Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денес ја посети општина Крушево, каде заедно со актуелниот градоначалник и кандидат за нов мандат, Томе Христовски, се сретна со жителите на селото Јакреново.
Разговорите беа посветени на досегашните постигнувања и на плановите за нови инфраструктурни и развојни проекти.
„Не би барал поддршка за човек и за тим во кој не верувам. Нема општина што ја води СДСМ, а да нема резултати. Секаде каде што имаме градоначалници, има работа, има проекти и има почит кон граѓаните,“ истакна Филипче, наведувајќи ги примерите од Центар, Крива Паланка, Кривогаштани, Дојран и Валандово.
Тој нагласи дека домаќинскиот пристап, отворената комуникација и исполнувањето на ветеното се она што ја издвојува СДСМ од нејзините политички противници.
„Нашите градоначалници не прават поделби, туку ги реализираат ветувањата – асфалтираат улици, градат водоводи и канализации, отвораат градинки и училишта. Тоа не морам јас да го кажувам – граѓаните го гледаат секојдневно,“ додаде тој.
Филипче во своето обраќање предупреди и на, како што рече, „обиди за поткуп и притисоци врз гласачите“, но апелираше граѓаните да не подлегнуваат и да дадат поддршка на оние кои работат чесно и одговорно.
„Кога има резултати, фер е да се даде поддршка. Нашите градоначалници се луѓе кои комуницираат со сите, без поделби, и можат со дигната глава да поминат по секоја улица,“ порача Филипче од Јакреново, најавувајќи континуитет на проекти што директно го подобруваат квалитетот на живот на граѓаните.
