Во ова издание на серијата интервјуа имаме неколку прашања за вас го имаме председателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов.
Во интервјуто ќе навлеземе подлабоко во она што значи синдикалното здружување и солидарност на синдикатите, но на почетокот на темата која ќе се провлекува најчесто во овој разговор – стандардот на работниците во Северна Македонија, висината на платите, висината на минималната плата итн.
Трендафилов вели ако Владата нема слух за работниците, ќе ја отвориме сезоната на штрајкови затоа што, го пробивме дното со најниска минимална плата во регионот, како што оценува тој. Владата ги фрла работниците во устата на лавот, рабодавачите, со неодговорното учеството во Економско-социјалниот совет со што покажува негрижа за 680 илјади работници.
Со Слободан Трендафилов, претседател на ССМ, разговараше Зоран Бојаровски.
Ја завршуваме оваа година на дното по висината на минималната плата од земјите во регионот. Имаше обиди нешто да се направи, меѓутоа очигледно резговорите во рамките економско-социјалниот совет не овозможија до крајот на годината да се зголеми и да биде петсто евра во денарска противвредност.
Како го ценувате тоа што не се постигна тој договор, иако во меѓувреме вие излеготе со ставови и истражувања дека петсто евра веќе не се доволни за едно семејство кое живее од минимална плата?
Пред сѐ да ви се заблагодарам за можноста што е можно повеќе луѓе да погледнат што работат синдикатите, особено што ни се дава можност како сојуз на синдикати на Македонија да ја прошириме информацијата преку вас. Се разбира дека борбата на синдикатите, а пред сѐ на ССМ, е во насока на подобрување и унапредување на работничкиот стандард во Македонија на македонските работници.
Оваа година ја започнавме бурно. Ако паметите уште во јануари организиравме пред пет министерства пет протести каде што вработените во тие министерства сметаа дека треба да добијат зголемување на нивните плати како и додаток на плата во висина од триесет проценти, затоа што платите се ниски и не се задоволувачки, особено ако ја земеме синдикалната минимална кошница како параметар.
Тоа што продолживме да го правиме е да протестираме, како што протестиравме и годините наназад. Ние не направивме ништо ново, само продолживме таму каде што застанавме. Продолживме да протестираме за потребата од зголемување на минималната плата. Во тој период работниците бараа од нас да се бориме за зголемување на минималната плата на најмалку петстотин евра и ние тоа го истакнавме како главно барање на работниците.
Организиравме неколку протести пред донесување на она фамозно решение од страна на Министерот за економија и труд за прогласување на висината на износот на минималната плата. Ќе кажам дека ни беше одземено правото за преговарање на ниво на економско социјален совет, затоа што Комисијата за утврдување на репрезентативност која требаше да го легитимира ССМ како единствен легитимен претставник на работниците заради бројот на членови кои членуваат во граѓанските синдикати здружени во ССМ, не функционираше.
Сметаме уште дека тоа беше своевиден обид да се замолчат работниците и синдикатите токму во оние месеци јануари, февруари, март, кога треба да бидат најгласни и треба најмногу да се залагаат за зголемување на платата. Да, ние имаме законско решение кое преку протести и штрајкови го добивме во 2022 година, кога порасна минималната плата од петнаесет на осумнаесет илјади денари.
Иако од 2022 година до 2025 година минималната плата е зголемена за близу девет илјади денари, тоа не е доволно. Не е доволно заради податоците со кои секојдневно се соочуваме и тешкиот живот на македонските работници кои преку вас медиумите често зборуваат дека тешко се преживува, дека тешко се врзува крај со крај и следеше само она законско усогласување на минималната плата.
Го пробивме дното со најниска минимална плата во регионот.

Само да ве прекинам за кратко. Вие се залагавте и да се промени методологијата за да се следи чекорот со трошоците на животот кои ги имаат граѓаните.
Не само за зголемените трошоци за живот. Ние располагавме и со информација од нашите братски синдикати во регионот, знаејќи што ќе прават тие и како ќе ги зголемуваат платите таму и укажувавме на владата и на работодавачите и затоа понудивме модел кој значеше во прв удар работодавачите да не го трпат најголемиот финансиски издаток, односно удар на свој на свој грб.
