Ивановска најавува ревитализација на СРЦ „Кале“ – спортот мора да биде достапен за сите

Кандидатката за градоначалничка на Општина Центар, Биљана Ивановска, од коалицијата „Шанса за Центар“ и поддржана од платформата „Независни заедно“, денеска го претстави планот за обнова на спортско-рекреативниот центар „Кале“ – објект кој, како што посочи, со години пропаѓа поради штетни договори и нефункционално управување.

На прес-конференцијата одржана на терен, Ивановска истакна дека приоритетот на нејзината програма ќе биде здравјето на граѓаните, а со тоа и спортот како негова основа. Според неа, „Кале“ има огромен потенцијал, но е оставен да тоне во запуштеност.

„Нашата цел е спортот да не биде привилегија на малкумина, туку достапен за сите – посебно за младите. СРЦ Кале мора да биде реконструиран и повторно ставен во функција, со јавна и транспарентна намена“, рече Ивановска.

Планот на коалицијата предвидува соработка меѓу општината и централната власт за вклучување на „Кале“ во мрежата на современи спортски и рекреативни капацитети, достапни за ученици, студенти и сите граѓани. Во тој контекст, Ивановска најави и опремување на објектот со нова инфраструктура и отворени програми за масовен спорт.

Јана Белчева-Андреевска, носителка на листата за Совет на Град Скопје, нагласи дека локацијата на „Кале“ претставува урбан потенцијал од стратешко значење за целиот град. Таа подвлече дека објектот има капацитет да прими до 3.000 луѓе, што е сериозен ресурс за граѓаните ако се стави во функција на заедницата, а не во интерес на политички или бизнис елити.

Од аспект на екологија и управување со јавниот простор, Јане Димески, носител на листата за Советот на Општина Центар, се осврна на проблемот со дивата депонија во близина на локацијата. Тој го критикуваше системот на управување со отпад и предложи решенија како поставување локации за собирање кабаст отпад, видео надзор и воведување компостари за ПОЦ.

„Мора да излеземе од средновековниот модел на управување со отпадот. Ни треба селекција, контрола и функционален систем кој нема да создава диви депонии во срцето на градот“, рече Димески.

На крајот, Ивановска ги повика граѓаните на Центар да излезат и да гласаат на локалните избори на 19 октомври, нагласувајќи дека е време за промена и за враќање на јавните добра во рацете на граѓаните.

„Да ја избереме одговорноста и транспарентноста наместо негрижата и корупцијата. Време е за достоинствен живот во Центар“, порача таа.

Зачлени се на нашиот е-билтен