, особено ВМРО ДПМНЕ бега од реформите. Значи тие се тешки и се непопуларни. И обично додека траат преговорите во земјите кои преговарале и станале членки по две три влади плаѓаат.

Затоа што ти треба да го предводиш граѓанството на народот, а не да се потпираш на тоа да се јуначиш, што ќе им ги влечеш ушите на европските бирократи и ќе кажуваш колку се лоши. Тоа никого не засега.

Тоа е само за домашна употреба. Што ако кажам јас дека Фон дер Лајен била ваква или таква, или овој бил ваков или таков, за да можат луѓето што читаат или што гледаат да се одушевуваат од нечија храброст под Јорган планина, скриен овде во Македонија, кога никого во светот не го интересира тоа.

Ние треба да бидеме мудри и паметни, да ги прифатиме тие закономерности на европските интеграции. Инаку ќе останеме изолирани во оваа балканска крчма уште долги години и Македонија полека нека ќе се претвори во еден пензионерски дом.

Ако сега има сто педесет илјади бугарски пасоши, кои се егзистенционални за да одат луѓето надвор да работат, а не затоа што се чувствуваат како Бугари, оти пописот покажа. Можете да замислите колку албански пасоши ќе има кои ќе влезе Албанија.

ВМРО ДПМНЕ бега од реформите зашто се тешки и се непопуларни.

Тука доаѓаме до Албанија, Црна Гора…

Како што е сега емиграцијата силна, а Македонија се претворена во еден пензионерски дом.

Главно остануваат постари луѓе. Јас скоро бев накај Богданци, Валандово, Гевгелија, таму Гевгелија живее заради близината на Грција, но во овие земјоделските региони сè е опуштено.

Ништо не се работи. Луѓето за три месеци што работат во Италија повеќе заработуваат отколку за цела година во Македонија. И тие се односи ако не се сменат, залудни се сите реформи. Не помагаат. Тука треба да се направат големи исчекори за да можат луѓето да останат дома.

И ако се олеснително околности Бојаровски тоа што сега ова иселување не е гурбетчиство, не е како некогаш за минување за Америка. Такви се комуникациите. Таква е леснотијата на доаѓање, одење, на вложување пари, на инвестиции и на сето тоа…Практично Европа се претвора во една држава.

Рацин е зад нас и он велеше „Куќа цел свет ми е“. Така да, тоа е, денеска светот е тоа. Целиот свет е нашата куќа.

Да, така е.. Јас од тоа многу не стравувам, иако изгледа драматично ова нашето иселување.

Меѓутоа, ја гледам комуникацијата. Неколку милиона летови има од скопскиот аеродром што беше незамисливо. Значи главно луѓето одат, доаѓаат, патуваат и тоа е еден вид на интеграција.

Ќе ве вратам пак на регионот малце и во однос на интеграциите да бидеме свртени кон решенијата наместо кон истакнување и жалопојките за неправдата и така натаму.

А нас ни се случи од лидер во регионот во евро интеграциите, сите тоа го велеа и го истакнуваа, сега да бидеме тажната приказна на Балканот, како што кажа Антонио Кошта. Албанија и Црна Гора во 2027 ќе ги завршат преговорите, а до две илјади и триесетта ќе станат членки на Европската Унија.

Тоа е тоа плачење за неправда што постојано и претседателката на државата и премиерот го поентираат дека ни се прави. Да, ни се прави неправда. Но, решете го проблемот. Ни се прави неправда, меѓутоа, таа неправда станува во секоја следна инстанца поголема, а ние самите се блокираме. На почнати преговори, на одржана првата меѓу владина конференција сега прашуваме „која е цената?“, „Ова е неправда“.

И сега одеднаш во таа неправда грчкиот договор стана добар. Кога, нели, ни го земеа името, тоа беше тоа страшна трагедија. Беше страшно. Сега е добар. Дури Мицкоски предлага да биде исти и бугарскиот.

Пазите ви се молам, тоа нашата јавност сè го заборава, го голта. Просто е  неверојатно, како што вика еден наш колега, три секунди трае нашето паметење, како кај рибите.

Ако сега тој е добар, зошто не го искористивме кога требаше да се изгласа во собранието?! Заради седум гласа не се изгласа со двотретинско мнозинство и сега веќе да бидеме во пакетот со Албанија и со Црна Гора.

Исто такви пакети имавме испуштено и порано од разно разни причини. Секогаш се блокира таа работа.  И не треба да бидеме плачковци на светската сцена. Секаде каде што одиме зборуваме како ни е направена неправда.

