На десеттиот ден од кампањата за Локалните избори 2025, кои ќе се одржат на 19 октомври, политичките партии, коалициите и независните кандидати продолжуваат со своите активности на терен – со митинзи и директни средби со граѓаните во повеќе градови и општини низ државата.
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата денеска ќе ги претстават своите кандидати во Сопиште, Шуто Оризари, Бутел и Карпош, додека СДСМ продолжува со кампањата во Долнени, Кривогаштани и Прилеп.
Левица најави активности во општините Аеродром и Центар, каде ќе се обратат претседателот на партијата Димитар Апасиев, кандидатот за градоначалник на Скопје Амар Мециновиќ, како и останатите кандидати за општински функции.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска напладне ќе одржи прес-конференција во Општина Шуто Оризари.
Прес-конференцијата ќе одржат и потпретседателот на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми, кандидатот за градоначалник на општина Врапчиште, Исен Шабани, и кандидатот за градоначалник на општина Теарце, Назим Таипи.
Кампањата за локалните избори завршува на 17 октомври на полноќ, по што настапува 24-часовен молк пред изборите на 19 октомври. Вториот круг ќе се одржи на 2 ноември.
Локалните избори 2025 се осми од независноста на државата, а четврти на кои се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Градот Скопје. Ќе се гласа на 3.480 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 кандидатски листи за членови на општинските совети или за вкупно 10 490 кандидати.
На изборите учествуваат 22 партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи односно независни кандидатури.
Најмногу кандидати за градоначалници има за Градот Скопје – шеснаесет.