За платформата #деполaризирајсе, која е дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество“, Институтот за медиуми и аналитика ИМА разговараше со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во фокус на ова интервју се активностите кои ги спроведуваат институциите во рамки на започнатите преговори за членство во Европската унија. Во првиот дел од разговорот, министерот Спасовски одговара за прашањата опфатени со скринингот и првиот кластер на преговорите што се однесува на фундаменталните вредности, на функционирањето на демократските институции, реформите во јавната администрација и меѓуресорската соработка, како и за борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Спасовски: Меѓуресорската соработка дава ефективни резултати
ИМА: Какви реформи спроведува МВР, за да овозможи владеење на правото, согласно критериумите на ЕУ, по започнувањето на преговорите за членство? Може ли да ни посочите некои примери за успешна интерсекторска соработка?
Спасовски: Реформските процеси се процеси коишто започнаа во Министерството за внатрешни работи (МВР) уште пред неколку години, заради тоа што општеството бараше да имаме реформски процеси, коишто практично претставуваат тежина на функционирањето на општеството – демократизацијата на институциите. И, ние како министерство започнавме, сè со цел да се приближиме кон европското законодавство, меѓутоа, и тие вредности да ги примениме во рамките на институцијата. Пред сè, следењето на комуникациите, реформа во безбедносниот сектор, реформи во борбата против организираниот криминал, јакнењето на полицијата, генерално, преку разни јакнења на капацитети во секторите, формирањето на Националниот центар за борба против организиран криминал, на посебните оддели за водење на финансиските истраги.
Сето тоа беше процес низ којшто поминуваше МВР, и секако, најважно е во рамките на скрининг процесот, и изготвувањето на патоказите за владеењето на правото, коешто практично ги покрива поглавјата 23 и 24. Знаеме дека за поглавјето 24 носител е МВР, додека за поглавјето 23, тука сме и со другите институции.
Ако зборуваме за меѓуресорската соработка, можам да наведам повеќе примери, низ коишто ние практично работиме веќе и имаме ефективни резултати, како резултат на таквите реформи коишто ги имаме. На пример, ако разговараме за Националниот комитет за борба против организиран криминал и корупција, тој се состои од повеќе институции коишто заеднички работиме, споделуваме информации, размена на податоци, и влегуваме или отвораме истраги. Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, исто така, предводена од јавниот обвинител, во која што учествуваат повеќе сегменти, или повеќе институции во соработка.
Ако зборуваме за финансиските истраги, одличен пример на соработка е помеѓу Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање и МВР, секако, и Јавното обвинителство. Така што, ова е цел еден сет на околности и активности, коишто се преземаат од различни институции, сè со цел да ги оствариме целите коишто стојат пред нас, а тоа е да направиме сериозен напредок, и да внесеме европски вредности во институциите.
Спасовски: Имаме зголемување на ефикасноста на откривањето на корупцијата
ИМА: Што е потребно, според вас, за да се создаде систем кој ќе покаже задоволителни резултати во борба против организираниот криминал и корупцијата, особено против политичката корупција на високо ниво?
Спасовски: Секако дека организираниот криминал и корупцијата е еден од приоритетите, меѓутоа, и еден од најголемите предизвици, не за Република Северна Македонија, туку генерално, за сите земји во светот. И покрај организираниот криминал и корупцијата, тука можеме да ги вброиме тероризмот, илегалната миграција, сајбер-безбедност, коишто на долг рок ќе бидат безбедносни предизвици.
Секако дека за држави како што е нашата, или за држави во опкружувањето, клучни се две работи во делот на борбата против организираниот криминал и корупција. Едната работа е да ги јакнеме капацитетите на системот. Кога зборуваме за системот, тоа значи Јавното обвинителство, правосудството и органите коишто спроведуваат закон, заради тоа што сите се меѓусебно поврзани, а барањето на граѓаните е да има след на низа активности коишто се преземаат во истражната постапка, сè до последниот, до издржувањето на казната или до конфискацијата на имот – нешто што е неопходно за да таа борба против криминалот и корупцијата биде ефикасна. Знаете, ако парите што ги стекнуваат на нелегален начин не бидат одземени од криминалните структури тогаш немаме ефикасна борба против криминалот и корупцијата. И ова се однесува генерално на секаков вид на корупција, дали е тоа високата корупција на личности коишто раководат со институциите, или е генерално криминал и корупција на криминалните структури. Сите тие се едно исто, и бара подеднаков одговор од страна на државата во овој дел.
Сметам дека МВР презема навистина низа на активности коишто покажуваат сериозни резултати. Од една страна имаме зголемување на ефикасноста на откривањето на корупцијата, и тоа ни покажува дека и јавната свест за борбата против корупцијата е на едно високо ниво. Втората работа што е важна, што ја споменав на почетокот во однос на борбата против организираниот криминал и корупцијата, е токму промената на јавната свест – менувањето на перцепцијата за борбата против криминалот и корупцијата. Заради тоа што резултатите не се полоши отколку и во државите во Европската Унија во борбата против криминалот и корупцијата. За жал, перцепцијата за државите од регионот е многу полоша од тоа што имаат европските држави, токму заради недоследности во системот, коишто креираат поразлична перцепција од таа што треба да постои. И тоа се два предизвици, со коишто се соочуваме сите ние и како институции и како држава.
Спасовски: Подготвуваме нови дигитални услуги за граѓаните
ИМА: Kакви мерки презема МВР, во насока на поефикасни и поквалитетни административни услуги за граѓаните, особено при обезбедување на личните документи?
Спасовски: Овде, кога зборуваме за европските вредности, или за нашиот пат кон Европската Унија, многу е важно на граѓаните да им покажеме низ примери што значи Европската Унија. Да не зборуваме како за некаков имагинарен процес, којшто ние треба да го замислуваме. И мислам дека токму процесот на дигитализацијата е еден од процесите којшто може многу да помогне да се осознае точно што значат тие вредности, за коишто секој од граѓаните се стреми да ги постигне.
Ние вложивме многу за да создадеме прво база за да можеме да имаме дигитални услуги. Бидејќи, знаете, преземањето на раководството на МВР во 2017 година значеше и наследување на електронски систем којшто беше стар некаде околу педесет години. Сето тоа мораше да биде поправено, да биде променето, да биде создадена инфраструктура, и за да можеме да влегуваме во едни проекти коишто ќе значат подобри услуги за граѓаните.
И во таа смисла, ќе го споменам порталот на услуги, или „Една точка на услуги“, во којшто само минатата година имаме четири илјади предмети решено преку овој шалтер. Оваа година, до јуни месец практично – околу триста предмети коишто се решени токму преку оваа точка на услуги. Направиме дигитално државјанство, значи граѓаните веќе можат по дигитален пат, преку компјутери, преку лап-топ, преку мобилен телефон итн., да извадат уверение за државјанство.
И, веќе подготвуваме и нови сервиси коишто можат да ги употребат граѓаните. Сакам да истакнам дека веќе започнавме и размена на електронски податоци помеѓу институциите, на пример, помеѓу Министерството за внатрешни работи и судовите. И како институција сме отворени за да овој процес на размена на податоци биде олеснет, а на тој начин ќе биде и административно многу полесно за граѓаните. Да не мора да вадат одредени изводи, одредени уверенија, итн., потврди, туку институциите да си ги разменуваат по електронски пат. На тој начин, ќе се заштеди и време, и финансии за граѓаните, и тоа е нашата стратегија и цел кон која се движиме понатаму.
Разговорот го водеше Петрит Сарачини на 27.06.2023 година. (Извор: СМК)