Герасимовски со три барања до властите за хаосот со ѓубрето во Скопје

Герасимовски


Сите скопски општини, изминативе денови се соочуваат со сериозна криза во одржувањето на јавната чистота, откако повторно ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје веќе пет дена не го собираат сметот од улиците кадешто имаат надлежност.

Центар е една од тие општини кои се соочуваат со овој проблем подолг период, па затоа градоначалникот Горан Герасимовски, преку свое видео обраќање ја алармираше јавноста и побара итна реакција од институциите, упатувајќи три конкретни барања за надминување на ситуацијата. 

Првото барање на Герасимовски е итно свикување на седница на ЗЕЛС, каде, како што вели, општините ќе треба заеднички да најдат институционално решение за хаосот со сметот во главниот град.

„Утрово испратив допис до Управниот одбор на ЗЕЛС и се слушнав со директорката. Побарав итна седница на која ќе се разговара за овој проблем што веќе ги надминува сите граници“, изјави Герасимовски.

Второто барање се однесува на ангажирање дополнителна механизација и поддршка од другите општини, со цел времено расчистување на насобраниот смет. Герасимовски информираше дека веќе контактирал со свои колеги градоначалници од други општини за да добие помош во вид на механизација која би можела да се вклучи во чистењето.

Третото барање на Герасимовски е упатено до Владата, за да се размисли за прогласување на вонредна состојба, доколку проблемот продолжи и претставува закана по здравјето.

И покрај отсуството на ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје, тој потенцира дека екипите на Општина Центар работат во две смени.

Актуелниот градоначалник Горан Герасимовски, изминатава година е особено гласен за несобирањето на сметот од страна на градот. Тој организираше неколку големи акции за чистење со цел подигнување на свеста за почиста средина. Кампањата „Центар не чека, Центар чисти“ траеше еден месец и се реализираше по хаосот што го остави градското комунално претпријатие. 

Минатиот месец, беше изнајмена и дополнителна механизација за чистење на улиците.

Зачлени се на нашиот е-билтен