Ако се споредат резултатите од 2021, 2024 и 2025 година, овој аналитички бриф говори дека за една параболична слика на систем во рамнотежа, но без раст. Или: Изборите не произведоа победници, туку преживеани.
Андреја СТОЈКОВСКИ*
1. Општа слика
Локалните избори 2025 не донесоа драматични изненадувања. Покрај многу обиди, начинот на гласање е сепак поврзан главно со национални прашања, или со тенденцијата на граѓаните за гласање на национално ниво. На изборите претходеше кампања во која многу од политичките партии вложија максимално ниво на напори, некои вложија и многу финансиски средства. Без детална анализа на трендовите на гласање, излезност по периоди и резултат, до ниво на избирачко место, секако, без поинаков тип на информации, не можеме да тврдиме дали финансиите биле употребени на начин кој излегува надвор од правилата на кампањата и изборите. Она што беше видливо од кампањата беше дека многу од политичките партии и нивните кандидати преку слоганите кои ги избраа се обидоа да подготват терен во кој ќе можат да обвинат некој друг за изборниот неуспех, или пак, подоцна ќе можат да се оправдаат за неуспехот. Како поинаку да ги разбереме повиците за борба или одбрана, односно восклиците дека некој е сепак најпрвин или само човек.
Резултатски, основниот заклучок е дека ВМРО-ДПМНЕ остана доминантна сила со 301.799 гласови, но изгуби повеќе од 120.000 гласови во споредба со парламентарните избори 2024. СДСМ продолжи да паѓа, достигнувајќи историско плато со околу 125.800 гласови, додека падот на левиот центар го продолжува и ЗНАМ кои споредено со минатите избори изгубиле малку повеќе од една петтина од гласовите. Левица, иако имаат загубено гласови споредено со минатогодишните парламентарни избори, сепак, благодарение на локалниот карактер на изборите и фокусот кој го имаат на одредени општини, покажуваат одличен резултат со околу 57.000 гласови. За албанскиот политички блок, ДУИ и ВЛЕН остануваат стабилни. Нивните загуби се минимални и главно се одлеваат во најголемиот победник на изборите, малите партии и независните листи кои иако без ниту еден „победник“, сепак имаат забележано пораст за 10 пати, споредено со последниот изборен циклус во 2024 година, односно за повеќе од 30% споредено со последните локални избори во 2021 година.
Ако се гледа само Скопје, тогаш треба да се спомене дека Левица ја престигна СДСМ во повеќето општини, освен во Центар, што го потврдува поместувањето на урбаната публика кон нови и порадикални алтернативи. Истовремено, речиси 14.000 неважечки ливчиња во главниот град претставуваат сигнал за апатија и недоверба во партискиот систем.
Се на се, стандардна динамика на македонскиот политички систем.
2. Главни трендови
Ако во подлабока анализа на податоците од овие локални избори, како и споредбена анализа со податоците од парламентарните избори во 2024 година, односно локалните избори во 2021 година, тогаш заклучоците се следни.
Изборен циклус | ВМРО-ДПМНЕ | СДСМ | ДУИ | ВЛЕН | Левица | ЗНАМ |
Локални избори 2021 | 291,151 | 239,947 | 103,392 | 0 | 50,297 | 10,258 |
Парламентарни избори 2024 | 430,477 | 152,985 | 137,192 | 106,782 | 67,294 | 55,497 |
Локални избори 2025 | 301,835 | 125,838 | 114,246 | 91,974 | 57,065 | 38,392 |
Δ 25–21 (разлика) | +10,684 | –114,109 | +10,854 | — | +6,768 | — |
% (25 vs 21) | +3.67% | –47.56% | +10.50% | — | +13.46% | — |
Δ 25–24 (разлика) | –128,642 | –27,147 | –22,946 | –14,808 | –10,229 | –17,105 |
% (25 vs 24) | –29.88% | –17.74% | –16.73% | –13.87% | –15.20% | –30.82% |
ВМРО-ДПМНЕ ја задржа својата водечка позиција, но покажува знаци на заситеност на партиската гласачка база. Падот од парламентарните избори потврдува дека партијата е силна во бројки, но слаба во мобилизација, или уште поважно ранлива од актуелните случувања. Гласачите можеби им простија на некои од кандидатите на оваа партија од локалните избори во 2021 година, но ако нема нова енергија и испорачани резултати партијата ќе продолжи да ги губи урбаните општини и многумина од независните гласачи. За потребата од политичка свежина и повеќе резултати погледнете ги наглиот пораст споредено со 2021 година, но и исто толку наглиот пад во однос на 2024 година.
