Претседателот на Собранието Африм Гаши закажа итна седница за 16 август, на која ќе се гласа за предложените измени на Изборниот законик. Со нив, независните кандидати за учество на избори би можеле да се кандидираат со потписи од 0,95% од запишаните гласачи во изборната единица, наместо досегашниот праг од 1%.
Предлогот, поднесен од координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, предвидува намалување на потребниот број потписи како за парламентарни, така и за локални избори. Според примерот со Град Скопје, каде на локалните избори во 2021 година беа регистрирани 467.373 гласачи, тоа значи дека наместо 4.673, независните кандидати ќе треба да соберат 4.440 потписи – 233 помалку од досегашното правило.
Измените вклучуваат два нови члена во Законикот:
- За кандидатски листи за пратеници поднесени од група избирачи, ќе биде потребно да се соберат најмалку 0,95% потписи од запишаните гласачи во изборната единица. За изборни единици во странство, потребни се најмалку 1.000 потписи.
- За кандидатски листи за советници и градоначалници, исто така ќе важи условот од 0,95% потписи од запишаните гласачи во општината или Град Скопје.
Намалувањето на прагот следи по реакциите на повеќе граѓански иницијативи, кои започнаа да собираат потписи за формирање партии, откако и власта и опозицијата се согласија да им го ограничат настапот како независни листи. За регистрација на нова партија потребни се 1.000 потписи од целата територија на државата.
Во очекување на изборите, заедничка партија под името „Независни заедно“ ќе формираат иницијативите „Шанса за Центар“, „Зелените од Гази Баба“ и „Групација 389“. Посебно ќе настапи „Зелен хуман град“, кој ќе го задржи истото име како политичка партија.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот на 2 ноември.