„Орли“ против „Врапчиња“: вербална ескалација меѓу ВМРО–ДПМНЕ и ДУИ пред стартот на кампањата

Фотографија од средбата Ахмети-Мицкоски во Собранието на 8 ноември 2021 година
Фотографија од средбата Ахмети-Мицкоски во Собранието на 8 ноември 2021 година

Политичката реторика влезе во висока брзина уште пред официјалниот почеток на локалната кампања. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, од конвенцијата на Националната алијанса за интеграција му порача на Христијан Мицкоски: „Млад си, размисли добро… Мицкоски со кучиња оди на лов на зајаци, но не и на орли… Орли, летајте високо во синилото, кучиња, чувајте се од зајаци“, при тоа инсистирајќи дека Рамковниот договор е столб на мирот и дека албанските права не смеат да се релативизираат.

Одговорот дојде брзо од ВМРО–ДПМНЕ, со напад врз ДУИ и Ахмети дека „не се орли, туку врапчиња“, за што партијата додава и обвиненија за системска корупција и пазарења. „На Албанците одамна им е преку глава од Ахмети… ДУИ ќе ги изгуби речиси сите општини“, соопштија од владејачката партија, алудирајќи и на наводни „тендерски“ практики и политички дилови.

Пораките се испратени во атмосфера на заострена реторика на повеќе фронтови. Ахмети паралелно ги обвини „противниците на НАИ“ дека креираат меѓуетнички тензии, повикувајќи на мобилизација за „европска Македонија“ со активна поддршка од САД, ЕУ и НАТО. На истата сцена Арбен Таравари го означи 19 октомври како „национален плебисцит“ и „голема албанска победа“.

Серијата остри реплики и контрареплики ја кристализира матрицата на кампањата: идентитетска и статусна симболика („орли“, „врапчиња“) што ја засенува програмската дебата, додека блоковската мобилизација станува клучна алатка за излезност и зацврстување на јадрата. Како што се приближува денот на гласање, останува прашањето дали политичките пораки ќе се преселат од метафори во мерливи понуди за локалните заедници.

Зачлени се на нашиот е-билтен