СДСМ се соочува со структурна криза која оди подлабоко од изборниот замор. Падот од речиси 50% за четири години открива многу повеќе проблеми кои можат да се поврзат со загубата на политички идентитет, а можат да имаат и многу посериозни проблеми. Низ анализата на резултатите, заклучокот е дека потребна е обнова на идеолошката линија која може да биде основа за коалициски капацитет на следното изборно соочување. Без вакво дејствување СДСМ ризикува да стане „трета“ сила, а не политичка алтернатива. Графичките податоци покажуваат постојан надолен тренд кој во моментов нема знаци на стабилизација.
Левица се наметнува како трета национална партија, но стагнира поради ограничената покриеност со изборни листи. Ако ова беа парламентарни избори, тогаш бројот на апсолутни гласови ќе имаше реален потенцијал за уште поголем пораст. Во партијата се бележи млада и повеќе урбана енергија, но, политички, партијата се движи на тенка линија меѓу протест и изолација. Вториот круг на изборите за градоначалник во Скопје ќе бидат јасен показател за капацитетот за владеење и коалицискиот капацитет на Левица.

ДУИ и ВЛЕН успешно ја стабилизираа биполарноста во албанскиот политички блок. Нешто што одамна никому не му успеало, му успеа на ВЛЕН. Партијата го потврди реформскиот капацитет, а покажува и инфраструктура за масовна мобилизација, особено со некои од резултатите кои ги демонстрираше во првиот круг. Од другата страна, монополот на ДУИ е нарушен. Паријата можеби ја држи се уште својата база, но заморот од долготрајното владеење е очигледен. Ниту една општина, ниту Чашка, нема да го замени горчливиот вкус од неуспехот во Чаир, но и од позиционирањето пред вториот круг.
ЗНАМ во апсолутни бројки забележа најголем пад на гласовите во однос на своето огнено крштевање, на парламентарните избори 2024 година. Партијата не успеа да ја претвори протестната енергија во резултат. Загубата од речиси една третина од гласовите, ја позиционира партијата под прагот на национална влијателност, со ограничено присуство и како симбол на загубениот центар.
Ако се споредат резултатите од 2021, 2024 и 2025 година, се добива параболична слика на систем во рамнотежа, но без раст.

Графиконот на процентуални промени покажува дека СДСМ и ЗНАМ имаат најизразен пад, додека ДУИ, ВЛЕН и Левица се движат околу границата на стабилност.
Апсолутните разлики пак, откриваат дека ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаат најголеми загуби во реални гласови, што потврдува дека доминацијата на едната и падот на другата не произлегуваат од нова поддршка, туку од неактивност на гласачите.
Во превод – изборите не произведоа победници, туку преживеани.
3. Локална психологија на гласањето
Во теоријата локалните избори се повеќе емоционални и лични. Граѓаните често гласаат за личност, а не за партија, што создава феномени на поделен глас, кога градоначалникот е од една, а советничка листа од друга партија. Оваа појава во Македонија не оди. Овде и на локалните избори гласаме според партиска припадност, блискост или инструкции; Гласаме како казна за одредена политичка опција, не за локалните неуспеси, туку за неуспесите на национално ниво и за дезориентираноста во однос на националните и глобални прашања. Нема подобар пример за ова од овие две слики:
- Граѓаните на Скопје при одење на гласање ги поздравија полни контејнери со ѓубре, некаде застоено со недели, не само со денови; Градот ни од близу нема решен и функционален јавен транспорт, сообраќајот е во постојан хаос, а загадувањето е вечен проблем. На последните локални избори победи кандидатката која партијата што ја предложи овој пат ја замени со друг кандидат. Новиот кандидат има најдобра шанса да победи во вториот круг.
- Пред седум месеци во Кочани се запали ноќен клуб кој опстојувал без лиценца подолг временски период. Тоа не се случило без знаење на локалната власт, ниту без соработка на централната власт. Во пожарот настрадаа 63 лица, главно млади, нечии деца. На последните локални избори сите најуспешни беа политичките партии, токму оние кои ја власта на локално, но и на централно ниво.