Па што мислат они дека некој многу се секира за тоа? Они ни викаат ако сакате да играте во Премиер лига, овие се условите. Ви се допаѓаат, не ви се допаѓаат, тоа е. Ние треба да видиме што се случи со тие земји.

Пред малку кажав нешто за оние земји што влегоа пред нас во ЕУ. Имало незадоволство и кај нив… На промоцијата на еден роман на Миљнко Смоје, зборуваше Борис Дежуловиќ и они нешто зборуваа дека се незадоволни од Европската Унија и така натаму, од влезот во ЕУ.

Такви ќе сретнете и во Бугарија и во Словенија. Меѓутоа, јас тогаш им реков едвај чекам да влеземе, па да ја критикувам Европската унија. Вие заборавивте дека некои држави чекаа да купат сладолед, опашки, чекаа со торби.

Пушкин кога го читаа, ние го читавме Солженицин. Тоа го заборавија каква им беше демократиjата, каква им беше државата, каква им беше инфраструктурата и ова. Е, ама сега они викаат чекајте полека, ние не се споредуваме со овие копуци доле на југ.

Ние се споредуваме сега со Италија, Австрија, Германија и затоа сме незадоволни. Опа, бато. Значи рипнало нивото на перцепција каде треба да бидат. Значи не е само членство, еве Бугарија. Во Бугарија ние одевме и они викаа вие сте за нас Американци, а ние сме за Румуните, Југословени.

Тоа сега се смени и сега ние треба, нашите лидери, нашите политичари, да ја внесат Македонија во Европа, а не да плачат, не да кукаат и да им кажуваат нешто на граѓаните за да постигнат некакви политички поени на изборите.

Кога разговараме за пропуштените можности, ни се нудат како алтернатива некакви сојузништва со Унгарија, со Србија… Унгарија настојува да го да го постигне и да го отвори својот пати по Коридорот 10 до атинските пристаништа…

Во политиката, како што кажа непаметни луѓе, нема вечни интереси, оваа вечно пријателство има вечно интереси.

Македонија треба да има добри односи со сите. Таа еквидистанца на Киро Глигоров беше погрешно протолкувана, како еднакво лоши односи, не еднакво добри односи со и со Бугарија, и со Србија, и со Грција, и со Косово, со Албанија, со Америка, со Русија.

Каде сѐ што можеме да имаме добри односи, коректни односи поставени на принципи.

Еден од најголемите проблеми зошто се ослабнати нашите позиции во преговорите е што ние за триесет и четири години не направивме успешна држава.

Значи, кога имаш успешна држава, си моќен во преговорите. Ако биде, биде, ако не биде, не биде. Јас можам и сам. Тоа е филозофијата.

Ако гледате што наследија тие што дојдоа четириесета на власт и што направија за триесет и две години, четири. И ако мерите сега од девеесет и прва за триесет четири години, што е направено и што е наследено, ќе видите дека е катастрофален пораст и тоа е емпириски може да се докаже, со бројки. Ако Македонија била полуфеудална земја во четириесет и пета, со маларија, туберколоза, со неписмени осумдесет проценти луѓе, со просечен живот педесет и неколку години, после тридесет и четири години, негде осумдесетте години веќе била република. Да, федерална, ама веќе била со сите обележја на држава, имала собрание, имала влада, имала граница, имала јазик, имала култура, имала… Тоа е направено.

Од девеесет и прва до сега ние имаме најактуелна тема политика, криминал, корупција, приватизации сомнителни и имаме некоја желба за која треба други да ни ја завршат работата, да бидеме европска држава во секое смисла, не само географска.

И тоа не е остварено и нема да биде остварено додека имаме вакви политичари. Нас ни треба лидери со визија, храбри луѓе кои ако треба еден мандат ќе го жртвуваат, ќе донесат непопуларни одлуки, ќе паднат, па некогаш ќе се вратат или историјата ќе им ја признае заслугата. Иначе не може поинаку.

Многу сум разочаран, ги оставивме кочанчани сами.

Ќе се обидеме да го привршуваме овој разговор, овој интервју веќе да стигнеме до крајот. Јас не ви најавив, но се надевам дека нема да Ви биде проблем да Ве навратам на Кочани и на трагедијата што се случи во Кочани. Вие сте родени таму.