Државата да помогне преку субвенционирање и даночно ослободување на делот на придонесите за таа разлика од 24.000 денари до 30.000 денари, некои шест илјади денари. Државата еднострано го одби ваквиот предлог на ССМ, но кажа седнете да говорите, сѐ што ќе се договорите ние ќе прифатиме.
Работодавачите немаа храброст, односно на средбите со нас укажуваа дека е потребно ние да го бараме како синдикат тоа за тие да добијат финансиски олеснувања и на таков начин не само платата до триесет илјади денари да се зголеми или минималната плата да стигне триесет илјади денари, туку тие имаат можност да ги зголемат и другите плати.
Тоа значеше на секоја плата зголемена до шест илјади денари да добијат работодавачите финансиски олеснувања, но на таков начин ќе се елиминираше платата во плико, онаа појава која за жал се враќа некако на голема на голема врата.
За жал немаше слух ниту од работодавачите, ниту ниту од владата и затоа ние по прогласувањето на висината на износот на минималната плата во месец март продолживме да протестираме како ССМ и бевме единствениот синдикат кој и на маса, меѓутоа и на улица, ги кажуваше барањата на работниците и не престанавме со тие барања во тој поглед.
Оваа година, на пример за делот на платите имаме организирано повеќе од триесет и три протести и пет штрајкови на ниво на работодавачи и веројатно трендот ќе продолжи во наредниот период заради тоа што немаат слух. А платата во Македонија, за жал, е најниска во регионот затоа што не го послушаа гласот на работниците и револтот затоа е огромен.
Владата ги фрла работниците во устата на лавот, рабодавачите.

Како што се најавува, уште полоша ќе биде состојбата започнувајќи од месец јануари, кога во земјите од регионот се најавува дополнително зголемување на минималните плати. Што ќе значи тоа за македонски услови?
Ако работниците од Албанија до оваа година, заради повисоката минимална плата и повисоките плати во Македонија доаѓаа во Македонија во пограничните места, наредната година во јануари минималната плата, како што е најавено од тамошната влада, изнесува во Албанија петсто евра.
Во нето износ зборувам. Таа ќе биде за повеќе од сто евра поголема од минималната плата во Македонија во јануари. Тоа ќе предизвика тие луѓе да не доаѓаат кај нас. Меѓутоа, тоа ќе предизвика дополнителен егзодус за нашите луѓе кои живеат во пограничните места на некои десет, петнаесет, дваесет или триесет километри до албанската граница, да заминат таму да работат за повисоки плати.
Истата работа ќе ја работат, зборуваме за оние така наречени сезонски работници кои работат во угостителство, во градежништво, во туризам и слично, и тоа значи одлив на дополнителен кадар од Македонија. Во Косово, тамошната влада исто така најави дека од јануари 430 и нешто евра ќе изнесува минималната плата, а во јуни ќе изнесува петсто евра, затоа што сакаат да го следат трендот насекаде во регионот.
Во Србија денеска петсто евра е минималната плата во нето износ. Од јануари ќе се зголеми на петсто и педесет евра. И да не зборуваме за Црна Гора, од 600 на 800 евра. Босна и Херцеговина направи сериозен чекор, каде што петсто и единаесет е нето минималната плата, а во делот на Република Српска донесена е дополнително одлука за петсто четрнаесет евра за работниците без образование, односно ниско квалификуваните работници, до 740 евра за работниците со високо образование, што ќе каже дека просечната плата во Македонија и минималната плата во Република Српска за работник со високо образование ќе биде едно едно исто и тоа мислиме дека е, дека е пораз за работодавачите кои најчесто кукаат дека им заминуваат роботниците.
Со неодговорното учеството во Економско-социјалниот совет Владата покажува негрижа за 680 илјади работници.

И да ја комплетираме сликата. Тоа значи дека ако не се случи нешто до март идната година и со оние 1600 денари кои се предвидени за зголемување на минималната плата, работниците во Македонија повторно далеку ќе заостануваат зад другите држави во регионот.
Го пробивме и дното. Ние тоа го кажуваме директно, колку и на некому тоа да не му се допаѓа кога го слуша. Уште повеќе не загрижува тоа што во моментот немаме трипартитен социјален дијалог, туку имаме бипартитен социјален дијалог, Сојуз на синдикатите на Македонија од една страна и Конфедерацијата на слободни синдикати, работодавачите и владата од друга страна, затоа што тие се на ист став по однос на ова прашање: Да се почитува законското усогласување, кое ниодблизу не е доволно.
