Билјана Ивановска влегува во трката за градоначалничка на Општина Центар

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, е кандидатката на платформата „Независни заедно“ за градоначалничка на Општина Центар на локалните избори во октомври.

Од платформата информираат дека Ивановска ја добила поддршката од граѓанските иницијативи „Шанса за Центар“, „Зелените за Гази Баба“ и „Групација 398“. Таа во Антикорупциската комисија беше на чело од 2019 до 2024 година, по долгогодишна кариера како самостојна ревизорка во Државниот завод за ревизија.

Официјалното претставување на кандидатурата ќе се одржи утре во 9:30 часот, пред фонтаната Лотус на влезот во скопскиот Градски Парк.

Во Центар, СДСМ ќе настапи со актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, додека ВМРО-ДПМНЕ сè уште нема објавено свој кандидат.

Локалните избори ќе се одржат на 19 октомври, а вториот круг, доколку биде потребен, е закажан за 2 ноември. Граѓаните ќе избираат градоначалници и членови на советите во 80 општини и во Град Скопје.

Зачлени се на нашиот е-билтен