Мециновиќ и Ѓорѓиевски во втор круг за градоначалник на Скопје

Орце Ѓорѓиевски од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и Амар Мециновиќ од Левица ќе се соочат во вториот круг од изборите за градоначалник на Град Скопје, кој ќе се одржи на 2 ноември.

Според податоците на Државната изборна комисија, по обработени 99,92% од гласачките места, Ѓорѓиевски освои 39,43% од гласовите (91.582 гласа), додека Мециновиќ доби поддршка од 13,20% гласачи (30.659 гласа).

„Продолжуваме во наредните две недели само за да ја потврдиме оваа голема, би рекол историска, победа“, изјави Ѓорѓиевски по објавата на резултатите. Од своја страна, Мециновиќ порача дека Левица направила пресврт на политичката сцена:
„Денеска граѓаните на Скопје покажаа храброст дека се подготвени да изберат поинаку. Левица испиша историја затоа што првпат во главниот град имаме кандидат кој не е поддржан од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.“

Во трката за советници во Град Скопје, најмногу гласови освои коалицијата „Твоја Македонија“ – 35,15% (81.649 гласа), потоа следуваат Левица со 11,83%, ВЛЕН со 11,77%, Националната алијанса за интеграција со 11,64% и коалицијата предводена од СДСМ со 10,59%.

Според податоците по обработени 86% од избирачките места, одѕивот на локалните избори во Град Скопје изнесува 48,46%.


Зачлени се на нашиот е-билтен