Ако имаме во предвид дека просечната плата порасна за некаде околу десеттина проценти и ќе заврши веројатно тука. Тоа е пет проценти од просечната плата. И ако инфлацијата е четири проценти и два проценти оттаму, тоа е некаде околу седум процентно зголемување на минималната плата. Тоа е срамен износ, за вие да им го ветувате на граѓаните и уште од сега да им го најавувате на работниците, да им кажувате како во март тие ќе добијат некои илјада четиристо, илјада петсто или илјада шесто, илјада шесто денари.
Ние како ССМ сме одлучни и затоа изпроведовме една анкета. Нас, работодавачите и владата, па дури и другите братски синдикати, не убедуваа дека само на неколку луѓе во ССМ им е потребен раст на минималната плата и дека само ние бараме зголемување на платите и дека на работниците им е добро и дека работниците добро живеат во Македонија.
Ако не се пресметува синдикалната минимална кошница, супер се живее, супер се пазари. Ако не се бара од страната ССМ зголемување на минималната плата, одлична е оваа од 397 евра и така натака. И затоа спроведовме истражување во кое на репрезентативен примерок од илјада шестстотин испитаници, 88 проценти кажаа дека веќе петсто евра е изедена и дека инфлацијата веќе си го зела својот дел, дека тоа е премалку и дека минималната плата треба да биде најмалку шестсто, седумсто евра. Во рамките на тие граници да се движи, за да можат работниците да си дозволат нешто, барем нешто достоинствено.
А уште повеќе што треба да ги загрижи нив е тоа што 99,5 проценти од испитаниците кажаа дека се подготвени да протестираат и да штрајкуваат, доколку тоа не се оствари. За жал, оваа година, оваа година немаше волја од страна на работодавачите, од страна на владата и од страна на другиот синдикат кој работеше спротивно на интересите на работниците за зголемување на минималната плата. И на другите полиња, во делот на растот на платите, исто така бевме под напад за да не се зголемат онака како што предвидуваат колективните договори.
Владата е сојузник со работодавачите кои ја крадат државата со околу 250 милиони евра годишно.

Три прашања ме мотивираа да зборуваме малку за нив, а тие најчесто се употребуваат кога се води дијалогот меѓу синдикатите и другите партнери во телото за стандардот на работниците, Економско-социјалниот совет.
Јас ќе кажам тие се користат за да се манипулира со она што значи барањата на синдикатите. Едното е потрошувачката кошница за која измислија други видови на кошнички за да ја анулираат вредноста на синдикалната кошничка.
Второ, прашањето за она што значи репрезентативен синдикат кој секогаш се вади како некаков аргумент кога треба да се оспори некакво барање. И третото прашање, третата тема, а тоа е учеството на Владата во овој трипартитен дијалог.
Не знам вие како го толкувате тоа, но мене ми е проблематично да каже владата „вие како ќе се договорите, ние ќе прифатиме“. За мене тоа претставува неучество, неангажман, избегнување на одговорноста на третиот партнер во таа група да учествува активно и на некој начин да ги обедини интересите, да најде начин да ги обедини интересите и на работодавачите, ама и на работниците. Ајде почнеме со ова последното.
Ќе почнеме со последното, токму така. Владата во моментот обезбедува плата за најголем број на вработени во државата. Мислам дека некаде околу осумдесетина илјади директни буџетски корисници за кои владата преку буџетот, односно преку Министерството за финансии обезбедува директно плата, а за останатите до сто тридесет и осум илјади колку што има во целиот јавен сектор зборуваме, тоа не е само администрација, се обезбедуваат пари од единици на локална самоуправа, јавни комунални претпријатија, агенции, фондови и слично.
Ако владата ги пере рацете од работниците и вика „вие седнетете со работодавачите“, односно ги фрла работниците во устата на лавот, и вика, вие сега спасете се, ако кога ќе се спасите, вратете се кај нас и кажете дека сте се спасиле и дека сте се договориле со лавот нешто за да можеме ние да се договориме.
