Кандидатката за градоначалник на Општина Центар од „Независни заедно“, Билјана Ивановска, утре (19 август) ќе даде исказ во Јавното обвинителство по приватна кривична пријава поднесена на 18 февруари годинава. Таа вели дека не знае кој ја поднел пријавата, ниту на што точно се однесува.
Обвинителството минатата недела соопшти дека станува збор за приватна пријава. Ивановска наведува дека добила покана за распит истиот ден кога јавно ја објавила кандидатурата за локалните избори — потег што во јавноста беше протолкуван како политичка порака. Таа изјави дека полицијата дошла на нејзината адреса, а бидејќи не била дома, самата отишла во ОЈО и ја подигнала пријавата.
Ивановска одби да ја прифати понудата распитот да се одржи по завршувањето на изборите, велејќи дека не сака тоа да се толкува како политички притисок. „Ме повикуваат на разговор на 19 август. Немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и отпор против корупција и клиентелизам“, изјави таа.
Кандидатката порача дека кампањата ќе ја води со акцент на „враќањето на моќта кај граѓаните и нивното достоинство“. Од Обвинителството засега нема дополнителни детали за содржината на пријавата, ниту за следните чекори во постапката.