Градоначалникот Горан Герасимовски, денеска на својата Фејсбук страница го промовираше својот тим од Комисијата за урбанизам со кого работи транспарентно и инклузивно, со активно учество на граѓаните и стручната јавност. Станува збор за еминентните урбанисти и архитекти проф. д-р Митко Хаџи-Пуља, Ана Лукиќ Коробар, Танкица Христова Спасовска, м-р Биљана Насковиќ, м-р Дамјан Цингарски, Александра Марсениќ Крајчески и д-р Маја Лазаревска. Како што самиот истакнува, овие стручни лица работат на планови за хуман развој и одржлива урбанизација со акцент на зеленило, велосипедизам, подземни паркинзи, јавни плоштади и квалитетно партерно уредување.
Герасимовски, потенцира дека Општина Центар е лидер во промените, со храбри и визионерски одлуки во интерес на центарци.
„Прифатена е иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти, што подоцна се преточи во законско решение, кое беше победа не само за нашата општина, туку и за сите општини во државата. Со одлуките што ги донесовме, воведовме нови стандарди усогласени со европските практики. Секое издавање дозвола за градба мора да предвидува паркинг-места за велосипеди, а употребата на механизирани системи за паркирање е ограничена на максимум десет проценти од вкупниот број паркинг-места. Деталните урбанистички планови за Буњаковец и Дебар Маало предвидуваат зголемување на зелените површини, враќање на парковите и јавните простори на граѓаните, како и задржување и проширување на дрворедите и велосипедските патеки долж главните улици“, напиша Герасимовски.
Едни од главните приоритети на Општината е обезбедување повеќе зеленило и јавни простори, современа инфраструктура и функционален сообраќаен систем со решенија за паркирање кои ќе го намалат метежот.
Герасимовски информираше и дека тимот од Комисијата за урбанизам во следниот период ќе биде проширен.