Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на вечерашната граѓанска трибина под мотото „Се бориме за нашиот дом“ во Крива Паланка, порача дека претстојните локални избори се клучен момент за иднината на земјата и избор помеѓу надеж и безредие.
„Во недела одлучуваме дали ќе живееме во држава со ред, правда и чесност, или во држава на хаос, корупција и привилегии за избраните. Ќе дозволиме ли повторно да го рушат нашиот дом, или сите заедно ќе го спасиме? Ова е време за единство, за борба против поделбите и лажниот патриотизам“, истакна Филипче пред бројните присутни граѓани.
Тој порача дека СДСМ секогаш стои на страната на граѓаните, во добри и во тешки времиња. „СДСМ е партијата што ја донесе независноста по мирен пат, што ја внесе Македонија во НАТО и ги отвори европските врати. Сега е време да ја вратиме надежта, да се избориме за држава со сигурност, правда и достоинствен живот,“ додаде Филипче.
Според него, концептот на СДСМ е општество во кое секој човек е важен, без поделби и привилегии. „Нашата борба е борба за враќање на граѓанскиот дух – за општество во кое никој не е над законот и никој не е под достоинството што му припаѓа,“ нагласи тој.
На трибината, лидерот на СДСМ ги повика граѓаните масовно да излезат на гласање во недела и да ја покажат својата сила со поддршка за бројот 5. „На Македонија ѝ се потребни промени. Секој глас за СДСМ е глас за враќање на надежта, за нов почеток и подобра иднина,“ порача Филипче.