4. Скопје како политички барометар
Во Скопје, политичката карта од локалните избори 2025 открива длабоки промени во гласачката психологија и во урбаните навики на граѓаните. Левица ја престигна СДСМ во повеќето општини, освен во Центар, што го потврдува постепеното преместување на урбаната и младата публика кон порадикални алтернативи. Истовремено, речиси 14.000 неважечки ливчиња и ниската излезност укажуваат на сериозен „резервоар“ на апатични, но потенцијално опозициски гласачи – граѓани кои ја губат довербата во системот, но не и интересот за промена. Малите партии и независните листи имаат можност за раст, само доколку ја подобрат препознатливоста преку резултати и блискост со граѓаните, секако и преку подобра теренската организација.
За изборите и овој пат, главниот град еден вид на политички барометар: ВМРО-ДПМНЕ останува силна во периферните и руралните зони, Левица се шири во индустриските и студентските средини, а СДСМ се повлекува кон традиционалното јадро во Центар. Во оваа нова политичка реалност, гласачите сè повеќе гласаат од фрустрација, а не од надеж – изборите се користат како инструмент за казна, а не како израз на доверба во подобра иднина.
5. Национални и глобални рамки
Локалните избори, иако насочени кон секојдневните прашања, се одраз и на перцепциите за глобалните ориентации на партиите.
- Евроатлантската ориентација останува стабилна кај сите политички партии, освен кај Левица, која и натаму настапува со изразен суверенистички и антизападен дискурс.
- Пристапувањето во ЕУ е прифатено како цел, но не и како консензус за патот до таму. Некои условуваат, други се целосно за, трети ги одбиваат, а некои живеат во минатото. Овој судир околу уставните измени и пристапувањето беше неизбежен дел од изборната мобилизација.
- Надворешната политика на државата и учеството, односно позиционирањето во глобалните прашања (Русија–Украина, санкции, односот со САД/ЕУ, НАТО, итн.) е усогласена со сојузниците, но со различен степен на ентузијазам по партија и, се разбира по сојузник. Оваа линија влијае врз довербата кај урбаната, проевропска публика.
6. Можности и ризици по партија
- ВМРО-ДПМНЕ: треба да ја претвори победата во резултати. Без видливи локални реформи, ризикува да загуби барем уште малку од гласовите и да падне под својот историски просек.
- СДСМ: треба да направи целосен рестарт. Без посериозно внатрешно помирување и обединување, нема да бргу да се опорави. Секако, партии кои паѓаат над 20% во својата поддршка ретко се враќаат без целосна трансформација.
- Левица: треба својот раст да го канализира и задржи само ако се промени и го намали својот идентитет на протест, инаку ризикува никогаш да не се трансформира во релевантен чинител со коалициски или владејачки капацитет.
- ДУИ: останува најстабилна, но ја губи публиката, особено младите. Партијата има потреба од генерациски трансфер и фокус на добри локални практики, веројатно и реални проблеми кои излегуваат од рамките на националните, албански прашања.
- ВЛЕН: има шанса да го преземе водството во албанскиот блок, ако знае како да владее на локално ниво. Потребни и се програма и посветеност на борбата против корупцијата и транспарентно локално управување.
- ЗНАМ: има потенцијал да се консолидира како третополарна опција на левиот центар. Потребно е да ја надмине зависноста од неколку личности и да премине од медиумска видливост кон реално, резултатско политичко присуство.
- Независните: остануваат неконсолидиран, но растечки фактор. Нивниот успех ќе зависи од тоа дали ќе се обединат во суштинско граѓанско движење или ќе продолжат да делуваат изолирано – како симбол, но не и алтернатива.
7. Поглед напред
Постизборниот период отвора можност за рестарт на политичкиот и институционалниот живот, со јасна ориентација кон европските вредности и домашната одговорност. Потребно е дејствување во три насоки:
- Европската агенда како двигател на реформите – процесот на интеграција треба да стане рамка за внатрешна промена, а не само надворешна обврска. Испораката на резултати кон ЕУ е истовремено испорака кон сопствените граѓани, а преговорите се гаранција дека навистина се движиме напред.
- Локалните резултати како мерка за доверба – развојот на квалитетни јавни политики и доброто владеење треба да создадат локални економии кои ќе го поттикнат општиот развој. Време е локалните заедници да станат вистински центри на раст, иновации и вработување.
- Младите како креатори на иднината во која сакаат да бидат – потребен е системски пристап што ќе ги поврзе образованието, иновациите и претприемништвото. Само така ќе се создадат услови младите да ја градат својата иднина тука, а не да ја бараат надвор.
Имаме историска шанса да ја претвориме европската перспектива во домашен напредок, само ако партиите научат да слушаат, да соработуваат и да испорачуваат.
*Андреја Стојковски е еден од основачите на Институтот ПРЕСПА, а негов извршен директор е од февруари 2020 година.