Групата „Независни за Карпош“ официјално потврди дека на претстојните локални избори ќе учествува со своја граѓанска листа, задржувајќи ја независноста како главен принцип на делување. Во објава на социјалните мрежи, тие наведуваат дека самостојниот настап им овозможува флексибилност и побрзо прилагодување на барањата и приоритетите на граѓаните, нешто што, според нив, е потешко остварливо во рамки на големи политички партии.
Од групата истакнуваат дека приклучување кон партија отсекогаш било последна опција, а сè додека постои можност за зачувување на независноста, ќе продолжат да го следат граѓанскиот модел на работа.
Со оваа одлука, „Независни за Карпош“ се повлекуваат од иницијативата за заедничко формирање политичка партија со други независни групи, нагласувајќи дека „конфузијата и неизвесноста“ во дел од тие процеси нема да ги одвратат од нивната визија за подобар квалитет на живот во општината.