Во Македонија секогаш се „шушка“ за странски влијанија, но оваа тема редовно останува на маргините на медиумските и општествените агенди. Нашиот соговорник Марко Трошановски од Институтот за демократија Социетас Цивилис (ИДСЦС) смета дека влијанијата од странство не треба да се потценат и дека се присутни во нашата држава од осамостојувањето до денес. Но дали тоа одигра позитивно или негативна улога, зависи од област до област, а според нашиот соговорник медиумите и слабите државни капацитети со децении ги држат вратите подотворени за ветриштата што дуваат од надвор.
Дали Македонија беше и е самостојна во одлучувањето?
-Мислам дека од осамостојувањето до денес земјата се бори со малку успех да изгради интегритет во градењето на внатрешната и надворешната политика. Политичките елити но и самиот систем на многу нивоа се заробени. Политичките претставници на етничките Македонци во голем дел трпат влијанија од дали српски, дали бугарски, дали грчки интереси и во доменот на политиката и во доменот на бизнисот. Тука е секако и Турција. Значителен дел од медиумскиот простор е исто така под силно влијание, особено на српските интереси, но тука имаме и национални медиуми со нејасен унгарски капитал.
Оттука, секоја од овие држави легитимно, мислам на реал-политичка призма, се обидува да го наметне својот интерес врз политичките процеси во земјата. Од друга страна, политичките елити на албанската заедница, додека во минатото беа мост помеѓу Косово и Албанија и на некој начин еманираа политичка визија и лидерство особено во фигурата на Арбен Џафери, сега стануваат сателити дали на Косово, дали на Албанија и на политичките амбиции на нивните лидери. Секако дека постои елемент на изворна политичка визија овде, но многу често таа се помешува со други интереси и тоа е една од причините покрај организираниот криминал што сѐ уште не можеме да изградиме стабилен систем и општествена кохезија.
Колку во тоа игра улога историското наследство на Балканот и желбата на секоја од државите што повеќе да го присвои?
-Проблемот со балканските земји е што сѐ уште еволутивно не постигнуваат едно ниво на политичка свест која што подразбира соработка за доброто на сите уважувајќи го и почитувајќи го достоинството, дигнитетот и државноста на сите нации и нивната територијална определеност на Балканот. Регионите на Вишеград, Скадинавија, Германија –Франција и сл. сите значително напреднаа по разорувачки периоди од нивната историја и во некој случаи трауматични односи од минатото. На Балканот политичките лидери, се заложници на историјата или идеите за голема Србија, Голема Албанија, Санстефанска Бугарија. Тие им копаат ровови на идните поколенија наместо мостови на соработка и просперитет. За жал во таа смисла резултатот од сите овие обиди или влијанија на соседните земји да се мешаат во внатрешната и надворешната политика на Македонија не е секогаш во наш интерес.
Сами се блокираме
Колкава улога играше странското влијание при склучувањето на Рамковниот договор и на Преспанскиот договор?
-Може да се каже дека поради сето ова, а и неможноста на земјата да изгради автентична стабилна политика и стратегија за развој, сите политички кризи низ кои поминуваше ги надминуваше преку медијаторство од меѓународен фактор. Тука морам да се надоврзам дека сепак најголем блокатор на нашата политика е неизградената внатрешна позиција помеѓу носителите на одлуки во државата околу тоа во каква држава сакаме да живееме и на каде се движиме. Дури и постигнатите договори за некаков национален консензус околу внатрешното уредување преточени особено преку Охридскиот договор, но тука се секако и законите за територијалната поделба, законот за употреба на јазиците, Преспанскиот договор, односно сите оние, да речам историски пунктови во развојот на македонската државност, речиси ниту еден не поминал со изградба на силен национален консензус.

На што укажува тоа?
-Тоа укажува на сѐ уште недоволното развиено ниво на државна свест. Дури и оние кои мислиме дека сме ги изградиле како држава во која што биле вградени сите етнички заедници како да речеме Охридскиот рамковен договор, како што поминуваат годините добиваат различни интерпретации. Гледаме дека дел од албанските политички елити го проблематизираат Охридскиот договор преку поинакви читања во смисла на една многу консоцијална држава налик на БиХ, а не унитарна држава во која што мултиетничкото општество функционира со мали елементи на консоцијалност кои им гарантираат права на заедниците, но не им даваат монопол за политичка уцена.
