Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) едногласно го усвои Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 — без промени во однос на нацрт-верзијата. Тоа практично значи дека останува важечката матрица за распределба на простор за платено политичко рекламирање по член 75-ѓ од Изборниот законик, рамка што не препознава партии со пратеничка група кои не се меѓу двете најголеми на власт или опозиција. Во овој состав во таа „сива зона“ спаѓаат Левица со шест пратеници и ЗНАМ со пет. Оттаму и оценката дека, de facto и de jure, Левица останува без државно платени реклами и надвор од пакетите за приватните телевизии според сегашното толкување на АВМУ и ДИК, и покрај тоа што е парламентарна партија, констатираат од ДИК извори за Рацин.мк по усвојувањето на Упатството.
Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, најави иницијатива со временска мерка до Уставниот суд за стопирање на Упатството, тврдејќи дека институциите прават „искривоколчено граматичко толкување“ на член 75-ѓ — нормата што им дава „најмногу“ време на двете најголеми владејачки и двете најголеми опозициски партии, но, според него, не исклучува распределба на остатокот за трети и четврти субјекти. Тој инсистира дека целта на законот е инклузивност, не монопол врз минутажата, и најави и граѓански тужби и меѓународна правна битка ако е потребно. Во извештајот на „Плусинфо“ Апасиев детално го образложува барањето до Уставниот суд и алтернативната формула за подела на секунди токму за да се избегне дискриминација на парламентарна партија.
Во правната позадина лежи конструкциски дефект: членот 75-ѓ прецизира вкупен лимит од 9 минути и 30 секунди на час и ги дели на „четири плус четири“ минути за најголемите владејачки и опозициски партии, една минута за субјекти со пратеници, но без пратеничка група, и 30 секунди за вонпарламентарни — но воопшто не предвидува категорија за парламентарни партии кои не се „прва двојка“ во блоковите. АВМУ, со необјавени измени во однос на нацрт-верзијата, остана на буквата на оваа шема, со што реалната политичка карта — повеќе од две релевантни партии по блок — не наоѓа одраз во рекламните пакети. Истиот проблем ја тангира и онлајн/печатарската дистрибуција на платени огласи, каде важи идентичен принцип.