Дронови над избирачките места

грабеж во Гостивар

Полицијата ќе го следи изборниот ден со дронови. Бирото за јавна безбедност најави засилено полициско присуство кај гласачките места и на „сите потенцијално ризични локации“ за вториот круг од локалните избори во недела, со порака дека нема да има толеранција за незаконско однесување и дека секој обид да се наруши изборниот процес ќе биде санкциониран со брза и одлучна реакција. Ова не е само класично обезбедување избори. Ова е влез во изборен ден што ќе се надгледува и од воздух – со дронови.

Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев одржал координациска средба со раководствата на полициските сектори во градовите каде што во недела ќе се гласа. Разгледани се безбедносните состојби на терен и сценаријата што МВР ги смета за ризични. „Обврската на полицијата е јасна – да обезбедиме мирен, безбеден и демократски изборен процес, за граѓаните слободно да го остварат своето право без притисоци, страв или закани“, изјави Јанев. Тој најави дека полицијата ќе биде распоредена во близина на секое избирачко место, а дополнително ќе користи дронови за воздушен надзор.

Пораката што доаѓа од МВР е двослојна. Официјално, акцентот е на заштита на гласачите и на правото на глас без закана и без локален маалски притисок. „Секој што ќе се обиде да ги наруши законите и демократските правила ќе се соочи со професионална и решителна полициска реакција“, рече Јанев.

Во превод, државата сака да покаже дека контролата е во нејзини раце, а не во рацете на локални структури, партиски штабови или групи луѓе кои традиционално „дежураат“ пред училиштата и упатуваат кој кому му припаѓа. Ова е посебно чувствително во втор круг на локални избори, кога разликите меѓу кандидатите знаат да се мерат во неколку десетици гласови по избирачко место, а секоја сомнеж за притисок веднаш станува политички материјал.

Зачлени се на нашиот е-билтен