Претседателот на СДСМ Венко Филипче вечерва од граѓанската трибина „Се бориме за нашиот дом“ од Чучер Сандево испрати порака дека на изборите се враќа силата на народот, преку одлука која гарантира напредок и сигурна иднина, се враќа и СДСМ.
„Ситно броиме до нова победа во Чучер Сандево! За три дена, обединети во борбата за нашиот дом, во надежта за подобра иднина и љубовта кон татковината да испратиме јасна порака: Се враќа силата на народот, гласот на чесниот човек, се враќа СДСМ! Во недела сите заедно ќе порачаме дека избираме чесна работа, чесни кадри кои ги слушаат и кои работат за граѓаните. Недела е денот кога треба да донесеме најдобра одлука за нашиот дом, за нашето маало, семејство и иднината на државата. А најдобрата одлука е таа што гарантира напредок, која обезбедува сигурна иднина и која нуди перспектива. Тоа го гарантира и го може само СДСМ и нашите кандидати за градоначалници и советнички листи“, порача претседателот на СДСМ Филипче.
Филипче од граѓанската трибина повика на масовна излезност за слободна, а не заробена држава потенцирајќи дека на 19 октомври секој глас ќе се брои и секој глас за СДСМ е глас за ред и правда.
„На 19 октомври секој глас се брои и е важен. Вашиот глас во недела е глас за напредок, ред, правда и сигурност. Не дозволувајте да го оставиме нашиот дом на оние кои се оддалечени од народот, на оние што гледаат само свои интереси, што ни ги запуштија општините, а гледаме дека на добар пат се државата повторно да ја заробат. Во недела излезете масовно на гласање и осигурајте се дека иднината на општините, на државата, на Чучер Сандево, е сигурна, со луѓето што работат чесно, се грижат за секого и градат за сите и во секој населено место“, порача Филипче.