Тоа е непринципиелен затоа што наспроти владата и наспроти работодавачите имате 680 илјади работници. Тоа значи дека вие на 680 илјади работници им кажувате дека не ви интересира едноставно како преживуваат, како живеат, дали ќе им се зголемат платите, туку им велите Вие седнете со работодавачите да договорете се и видете што ќе направите. За вашиот живот се работи, не се работи за нашиот живот.
Тоа даде многу негативен ефект кај работодавачите. Зошто? Затоа што бевме нападнати од почетокот на годината дека, барањето за платите било политичко барање, дека ние имаме, скриени мотиви за растот на платите, дека на работниците им е доволно, дека нема финансиска конструкција, односно финансиски аргументи за зголемување на платите, дека ако се зголемиле платите ќе се затвореле бизнисите компаниите, дека ќе се намалел бројот на вработените и разноразни други изговори.
Затоа ние одлучивме и на владата и на работодавачите да им зборуваме со нивниот јазик. Што направивме? Ги обезбедивме податоците од релевантните институции, Централниот регистар, Управата за јавни приходи, кои го говорат спротивното. На секоја една затворена компанија од 2022 година кога се зголеми минималната плата за три илјади денари, на една затворена компанија има две нови отворени.
Во делот на вработените работодавачите имаа изговор дека се намалувал бројот на вработени, дека тие стануваат невработени и слично. Податоците од статистика покажуваат дека ако во 2022 година сте имале 690 илјади работници сега имате 692 или 694 илјади работници во Македонија.
Тоа значи само работниците избрале да не работат за мизерна плата, заминале кај работодавачи ги плаќаат повисока плата, но во целиот овој период кога не убедуваа, не видовме ниту еден функционер и не видовме ниту еден газда да живее и да работи за минимална плата и да врзува крај со крај во месецот. Со толку пари невозможно е.
Затоа почнавме да им зборуваме со нивните аргументи. Синдикалната минимална кошница, која е поврзана со првото прашање, се обидуваа, и претходната влада се обидуваше да го прави тоа, бидам искрен – да ја дискредитираат како модел кој покажува колку тешко се живее.
Целта на синдикалната минимална кошница не да ѝ покаже на владата четирично семејно домаќинство со колку може да преживее. Целта е да покаже дека не се преживува ни со толку и дека е потребно повеќе и побрз раст на платите на работниците. Но, од друга страна, на последната седница на економско социјалниот совет дознавме дека владата ќе пресметува кошничка, врз основа на која ќе ги гради параметрите во натамошниот период за раст на платите, која ќе била далеку пореална и која ќе била со далеку пониска од вредноста на синдикалната кошница. Ама, како да сакаат да ни кажат, еве ви ја вредноста на кошничката, еве ви ги производите, повелете пазарете во супермаркетите и ние сметаме како држава дека вие со толку ќе преживеете. Ние мислиме дека тоа е многу погрешна, многу погрешна политика.
Од друга страна, кога работодавачите видоа дека владата го напаѓа синдикатот, не преговара за колективен договор, не потпишува колективни договори, рекоа, кога владата не го прави тоа, ние како работодавачи не сме должни кон работниците, затоа што имаме многу посилен сојузник моментално, а многу послаб непријател. Затоа што владата има политичка моќ, работодавачите ја имаат моќта на капиталот, а ние имаме моќта само на бројноста.
Во градежниот сектор секој работник овозможува профит од 10.000 евра годишно за газдите, а платите таму се најниски.

Затоа го поставуваме тоа прашање, затоа што кога владата се исклучува од трипартитниот дијалог, практично го прави ова што го велете вие, ги остава работниците во устата на лавот, како што симболично кажавте вие.
Мора да биде симболично и мора да биде директно кажано, затоа што така се чувствуваат работниците.
Ние во ССМ, главна задача имаме да ја почитуваме волjата на работниците и барањата кои ќе ги достават до нас и наша главна улога е да ги претставиме, да протестираме и да штрајкуваме за тие барања. Тоа што тоа не им се допаѓа на владата и на работодавачите тоа не е проблем на работниците.
