Мирни и демократски избори е оценката на ВМРО-ДПМНЕ за денешните Локални избори. Потпретседателот на партијата Тимчо Муцунски на првата прес-конференција по затворањето на избирачките места во 19 часот во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека коалицијата што ја предводат ќе победи во најголем дел од општините. Очекуваме, додаде тој, и повеќе гласови и повеќе градоначалници од минатите избори.
– Македонија имаше мирни и успешни избори кои ги задоволуваат највисоките критериуми за демократски изборен процес. Можеби најпримерните и најмирни избори во нашата понова историја. Затоа заслугата ја имаат пред се граѓаните на Македонија. Благодариме на сите граѓани, на нивниот одѕив, на нивната решителност, нивната одлучност и континуирана желба да ја наградат работата, проектите и да бидат на вистинската страна, рече тој.
Очекуваме, како што кажа, огромна победа која ќе биде прослава на волјата на граѓаните, но и порака за сите оние кои ја влечат на дното на погрешната страна во целосна безидејност, без концепт и без визија. – Македонија денес одлучи да стави крај на тоа, додаде Муцунски.
– Некои информации кои говорат за извесни нерегуларности и обвинувања кои треба да фрлат дамка на изборниот процес и гледаме како стратегија на СДСМ и на нашите политички противници за барање алиби за поразот кој очигледно следи, рече тој и посочи дека очекувано е таа партија да се реформира.
Според Муцунски, победата ќе биде чиста и јасна и тоа за нив како владејачка партија ќе биде одговорност која не смеат да ја изневерат.