Како кандидат за градоначалник на Општина Аеродром, јасно и конкретно ги претставувам моите приоритети за урбаните заедници Населба Лисиче, Горно Лисиче и Долно Лисиче – за подобар, похуман и побезбеден живот на сите жители, истакнува во денешното видео обраќање кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром на СДСМ и коалицијата д-р Александар Трајановски.
„Во Населба Лисиче, ќе се заложам за ревизија на Деталниот урбанистички план (ДУП) кој во сегашната форма не е во согласност со хуманото живеење, со бришење на висококатниците кои ја нарушуваат рамнотежата и инфраструктурниот капацитет на населбата. Ќе спроведеме целосна реконструкција на објектот „Пчелка 1“ – градинка „Буба Мара“, како и хортикултурно уредување на неискористените простори. Посебен фокус ќе ставиме на грижата за зеленилото, урбаната опрема, хигиената и безбедноста на граѓаните, како и субвенции за еколошки системи за затоплување на домовите – во насока на почиста и поздрава животна средина“, нагласува Трајановски.
Во своето обраќањење тој вели дека во Горно Лисиче, на потегот ул. Тодор Чангов – Ѓорѓи Капчев, ќе биде изработен нов ДУП кој ќе овозможи уреден и одржлив развој, со реконструкција на споредните улици и поставување на атмосферска канализација.
Трајановски најавува реновирање на детските реквизити во ООУ „Гоце Делчев“ и ефикасно решение за дивите депонии со засилена работа на комуналната полиција.
„Во делот Горно – Долно Лисиче, ќе изградиме велосипедска патека, ќе го прошириме и осветлиме патот кој ги поврзува двете населби, како и ќе обезбедиме редовно празнење на контејнерите и куќните канти. Ќе поставиме јавни чешми за вода и канти за отпадоци, ќе се изврши реконструкција на споредните улици и темелно чистење на шутот и дивите депонии, особено околу црквата и мостот на реката Вардар“, вели Трајановски.
Тој потенцира дека станува збор за мерки како дел од неговата визија за почиста, побезбедна и похумана Општина Аеродром, каде секој дел од општината ќе добие рамноправен третман и реални решенија за проблемите на граѓаните.