Работниците очекуваат и од владата и од работодавачите да им подаде рака, особено во овие тешки периоди. Сега замислете си дека со најниски плати во регионот работниците ви се разочарани. Од друга страна, работодавачите кукаат за продуктивноста. Од трета страна, владата вели, јас не можам да обезбедам повеќе средства, а работодавачите, на пример, еве, како пример, на годишно ниво некаде ја потграднуваат државната каса за 250 милиони, затоа што даваат плата во плико, односно во кеш, а не ги плаќаат придонесите за задолжително социјално осигурување. И тоа е врзан систем од кој тешко ќе се излезе.
Има уште една тема која се користи јас мислам дека манипулативно, а тоа е најчесто спомнувањето од страна на работодавачите, продуктивност. Тие велат, нема толку продуктивност колку што треба, колку што барате вие да се зголеми минималната плата.
Јас сметам дека тоа не зависи од работникот, зависи од менаџерот, од компанијата, од условите за работа, машините, алатите, платите…
Да, работодавачите најчесто ја користат како изговор продуктивноста, но, за наша среќа, Народна банка даде податоци на еден медиум кои беа јавно објавени пред неколку месеци, кои ја покажуваат реалната продуктивност на работниците, која не се мери во статистички бројки, туку се мери во реални пари.
Или, еден работник е продуктивен во секторот градежништво, каде што платата е пониска од просечната плата и му ствара капитал на работодавачот во висина од десет илјади евра на годишно ниво во нето износ. Еден, само еден работник. Помножете го тоа колку работници имате во сектор градежништво и ќе видите колку им се продуктивни работниците на работодавачите во тој сектор.
Индустрија, Туризам, угостителство и слично. Други услужни дејности, односно целокупната индустрија како сектор ствara продуктивност од пет илјади евра. Трговија исто така ствара продуктивност од пет илјади евра во нето износ, по повработен на годишно ниво.
Тоа не е мала продуктивност од работниците. Таа продуктивност им го овозможува луксузот. Ние работнички кажуваме: Еден работник работи за себе, работи за платата на работодавачот, работи за инвестициите на газдата, работи за платата на газдата која е висока и плус му ствара дополнителен капитал во висина на едногодишна минимална плата во Македонија.
Еден работник работи за себе, за платата на работодавачот, за инвестициите, за профитот на газдите и за државата.

Работникот работи и за државата…
Тоа дополнително. Педесет проценти од тоа заминуваат во, во буџетот. И сите како да се прават слепи при очи и велат дека тоа е ОК. Дека ние треба да разбереме во Македонија дека има пазарна економија и дека бизнисот сам ќе ги регулирал платите.
За жал, насекаде во светот воведувањето на минималната плата е затоа што бизнисот не ги регулираше сам платите. Или еве, пластично кажано, кога се воведе минималната плата во Македонија во 2011 година, имавте плати по четири и пол, по пет и по шест илјади денари, а минималната плата стана осум илјади денари. Имавте исклучоци во секторите кожа, чевларство и текстил, беше шест илјади денари. Потоа ние се боревме да биде изедначена и слично. Просечната плата беше под дваесет илјади денари во тој период во Македонија. Не зборуваме за тоа дали вределе повеќе или не вределе од денеска. Тоа се економски показатели.
Но, ако немавме минимална плата или пак, на пример, дополнително, еве, како аргумент за да може да се разбере, кога од 2018 до 2022 штрајкувавме и го сменивме моделот, 50% од просечната плата и 50% од инфлацијата и зголемувањето на минималната плата за 3000 денари, односно од 15.000 се качи на 18.000 денари, ако го следевме тој тренд до денеска за усогласување или за раст на мининамалната, денеска таа плата ќе беше некаде околу 20.000 денари. За 4,5 илјади денари пониска од моменталната, и толку бизнисот ќе се грижеше за ранотниците и толку и државата.
Меѓународната федерација на трудот за прв пат констатира „жолти“ синдикати основани на поттик на власта.

Да не ја заборавиме, кога станува збор за синдикалното здружување, расцепканоста, фрагментираноста. Јас не можам да препознаам зошто синдикатите не се обединуваат околу некои прашања и вредности кои се заеднички за сите синдикати, а тоа е благосостојбата на работниците?
За жал, Македонија не е одмината од таквите трендови за создавање на синдикални организации од страна на одредени структури со цел да се наштети на работниците. И во 2005 година, кога тогаш се расцепка ССМ, беше расцепкан со цел да биде разединет работникот. Еден да бара, другиот да не бара и на тој начин да се поигруваат со работничката судбина.
