Левица: Доследно се бориме за демократизација на изборниот процес

Партијата Левица денеска ја обвини ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, „политички циркус“ околу измените на Изборниот законик, по неуспешната вонредна седница што се одржа два месеца пред локалните избори.

Во партиското соопштение се наведува дека ВМРО-ДПМНЕ, иако претходно со ДУИ успеала да најде заеднички јазик за донесување на два системски закони, сега го оспорува Бадентеровото мнозинство, кое, според Левица, одеднаш станало пречка „кога треба да се овозможи вистинска демократска трка“.

„Ова се двојни аршини и перфиден обид за замајување на јавноста. Токму премиерот Мицкоски пред неколку месеци тврдеше дека мнозинството е стабилно и дека Бадентерот не е проблем. Денес гледаме спротивно“, стои во реакцијата.

Од Левица посочуваат дека иако Законот пристигнал само еден ден пред седницата, тие успеале да поднесат амандман со праг од 0,5 проценти, наспроти предложените 0,95. Амандманот, иако бил прифатен во комисиска расправа, на пленарна седница бил отфрлен.

„Со тоа уште еднаш се потврди дека ‘големите’ партии се подготвени да ги газат демократските принципи за да го задржат својот монопол на политичката сцена“, наведува Левица, додавајќи дека народот треба да ги „казни овие лицемерни и антинародни елити“.

Партијата потсетува дека уште во 2021 година се спротивставила на зголемувањето на прагот за независните листи, со блокирање на предлогот преку поднесување на близу илјада амандмани.

„Левица останува единствената сила што доследно се бори за демократизација на изборниот процес и рушење на привилегиите на компромитираните партии“, се додава во соопштението.

Зачлени се на нашиот е-билтен