Сега се бараат етнички мнозинства и при формирање на влада, можеби и избор на дводомен парламент, што секако ги урива темелите на Охридскиот рамковен договор и нема врска со тоа што сме се договориле. Така што, ако постојано ги ревидираме и бараме нови толкувања на тоа што е веќе договорено отвораме и нови фрактури во нашето општество, односно создаваме потенцијал за идни судири на различни нивоа. Разбирам дека тоа е најлесно да се прави, но тоа не е иднината кои ја сакаат нашите млади кои сакаат да се иселат или пак доколку размислуваат да се вратат.
Во кои сектори сметате дека има најсилно странско влијание, формално или неформално – и како тоа се рефлектира во одлуките на институциите?
-Би рекол дека во разузнавачкиот сектор има влијание на српските служби кое мора да се намали. Меѓутоа, исто така и Грција остварува значително влијание видено преку од пребеганите разузнавачи во Грција (кои не ги екстрадира), а кои што имаа пристап до сериозно сензитивни информации. Бугарските служби иако голем дел од југословенскиот период се систематски отстранувани од структурите на државата, сепак мислам дека исто така постојат.
Потоа, медиумската сфера е исклучително доминирана од Србија, за жал, не секогаш со добронамерни мотиви и не само во делот на забавната содржина туку и со политички мотивирани уредувачки политики и уредници на медиуми, но и сопствеништва на портали и национални телевизии. Не треба да се занемари и растечкото влијание и на Албанија и Косово во албанскиот медиумски простор кој е сѐ помалку домашен и автентичен, а се повеќе под влијание на овие две соседни албански држави.
Присутно е и зголеменото влијание на Турција во земјава како преку присуство на студентите, работна сила и слично, така и преку таканареченото меко влијание и преку присуство во инвестициите во енергетската инфраструктура, во моментов фотоволтаичните и соларните централи, но и во делот на образованието и финансискиот сектор.
Каков баланс постои меѓу легитимна меѓународна поддршка и политичка зависност во реформските процеси?
-Тоа е прашање на недоизградени државни капацитети и отсуство на државни службеници и институционална меморија во јавната администрација која што треба да се чува, негува и задржува преку реално учество на администрацијата во креирање политики, мотивирачки услови за работа и непартизација. Потребни се луѓе со капацитет кои служат на државата низ долг период и го пренесуваат своето знаење на други компетентни луѓе кои што ќе ги наследат. Такви луѓе можат да ги носат сами реформските процеси во интерес на државата, притоа потпирајќи се, но не зависејќи целосно од различните консултанти кои што доаѓаат во земјата и ги нудат своите идеи и визии за тоа како земјата треба да изгледа и функционира.
Секако дека странска експертиза е многу потребна во еден глобален контекст на динамични промени за кои што мала земја како Македонија не може да има своја експертиза. Тука пред сѐ мислам на дигитализација, зелена агенда и слично. Меѓутоа немањето свест кај политичарите дека треба да останат луѓе во јавната администрација кои што ќе ја водат земјата во нивно име, а тие ќе бидат само лицето на нивната експертиза, доведува до несакана ситуација. А тоа е да сме зависни од реформска поддршка и од донаторски програми кои што често го финансираат носењето на законите и градењето на политиките во нашата земја. Како што велат менаџмент консултантите – ако некој постојано ти дава риба и не те учи да ловиш, следниот пат кога ќе си гладен повторно нема да знаеш да уловиш сам.

Медиумската писменост кажува сѐ
Што тоа значи за преговорите кои треба еден ден да ги водиме со ЕУ?
-Со тоа ќе се соочиме и во претстојниот процес на преговори со ЕУ каде што всушност иако во голем дел станува збор за усвојување на европско законодавство, сепак има еден елемент поради кој што и самите се нарекуваат преговори, фактички во кои што ние треба да изградиме сопствени државни позиции кои што треба да ги преговараме со Европската Унија. За тоа ни е потребен капацитет.
Така што, апелот до оваа гарнитура и до сите не само сега туку и наназад долги декади уште од самостојноста, е дека мора(в)ме да создадат/создадеме професионална ефикасна и компетентна јавна администрација ако сакаме оваа држава да функционира. Секако дека владеењето на правото е подеднакво важен аспект кој што мора да биде императив за кој било што пледира да ја води државата кон подобро.
Колку медиумите се отпорни на дезинформации што доаѓаат од странство?
– Мислам дека тоа е проблем кој што постои дури и во посериозни медиумски системи и кој и посилни држави тешко го адресираат. Во нашиот случај секако дека произлегува од страна на медиумскиот сектор и од континуирано опаѓачкиот квалитет на човечки ресурси во медиумите, кои што и не умеат да препознаат дезинформации и хибридно војување преку полувистини пласирани од различни центри на моќ. Но, исто така и во континуираното опаѓање на капацитетот на публиката и нејзината медиумска писменост кои што исто така влијаат за луѓето да не ги поимаат критички медиумските содржини и веруваат на сѐ што ќе прочитаат. Овој проблем во Македонија постои долго време,а во светот се засилува се повеќе.