Денеска гледаме дека се случува истото. Ние како ССМ, од 2017 до сега, континуирано го правиме тоа што го правиме со секоја влада. Без оглед кој е премиер, досега се променети можеби петмина. Но, ние го правиме тоа што го бараат работниците, преку преговори, штрајкови…
Но, кога гледате, еве конкретно, од почетокот на оваа година за да се делегитимира ССМ зашто бара зголемување на платите, започна да се утврдува репрезентативноста. Ни велеа договорете се, ама столчето од масата ви е тргнато зашто не сте репрезентативни. Тоа траеше 5-6 месеци и кога видоа дека не можат ниту со политички интриги, ниту со политички упади во синдикалните организации, сфатија дека мора да преземат некои законски измени, па по брза постапка, на предлог на пратениците, го сменија законот за работни односи, кој, патем, требаше да биде разгледам на Економско-социјален совет, а за да биде таму разгледан треба репрезентативен синдикат и го намалија прагот за утврдување репрезентативност за да удоволат на другиот синдикат од 10 на 5% само за да стане партнер на другата страна. Или, во конкретниот случај, да има противтежа на тројцата социјални партнери, влада, работодавач, синдикат, сега да има друг синдикат. И замислете тоа го прават само за да не се зголеми платата. Не го прават на штета на ССМ или на Слободан, туку само за да имаат оправдување и изговор да не се зголеми платата.
Расцепканоста е оди до таму што тој, новиот синдикат вели, потребно е само законското усогласување на минималната плата, другите плати да го следат тој раст и дека добро се живее во Македонија и дека не треба да се бара повеќе затоа што сега било проблематично време. Ние поминавме ковид криза, па и тогаш протестиравме и тогаш беше уште потешко. И кога почна војната во Украина и кога инфлацијата и цените отидоа во плафон и тогаш протестиравме и сметаме дека и денеска треба да се протестира и штрајкува ако гледате тотално непочитување од спротивната страна.
Жално е тоа што таквите синдикати не сфаќаат дека не му прават читета на ССМ, туку им прават на работниците, односно на нивните членови, а нивните членови како да не сфаќаат дека со тоа што се членови на тој синдикат дополнително даваат поддршка и сила за незголемувањето на платите.
Односно тие синдикати ја црпат силата од нивното членство и велат, ете, ние имаме толку и толку илјади членови во јавниот сектор, во јавниот сектор добри се платите малку се повисоки од минималната плата, ама не треба да се зголемува минималната плата, затоа што ќе предизвика ланчан систем за зголемување на сите останати плати. Како повеќе да зборуваат во име на владата и на работодавачите, отколку во името на работниците.
Тоа е жалосно. За наша среќа, европското и светското синдикално движење ги препознаа таквите синдикати како жолти синдикати и за прв пат во извештајот на Меѓународната конфедерација на трудот за минатата и за оваа година е евидентирано дека во Македонија се формираат така наречени жолти синдикати со притисок кон работниците од владини, односно државни функционери, и тоа е, тоа е една негативна појава која е на штета на работниците.
„Жолтите“ синдикати велат: Добро се живее во Македонија.

Се приближуваме кон крајот на интервјуто. Само уште две прашања ќе ви замолам. Едното е, ааа, како го читате буџетот за 2026 година, од она што е донесено од аспект на уставната концепција дека Македонија социјална држава во која социјалната држава подразбира грижа и за работниците?
За да кажеме што со сегашниот буџет, ќе морам да искористам споредба за тековниот, годинашниот буџет. Оваа година во буџетот имаше предвидено можеби најмногу средства за раст на плати во споредба со претходната година.
Во 2025, во споредба со 2024 година, имаше 13,5% и потоа со ребалансот се обезбеди уште некој дополнителен процент. Но вработените не видоа 13,5% зголемување на нивните плати, за жал. Во културата, наместо по растот на минималната плата осум проценти, вработените добија пет проценти, или па по општиот колективен договор за јавниот сектор требаше да добијат дванаесет проценти, не добија толку.
Во некои други дејности, како што е образованието, наместо да добијат 12 проценти, добија 7 проценти или пет проценти оваа година. Во некои други сектори исто така се случи, но ние како синдикати, се боревме за да не останеме и без тоа, затоа што опасноста беше да имаме нула проценти.
