Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од партијата Левица, Амар Мециновиќ, во телевизиски дуел со кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, ја коментираше ниската излезност на гласачите во првиот круг од локалните избори 2025, оценувајќи дека тоа е резултат на долгогодишната недоверба во можноста за вистински политички промени.
„Излезноста почива на тоа што нашите граѓани не гледаат политички промени кога ќе дојде до трансфер на власта. Малата излезност е резултат на чувството дека нивниот глас нема тежина – дека не можат да ја сменат сопствената судбина,“ изјави Мециновиќ.
Мециновиќ нагласи дека народот не е деполитизиран, туку индиферентен и разочаран, бидејќи не верува дека преку избори може да се дојде до вистинска промена. Според него, вториот круг носи нови политички околности кои можат да ја раздвижат јавноста.
„Сега имаме различна ситуација – втор круг во кој се натпреваруваат ВМРО-ДПМНЕ и Левица. Верувам дека со самото тоа што живееме нова политичка реалност во Македонија, многу граѓани ќе се охрабрат и ќе излезат да гласаат,“ додаде тој.
При претставувањето, Мециновиќ изјави дека студирал политички науки, но сè уште не дипломирал. Пред вклучувањето во политиката работел различни професии, меѓу кои и како фриленсер. Неговата политичка кариера започнала како општински советник, а потоа станал пратеник во Собранието.
Со оптимистичка порака, Мециновиќ порача дека вториот круг ќе биде тест на довербата и дека граѓаните „ќе го препознаат моментот за промена“.
