Мицкоски прогнозира 85 илјади гласови помалку за ВМРО во споредба со претходните избори

Мицкоски прогнозира 85 илјади гласови помалку за ВМРО во споредба со претходните избори. Ова произлегува од неговата проценка искажана во интервју за Канал 5 кога рече дека очекува голем резултат на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, меѓу 350 000 и 360 000 гласови на советничките листи.  

– Не е тајна дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на сите анкети има предност во однос на СДСМ. Во кампањата се нивелираат десетина проценти од вкупниот процент на гласови кои се распределуваат обично пропорционално како што се распределени другите 90 проценти. Нема некои големи отстапувања и на овие избори би се задржал на прогнозите од пред кампањата. Чувствувам дека довербата на граѓаните е таа која ја имаме и дека бројките ќе бидат тие што ги кажав, рече премиеерот Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што е познато на изборите во 2024 година Коалицијата што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ, „Твоја Македонија“ освои 430.848 гласови, или 43,27 отсто од вкупниот број гласови.

Споредено со најновата прогноза на Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ на овие, локални избори, ќе има 85.000 гласови помалку. Тоа ја прави проблематична и другата негова проценка дека неговата партија ќе има помеѓу 45 и 50 градоначалнички места.

Ова дотолку повеќе што во 2021 година со освоените 430.848 гласови, ВМРО-ДПМНЕ имаше победа во 42 општини, што е речиси невозможно да се повтори и на овие избори со 85.000 гласови помалку.

Во однос на СДСМ, Мицкоски прогнозира под 150.000 гласови, што е помалку од изборите во 2024 година, односно, вели тој, до 140.000. Но и тука Мицкоски покажува некоја нелогична математика кога со тој број гласови предвидува само 6 градоначалнички места на СДСМ, но веројатно оваа нелогичност произлегува од неговата надеж дека тука ЗНАМ ќе замеша прсти и ќе земе дел од градоначалничките места на кои претендираат социјалдемократите на Венко Филипче.

За оние кои се прашуваат каде се „стопија“ 85-те илјада гласови на ВМРО-ДПМНЕ од изборите во 2024 година, одговорот треба да го побараатп популизмот на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо сериозни реформи и борба против широко распространетата корупција, владата се фокусира на симболични и бирократски мерки – како што се воведувањето нови регистарски таблички за службени возила и GPRS следење на движењето на државните автомобили – додека криминалот и корупцијата продолжуваат да цветаат во земјата.

Таквиот пристап генерираше подлабока недоверба кај граѓаните, додека локалните заедници под контрола на ВМРО-ДПМНЕ страдаат од недостаток на развој на инфраструктурата, слабо јавно управување и хронична неефикасност на локалната администрација.

Зачлени се на нашиот е-билтен