Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од Левица, Амар Мециновиќ, во телевизиската дебата на „Канал 5“ со противкандидатот од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, изјави дека неговата поддршка произлегува од довербата на граѓаните, а не од организирани партиски структури.
„Јас добив 30.000 гласови од скопјани, и немам списоци како вас за да знам кој гласал за мене. Вие имате соработка со Мерко во Струга – не јас. Јас ја победив Шукова со 2.000 гласа во Аеродром, сигурно не гласале ДУИ за мене,“ изјави Мециновиќ.
„Мојот мандат е легитимен и активен“
Мециновиќ одговори и на критиките за неговата работа како пратеник, нагласувајќи дека неговиот мандат е легитимен и поткрепен со активност во Собранието.
„Јас го легитимирав мојот пратенички мандат. Кога ќе поднесат оставки 30 пратеници од вашата група кои збор немаат земено во парламентот, тогаш и јас ќе поднесам оставка – иако сум еден од најактивните пратеници,“ рече тој.
Мециновиќ додаде дека резултатот во првиот круг е доказ за растечката поддршка на Левица во Скопје, и дека неговата цел е „да се врати политиката во рацете на граѓаните, а не на партиските апарати“.
