Демократска обнова на Македонија (ДОМ) изрази длабоко разочарување и осуда поради најновите измени на Изборниот законик, кои според партијата создаваат системска блокада за независните кандидати за градоначалници и членови на општинските совети.
„Зад овие технички измени стојат груби политички манипулации и партиски договори кои ја кршат основата на демократското учество“, соопшти ДОМ.
Според партијата, измените следат по неодамнешната одлука на Уставниот суд, кој прогласи за неуставни првичните прагови од 1% од гласачите за потписи на независни кандидатури, но во законодавниот вакуум беа воведени речиси идентични 0,95%. Истовремено, неодговорни изјави на претседателот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, дека „де факто не постои потреба за собирање потписи за независните кандидати“, демотивираат граѓанските активисти и создаваат правна несигурност.
ДОМ го посочува владејачкото мнозинство (ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВЛЕН) како иницијатор на измените и предупредува дека поддршка најверојатно ќе добијат од СДСМ, кој го креираше првичниот закон. Партијата оценува дека ова здружување на „големите“ партии против независните кандидати ја ограничува слободата на политичко делување и внесувањето свежи идеи во локалната самоуправа.
ДОМ повикува на итно повлекување на измените, воведување јасни и правично спроведени процедури за потписи и изборно учество, како и флексибилни рокови за независните кандидатури. Партијата останува на страната на сите независни кандидати во борбата за вистински плурализам и демократска локална политика.