Тоа е, како да ви кажам, многу болна работа за цела Македонија. Голема и бесмислена трагедија и бесмислена која се случи како еден шокантен напад

Особено ние што сме поврзани со Кочани по разни основи. Јас ги паметам и изворите и реката и доловите и ридовите и… Таму живеев само осум години до прво, второ одделение, кога се преселивме во Скопје. Но секогаш сум бил поврзан со Кочани и ги познавам децата по татковците, како личат и како изгледаат.

Мене тука една работа ми е сосема нејасна, се случуваат трагедии. Зошто не е спречена, а можело да биде спречена. И кој е одговорен за тоа? Овие седумдесет, осумдесет или сто осомничени.

Тоа е одбегнување на одговорноста, поготово на моралната одговорност. Затоа што оставка како морална одговорност се поднесува од една многу важна причина, а не само зарди моралот на личноста. Кога ќе поднесете оставка на функција која треба да ја истражи трагедијата, вие го отварате патот да нема влијание.

Тоа е смислата на оставката. Ако јас сум министер за внатрешни работи, се случила министерка и јас немам директно учество, поднесувам оставка затоа што новите министри треба да ја спроведат истрагата без влијание.

Тоа во Македонија не е направено. Штом се сто обвинети или осумдесет, ќе бидат долги тие процеси.

Второ, многу сум разочаран од јавноста во Македонија. Ако можам така да кажам, ги оставивме Кочанчани сами. Да ја водат таа своја битка за правда и за лечење на раните сега откако се враќаат луѓето со големи последици по животот нивни.

Тука е мислам нашето нашето неучество во таа поддршка како… Не мислам на финансиска поддршка, туку во смисла на протест кој ќе забрза тие процеси. Видовте ли во Србија?

Шеснаесет луѓе загинаа под настрешницата, меѓутоа се случи револуција, практично. Јас не повикувам на револуција, се разбира, и не сакам тоа да се третира како злоупотреба на една трагедија во политички цели, што е омилена реченица на власта, туку треба да се овозможи една истрага на најодговорните личности кои не ја спречија трагедијата, бидејќи тој ден имаше таму и малолетни луѓе.

Имаше и повеќе луѓе отколку што прифаќа објектот и имаше оваа тројца полицајци. Значи можеа –  стоп. Не може толку луѓе да бидат. Не може ова да биде, не може онака.

Ние се бавиме со лиценции кој имал лиценца, кој немал лиценца, колку години, поранешни министри за економија, поранешни функционери и тоа само ја разводнува ситуацијата. Кочани долго ќе боледува, и економски и психички… Таму е сега прилично тажно и црно, би рекол.

Една атмосфера многу… го опфаќа цел град, а поготово заради малата поддршка од Скопје и од големите градови во Македонија да искочат и да го кажат својот глас во ово одбрана на Кочани.

Ви благодарам многу за разговорот.

Само сакам да заокружиме, иако не може ништо да оправда или, не знам, како може да се рационализира таа трагедија, но веројатно е дел од тоа лежи и во овие причини што сите овие години назад што ги спомнавме за време на овој разговор, не успеавме да ги здигнеме стандардите на едно општество, на тоа како е поставено нивото на одговорност на нивото на…

Пак ќе дојдеме до Европската Унија. Значи тие закономерности таму важат. Јас купував некој во Копенхаген слушни апарати и имаше мал проблем околу повратот на пари на граница.

Таа фирма немала договор со граничните таму објекти и ми рекоа дека ќе си оставите адреса и број и ќе ви се пратат парите на сметка.

Јас му викам на пријателот што беше со мене, ова изгледа викам и кај вас како кај нас. Тој ми вели, Ерол, ако си во право и ако е законот на твоја страна во оваа држава, ни претседател, ни премиер, ни полиција, никој не може да ти го одземе правото. Парите ќе ти дојдат за три дена, ми рече. За два дена дојдоа.

Значи закон, почитувањето на законите оди до најмала, до еден динар, до најмала до најмал износ.

Имаш впечаток дека службите што се за прогон таму, едвај чекаат голема риба, затоа што кога ќе фатат големата риба, сите тие другите се во уплав, помалите. На Штефи Граф татко ѝ го осудија четрнаесет години затвор за затајување на данок.

Значи, нема пардон тука. Ако го почитуваш законот, ти си слободен граѓанин и никој не може ништо да ти наштети и да те… Е, тоа ние тешко ќе го доживееме барем мојата и твојата генерација.

Зачлени се на нашиот е-билтен