Повеќе од една деценија зад името на Славче Таневски стојат потписите на дизјанираните модели на Mercedes – Benz. На почетокот на автомобилите GLC Coupe и Concept EQA, па до најновите модели како Maybach EQS SUV i Mercedes-AMG SL. Во историјата на светот постојат малку имиња што се потпишани како дизајнери на модели на марката со сребрената ѕвезда. Меѓу нив спаѓа и Славче Таневски кој им се придружува на овие светски славни имиња.
Со Славче Таневски разговараше Мирјана Василева
Што значи за еден дизајнер, да го создаде изгледот на автомобил од фамилијата Мерцедес?
Секако е голема честа и задоволството да се работи за еден од најреномираните и најпрепознатливите автомобили во светот од една страна, а од друга воопшто да создадеш автомобил, нешто што ми било сон уште од мал. Идеја која постоела само во вашата глава сте ја реализирале со сите ваши вештини, сте успеале да ја продадете и станала реалност. Сопатник и член на многу семејства.
Кои се предизвиците во дизајнерската работа и како гледате на промените кои доаѓаат за иднината во автомобилската индустрија, пред сѐ во однос на „зелените технологии?
Предизвиците доаѓаат пред се со новите регулативи за безбедност, кои се сѐ построги и построги. Исто и со новите технолошки решенија. Автомобилите стануваат сѐ попаметни, што значи дека се опремени со разни сензори, камери, лидари кои треба некако да се интегрираат во екстериерот и тоа е најголемиот предизвик. Секако и стилистички да се биде секогаш свеж, но и верен на препознатливоста на марката.
Нема магија, има само талент, непрестана работа, упорност, дисциплина, страст, креативност.
Во твојата професионална биографија е запишено дека по завршувањето на студиите во Германија, од самиот почеток почна да работиш во гигантот Мерцедес. Која е твојата „магија“ за тој успех во компанија со традиција каква што има Мерцедес?
Работното место го добив веќе во петиот семестар. Нема магија, има само талент, непрестана работа, упорност, дисциплина, страст, креативност. Секако бев на вистинско место, студирав во Минхен на факултет кој соработува со автомобилските компании. Многу ми помогна општото образование што го донесов со себе од Македонија како и познавањето на германскиот јазик.
Кој е твојот најомилен детал или модел од твоите досегашни дизајнерски остварувања?
Секогаш треба да балансирате со тоа што е ваш личен вкус, што се бара на пазарот, што е прифатливо за бордот на директори и тоа што значи корпоративен идентитет на марката. Мислам дека успеав да оформам некоја моја препознатливост, заедничко за сите ватомобили што ги имам дизајнирано се чистите површини неоптоварени со многу линии и без рабови како и триаголните графички елементи.
Дали имаш сон за безвременски автомобил и како би изгледал тој?
Работам за марка која произведува безвременски автомобили. Самата дизајн стратегија е таква да производот издржува и цела деценија на пазарот, а се памти и станува класик со децении. Доколку мора да изберам еден модел, тој постои – тоа е новиот SL.
Посебно сум горд што сум успеал од мала земја како Македонија и голема гордост ми е да ја претставувам низ светот.
Какво е чувството да си еден од ретките, па можеби и единствениот Македонец што го работи ова?
Многу ексклузивно е тоа друштво на дизајнери на автомобили, многу е тешко да се влезе во тој клуб. Посебно сум горд што сум успеал од мала земја како Македонија и голема гордост ми е да ја претставувам низ светот.
Како изгледа еден твој просечен работен ден, и дали имаш службен автомобил? Што возиш приватно?
Најголемиот дел од работата е работа на модел од глина со професионални скулптори, секако и подготовката за производство каде што имам блиска соработка со инженери од секоја област. Многу состаноци, разговори, убедувања. Цртањето е можеби само 2% од работното време.
Имам можност да ги возам сите наши возила. Приватно возам Mercedes CLA.
Најбитно во Македонија е да имаме идоли, да се разбие таа атмосфера на апатија и незаинтересираност. Доколку младите непосредно видат позитивен пример кој успеал со слични предиспозиции како нив, ќе имаат поголема самодоверба и поттик да работат на случајот и да успеат.
Неодамна одржавте предавање на машинскиот факултет во Скопје. Што им порачавте на студентите?
Редовно сум на Машинскиот факултет во Скопје. Пред сѐ се обидувам да ги мотивирам студентите да ја најдат својата насока на интерес и да работат на тоа. Најбитно во Македонија е да имаме идоли, да се разбие таа атмосфера на апатија и незаинтересираност. Доколку младите непосредно видат позитивен пример кој успеал со слични предиспозиции како нив, ќе имаат поголема самодоверба и поттик да работат на случајот и да успеат. Секако помагам и со демонстрации за занаетски вештини кои се потребни на секој дизајнер, како и со професионални совети за кариера.