Кандидатот на Левица за градоначалник на Скопје, Амар Мециновиќ, на денешната прес-конференција изјави дека очекува натпартиска победа во вториот изборен круг и најави дека, доколку победи, и неговиот мандат ќе биде таков „во служба на сите граѓани“.
„Ако се случи победата, ќе биде натпартиска, а и мандатот ќе биде таков. Во недела Скопје треба да се соочи со системот. Со оваа политичка мобилизација, верувам дека Скопје може да ја однесе победата. На Македонија ѝ е доста од ароганција 30 години имаме ароганција од најнеспособните луѓе“, рече Мециновиќ.
Мециновиќ најави дека правниот тим на Левица ќе поднесе кривични пријави и тужби поради тоа што за време на изборната кампања бил јавно објавен неговиот единствен матичен број (ЕМБГ).
„Ова е страшна злоупотреба и кривично дело. Тоа е прашање на човекови права. Денес тоа се случува на мене, утре може на било кој од вас. Живееме во социопатска политичка култура“, истакна тој.
Мециновиќ обвини дека сите државни институции биле ставени во функција на победа на неговиот противкандидат од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски.
„Сите институции беа впрегнати за да му помогнат на Ѓорѓиевски. Тој ги имаше сите пари, сите медиумски привилегии, а граѓаните беа уценувани дека ако не победи тој, ќе живеат во смет. Тоа е политика на репресија, додека нашата е политика на комуникација и транспарентност“, изјави Мециновиќ.
Тој додаде дека изборната кампања била „една од најпрљавите во историјата на Македонија“ и дека биле забележани бројни кривични дела и напади врз интегритетот и семејствата на кандидатите.
Мециновиќ порача дека, ако победи, градската власт ќе се води од потребите на граѓаните, а не од бизнис интереси.
„Нашата власт нема да прави ниту бизнис пресметки, ниту економски калкулации на сметка на благосостојбата на луѓето. Ќе бидеме отворени за стручните мислења и ќе го следиме пулсот на граѓаните“, нагласи кандидатот.
Тој ги повика граѓаните да излезат на гласање на 2 ноември, како и неговите поразени противкандидати да му дадат поддршка во вториот круг.
„Време е за опција против режимот. Народот веќе не може да биде уценуван“, порача Мециновиќ.