Но, ако земете дека во просек платите на македонските работници пораснале помеѓу пет и девет или осум проценти, тогаш можете да замислите дека во буџетот оваа година владата има предвидено, седум проценти за раст на платите.
Ако ги земете вработувањата и унапредувањата и зголемувањето на платите само во одредени спорадични сектори, тогаш веројатноста е дека средното зголемување на платите во јавниот сектор конкретно, бидејќи буџетот се однесува токму за нив, ќе биде помеѓу три-три пол проценти.
И повторно се враќаме на оние периоди кога растот на платите помеѓу еден и три проценти беше претставуван како огромно достигнување, а платите претходно растеа десет, петнаесет, осумнаесет, осумнаесет проценти. И тоа што ние го зборуваме, дека иако има обврска за информирање и консултирање при подготовката на новиот буџет, не го направија тоа.
Дополнително загрижува уште еден момент поврзан со законот за административни службеници, оној новиот од пред неколку месеци, за кој не бевме исто така консултирани, односно и Законот за вработените во јавниот сектор. Додека учествувавме во работната група, голем дел од одредбите стоја таму. Но, кога дојде на собраниска расправа и за усвојување, во најголем дел одредбите од колективните договори, како основа за пресметка на платите на вработените во јавниот сектор и на административните службеници, беа избришани. Се плашиме дека може да дојде дури и до намалување на платите според она како што е напишан законот.
Ние претпоставуваме, затоа што не сме биле дел од целосниот процес, а никој не објаснува зошто е изменет, односно таму вели, платата на вработените во јавниот сектор се пресметува со овој закон, а во претходниот закон стоеше „и со колективен договор”. Ако вие имате утврдено пополно право со колективниот договор, тогаш се применуваа одредбите на колективниот договор.
Веројатно интенцијата е во наредниот период да не се случуваат колективни договори онака како што треба или, ако ги склучат, согласно ваквите одредби од законот предвидуваат обврска за плата, тоа значи дека ќе бидат спротивни на Законот за вработените во јавниот сектор или за административни службеници, што дополнително треба да не загрижи сите, сите работници, а да не зборуваме дека дотации не се предвидени за работодавачите во приватниот сектор, и работодавачите во приватниот сектор не можат да очекуваат финансиска помош од страна на владата во делот на растот на платите на вработените и во приватниот сектор.
Така што тиоа помина така незабележително, а од нашите скромни познавања успеавме да го увидиме е тоа што се предвидуваат некаде околу седумдесет милиони евра од бизнесот дополнителни даноци заради развојот на бизнесот.
И тука се поставува прашањето, како, ако не сме продуктивни како работници, наредната година би им создале седумсто милиони евра за да можат десет посто да платат данок кон државата или седумдесет милиони евра. Дали седумсто милиони евра сме продуктивни, како што е предвидено за наредната година и зошто од тие седумсто милиони евра ние како работници не би добиле зголемување на платите за шесто евра, седумсто евра минимална плата и за минимум сто евра зголемување на останатите плати?
За разлика од 2025 кога во 13% од буџетот беше предвиден за раст на платите, за 2026 има предвидено само 7%.

Дали ова значи дека со дваесет и шеста година, со почеток ќе биде, ќе биде отворена сезоната на штрајкови?
Ова значи дека на дваесет и втори декември оваа сезона има седница на Економско-социјалниот совет од која ќе зависат многу следни активности. Зборувам од аспект на Сузот на синдикатите на Македонија и за тоа што работниците го очекуваат од ССМ. Анкетата ни покажа дека членовите на органите и телата, работниците кои одговорија, очекуваат од нас во најголем процент, односно 88 проценти од нив, доколку не се зголемуваат платите, повторно да го правиме тоа што го правевме изминатава година, претходната година, пред таа година и така и така натака.
И многу е веројатно доколку, доколку бидеме игнорирани како работници и доколку работниците бидат изоставени од страна на креаторите на политиките во овој социјален дијалог, следниот чекор да биде токму тоа во насока на изразување на работничкото незадоволство.
