Марија Среброва од Левица: Мирослав Лабудовиќ ја навредува интелигенцијата на Центарци

Марија Среброва, кандидатката на Левица за Општина Центар која не влезе во вториот круг, денеска ја оспори предизборната најава на Мирослав Лабудовиќ oд ЗНАМ за „12.000 денари финансиска помош“ за пензионерите, оценувајќи ја како навредлива и спротивна на духот на Изборниот законик. Таа, потенцира дека ова претставува навреда за интелигенцијата на Центарци и дека Центар никогаш не се купувал.

„Да им ветуваш по 12.000 денари ‘финансиска помош’ на пензионерите ако станеш градоначалник, тоа не е визија, тоа е навреда за интелигенцијата на Центарци. Господине Лабудовиќ, ние не сме публика за евтини ветувања во кеш. Центар никогаш не се купувал, туку секогаш мислел со своја глава,“ порача Среброва.

Таа потсети и на законската рамка, наведувајќи дека „според член 162 од Изборниот законик, секој што на избирачите ветува пари или материјална корист со цел да влијае врз нивната волја, прави кривично дело изборен поткуп, казниво со затвор од една до пет години“. Според Среброва, ова не е „било какво ветување“, туку „јавно кажано во официјален спот што се врти по телевизии за време на кампањата“.

„Институциите немаат право да спијат. Должни се да реагираат, да ја следат кампањата и да постапат – освен ако, можеби, не им одговара да гледаат, бидејќи станува збор за кандидат на ЗНАМ, коалициски партнер на власта,“ додаде таа, апелирајќи за брза и непристрасна реакција на надлежните.

Во својата изјава Среброва порача и дека „Центар не е место за политички експерименти со кеш и ветувања. А градоначалничката фотелја не е трговска маса, туку огледало во кое народот гледа кој навистина заслужува да стои исправен пред него.“

Вчера, и независната кандидатка за градоначалничка на Центар која не успеа да се пласира во вториот круг Билјана Ивановска ги демантираше наводите дека дава поддршка за Мирослав Лабудовиќ велејќи дека ниту со партии прави пазар, ниту повикува гласачи, откако Лабудовиќ изјави дека со Ивановска „имаат ист концепт и визија за Центар“ и дека очекува нејзините гласачи да го поддржат на 2 ноември. 

Зачлени се на нашиот е-билтен