Ѓорѓиевски: Разликата од 60.000 гласови е рекордна, очекувам граѓаните масовно да излезат во вториот круг

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, во телевизиската дебата на „Канал 5“ со противкандидатот од Левица, Амар Мециновиќ, изјави дека ниската излезност на гласачите била клучната причина зошто не победил во првиот круг, но изрази увереност дека вториот круг ќе донесе поинаков резултат.

„Во недела, на 2 ноември, очекувам поголема излезност и победа. Граѓаните ќе препознаат кој има визија и резултати,“ рече Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски нагласи дека досега на локалните избори во Град Скопје не се случило противкандидатите да имаат разлика од 60.000 гласови, каква што, според него, постои меѓу него и Мециновиќ.

Тој додаде дека доаѓа од приватниот сектор, е политиколог по професија и дека е горд член на ВМРО-ДПМНЕ, со акцент на тоа дека „градот треба да се врати во рацете на луѓе со визија и искуство“.

Во текот на дебатата, Ѓорѓиевски го праша Мециновиќ дали ќе поднесе оставка како пратеник по можен изборен пораз. Мециновиќ одговори дека резултатот не е однапред одлучен, додавајќи:

„Во понеделник можеби јас ќе бидам победник.“

Двајцата кандидати се претставија пред јавноста со кратки биографии – Ѓорѓиевски како професионалец од приватниот сектор со долгогодишно политичко искуство, а Мециновиќ како млад политички активист кој студирал политички науки, работел различни професии и се вклучил во политиката преку Левица.

Според анализите, вториот круг од локалните избори во Скопје ќе биде еден од најнеизвесните досега, со силна мобилизација на гласачите од двете страни.

Зачлени се на нашиот е-билтен