Ние не сме имуни на тоа. На претходната влада ѝ организиравме генерален штрајк во целиот јавен сектор, а работодавачите во приватниот сектор оваа година, заради тоа што одбиваа да седнат со работниците да се договорат, ќе бидат можеби најголемите виновници затоа што на оваа влада би ѝ се случил генерален штрајк и во јавниот и во приватниот сектор.
Ние не го посакуваме тоа. Се надеваме дека разумно ќе може да се разговара, имајќи ги предвид аргументите, растот на платите во регионот, аргументите дека на една затворена компанија две нови се отвораат, аргументите дека расте бројот на вработени наместо да се намалува бројот на вработени, особено од периодот 2022 година навака кога се зголемува минималната плата.
Аргументите дека шест илјадина денара помалку на едно четирично семејно домакинство му недостасуваат во тековниот месец за омозожување на најнеопходните услови за живот. И се надеваме дека анализата која веќе ја подготвивме и која ќе ја усвоиме на седница на органите и телата и ќе ја доставиме до 22-ри до владата и до работодавачите, ќе биде доволен мотив тие да разберат дека не зборуваме паушално, дека ова не се жалботеки на поединци и дека ова е реални барања на работниците врз основа на аргументи кои се непобитни од државните институции издадени.
Затоа повикуваме на разум. Изгубивме една цела година. Работниците немаат време и немаат веќе ниту трпение да дозволат уште еднаш да бидат изиграни од страна на социјалните партнери.
Мигрантите носат ризик да ја сменат демографската структура во земјата.
Само уште едно прашање на крајот поврзано со актуелната тема овие денови. Контрадикторни се најавите. Од една страна велат ќе има мигранти во Македонија, од друга Владата категорично ги отфрла, но што би значело тоа од аспект на работниците и условите за работа во Македонија?
Сега не се знае никој каков број ќе биде на тие мигранти, но се спомнува дека тие тука би им било возможно да најдат работа, сместување, едноставно да живеат во Македонија. Тоа што го зборуваме години наназад го зборуваме и денес. Владите, сите досегашни, работодавачите, сите досегашни, од независноста на Македонија, се погрижија да ги иселат сите квалификувани работници од Македонија заради тоа што не ги вреднуваат, заради тоа што не ги плаќа онака како што заслужуваат и заради тоа што сметаа дека секој е заменлив.
Но, дојдовме во време кога не е секој заменлив и кога немаме веќе квалификовани работници. Кога работниците не можете тако лесно да ги најдете на пазарот на трудот и плус работниците имаат дополнителен избор да работат за повисоки плати. Нема работа во трудоинтензивни дејности.
Во минатото коментиравме, кога еден претходен вицепремиер рече дека Владата ќе направи најголем туристички центар во Македонија за мигрантски работници. Не гледаме некоја промена на ставовите и на новата влада. Се обидуваат на разноразни начини да донесат што е можно повеќе работници во Македонија од трети држави за кои се спремни да платат преквалификација, доквалификација, сместување, пат. Сместување и пат не сакаат на македонските работници да им платат. Храна исто така не сакаат на македонските работници да им платат. Плати повисоки од македонските.
Сметаме дека тоа не е добра појава. Овде зборуваме за мигрантски работници кои се економски.
Најчесто сите што доаѓаа досега тука во Македонија, се одмораа неколку денови и заминуваа некаде во западноевропскит држави. Но, доколку, но доколку ова е обид да се донесат мигранти под изговор дека се носат работници, во Македонија ќе ја смените целосна демографската структура. Различни навики, различна култура, различна цивилизација, различен општествен статус, различни, различни погледи кон, кон, кон животот и слично.
Бројките кои ги зборувале и претходно и сега околу дваесеттина илјади такви, такви работници што ќе значи како еден помал град во Македонија. Ние иселивме огромен број на градови и села и сега вие да се потпирате на луѓе кои повторно само ќе ви дојдат, ќе ве искористат и ќе заминат е нелогично.
Главен акцент треба да биде ставен на растот на платите. Растот на платите ќе овозможи повеќе придонеси за плаќање на пензиите, растот на платите ќе овозможи и задржување на македонските работници и растот на платите ќе овозможи да се поткрене економијата во Македонија.
Ако не, тогаш македонските работници ќе градат други економии, а некои ќе дојдат тука, ќе пијат кафе и чај, ќе заминат од Македонија.
Ви благодарам за разговорот.