Знаеме дека сме меѓу последните во Европа според нивото на медиумска писменост на популацијата, но некои наши истражувања индицираат дека од тој аспект можеби се случуваат промени на подобро. За разлика од минатите години, сега низ државното образование и активностите на граѓанско општество, почна да се вложува во медиумска писменост и нашата публика полека почнува покритички да восприема медиумски содржини. Тоа прави малку повеќе отпор на дезинформации и недобронамерно медиумско влијание.
Каде го гледате најголемото странско влијание врз медиумите?
-Земјава е исклучително ранлива и е цел на многу хибридни војувања што се случуваат на Балканот од страна на трети недобронамерни земји. А најмногу се исполнува преку тоа што публиката дали преку социјални дали преку традиционални медиуми во кои соседните држави или поголеми регионални сили имаат свои интереси, се антагонизира меѓу себе. Луѓето си стануваат непријатели едни на други наместо да живеат и создаваат во дијалог, соработка и ривалство, граѓаните се поттикнуваат да немаат доверба во институциите, во државата, да се мразат едни со други. Сето тоа ја подрива социјалната кохезија, и го прави ранливо општественото ткиво.
Не велам дека нашите институции функционираат задоволувачки, но овој елемент ја влошува довербата помеѓу луѓето, кон институциите и кон државата. Така дестабилизирана и ранлива држава е идеален елемент за остварување странски надворешно-политички влијанија на Балканот преку тоа што ќе се создава во најголем дел нестабилност. Тоа мораме постојано да го имаме на ум и да работиме како држава на превенција односно создавање отпорност пред сѐ кај публиката на ваквиот тип на медиумски влијанија.

Дали денеска институциите на државата се посилни и постабилни отколку на пример пред 20 години?
-Во делот на институционалната поставеност и независност од партиските влијанија, си ја знаеме домашната задача. Она што се нарекува реформа на јавна администрација опфаќа низа закони кои што треба да обезбедат дека вистински луѓе ќе бидат на вистински места: од раководните позиции во јавната администрација па сѐ до најниски нивоа каде што критериум ќе биде професионалноста а не партиската или етничката припадност. Тоа е првата работа.
Колку побрзо партиите се откажат од тоа да ставаат свои партиски активисти кои што одработиле за партијата на последните избори, роднини, пријатели и слично во администрацијата, и да ставаат луѓе кои што разбираат и знаат што треба да прават, толку подобро за државата и сите нас во неа. Така администрацијата ќе се професионализира и ќе се заштити од партиските влијанија. Секако дека оваа реформа треба да има приоритет, особено преку Законот за висока раководна служба кој што треба токму тоа да го изврши – да департизира, односно да го намали влијанието на партиите во именување на раководители во јавниот сектор.
Спасот е во реформите
Колку време ќе треба да помине за да се изгради вистинска институционална отпорност, независна од партиските притисоци?
-Па сега гледаме нешто што со години наназад се развлекува од главните партии кои прават компромиси меѓу тоа што е државен интерес и што се нивни теснопартискии интереси. За жал тоа сѐ уште постои. Има позитивни промени со тенденции со реформската агенда да се донесат одредени закони, меѓутоа повторно гледаме и некаков отпор и „тегавост“ на системот кој што не сака да се ослободи од контролата на кој бил изложен.
Втор момент е секако судството. И тоа го повторуваме постојано. Значи слободна, професионална администрација и судови кои што ќе казнуваат. Независно судство од кое што, повторно партиите, мора да се откажат. Е сега тоа е во делот како треба нештата да изгледаат и како идеално треба да бидат поставени. Но кога во партиите кои што не ја делат таа визија, го немаат тој светоглед, тогаш мораме да зборуваме за промена и на изборниот модел но и на внатрепартиската демократија, што би значело дека мораме да имаме изборен модел со отворени листи, комбинирани листи. Значи не партиски послушници туку да се овозможи да бидат изгласани политичари кои што навистина работат.
Исто така важна е и внатрепартиска демократија при што лидерите на партиите ќе ги избира членството а не една рака послушници кои што се лојални на лидерот. Само на тој начин ќе ги имаме најдобрите луѓе на вистинските места и државата ќе може да тргне напред а институциите ќе бидат многу поотпорни кон партиски влијанија.
Оваа содржина ја изработи Институтот за комуникациски студии.
Новинарка: Соња Крамарска
Фотографии: Дарко Андоновски
Преземено од академкиот блог Республика.еду.мк